• среда, 20 ноември 2024
МИА Флеш

  14 октомври 2024

 

Атина – Премиерот Христијан Мицкоски и шефот на грчката дипломатија имале куса средба на маргините на Самитот на Берлинскиот процес, според фотографиите што на платформата Икс ги објави Министерството за надворешни работи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкото МНР информираа дека Герапетритис имал куси размени на мислења на Самитот во Берлин и објавија фотографии, а освен со Мицкоски, разговарал и со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски.

Скопје – Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, денеска се одржа свеченост по повод заклетва на 28. класа студенти питомци, каде свое обраќање имаше претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова, како и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Сиљановска – Давкова во своето обраќање истакна дека е горда на припадниците на Армијата, нагласувајќи дека државата мора да се грижи за офицерскиот подмладок. Според претседателката, најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал, за што сведочат, рече, постојаните активности и учества при справување со кризи и непогоди. 

Скопје - До среда ќе се задржи сончево и релативно топло време со појава на локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за слаба магла или ниска облачност.

Од Управата за хидро-метеоролошки работи најавуваат дека од четврток ќе има зголемена облачност, а во петок и сабота повремени локални врнежи од дожд. Дневните температури ќе бидат во опаѓање.

Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков е задоволен од сработеното во првите 100 дена од работата. Најавува нови проекти и иницијативи кои ќе ја унапредат културната понуда. Ветува дека Скопје ќе има Универзална сала која ќе биде готова до 2028 година, но дека таа ќе биде изградена на законски и легален начин.

На денешната прес-конференција, Љутков посочи дека Универзалната сала е преземена од Град Скопје на незаконски начин со бројни прекршувања на законските прописи во постапката за преземање и во постапките на спроведување на јавните набавки. 

Скопје - Заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков во Берлин учествуваше на 6-тиот Форум за млади од Западен Балкан во рамките на Самитот 2024 кој е дел од Берлинскиот процес.

Таа пред присутните зборувала за приоритетите и политиките за млади кои се дел од програмата на македонската Влада и отворените можности за младите посебно во делот на едукација на формално и неформално образование при членството во Европската Унија за нашата земја.

Скопје - Претставници од Бордот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска пристигнуваат во петдневна посета на Северна Македонија, за време на која ќе се сретнат со владини претставници, претставници од граѓанскиот сектор, инвеститори и претприемачи.

Целта на посетата, како што соопштуваат од ЕБОР, е да се запознаат со економската и инвестициона клима, и да ги идентификуваат клучните области на ангажманот на ЕБОР, во насока на интензивирање на деловниот и политичкиот дијалог.

Скопје - Општина Ѓорче Петров повторно ги вклучува граѓаните во изготвување на буџетот. Како и минатите две години, жителите на оваа општина повторно ќе имаат можност да учествуваат во креирање на буџетската каса за 2025 година, информираат денеска од Општината.

Оттаму велат дека целта е сите заедно да ги испланираат и да ги реализираат приоритетите кои ќе ја направат општината подобро место за живеење.

Скопје - Во текот на празничниот продолжен викенд, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје подигнаа и транспортираа приближно 70 кубни метри отпад од десетина диви депонии лоцирани во скопските општини Аеродром, Центар, Карпош и Чаир.

Подгорица - Според податоците на Централната банка, во Црна Гора има 89 граѓани кои на сметките во комерцијалните банки имаат повеќе од милион евра. Иако бројот на милионери расте, финансискиот консултант Стеван Гаевиќ посочува дека тоа е мал број во однос на бројот на населението, пренесува Градска ТВ.

Подгорица - За да стане членка на Европската Унија до 2028 година, Црна Гора мора да ги унапреди демократските реформи, а првиот чекор е реформата на изборното законодавство, порачаа експертите за политички партии при ОБСЕ, а кои претстојуваат во Црна Гора.

Проблемот е законот за финансирање на политичките партии и изборните кампањи. Подобрувањето на овој закон е клучно ако сакате институционализирани партии, рече Фернандо Касал Бертоа од ОБСЕ, пренесува РТЦГ.

Приштина – Косовската полиција соопшти дека во соработка со косовската царина запленила значително количество стока за која постои сомневање дека е шверцувана од Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според денешното соопштение на полицијата, вредноста на шверцуваната стока, без царинско затајување, се проценува на околу 120.000 евра.

Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама, во пресрет на отворањето на прифатниот центар во Шнѓин и кампот во Ѓадр, каде ќе бидат сместувани имигранти, во интервју за „Ројтерс“ отфрлил секаква можност за договор со друга земја од ЕУ, освен Италија, за прием на имигранти, пренесуваат албанските медиуми.

Додал дека Албанија склучила договор со Италија да ги прифати бегалците кои пристигнуваат таму, за да помогне во спречувањето на нерегуларната миграција во ЕУ.

Загреб - За да се обезбеди непречена обука на пилотите на Рафал, задачата на дежурното борбено дуо привремено ќе се извршува од воздухопловните бази на соседните сојузнички земји Италија и Унгарија.

Министерството за одбрана на Хрватска веќе извести дека заштитата на суверенитетот на хрватскиот воздушен простор ја вршат хрватските повеќенаменски борбени авиони Рафал, но привремено Рафалите не формираат дежурно борбено дуо за да не влијаат на интензитетот на обуката на пилотите и безбедноста на летот и непотребно да трошат материјал, персонал и финансиски ресурси.

Брисел - Локалните избори, што вчера се одржаа во Белгија, се очекува да стави крај на неизвесноста околу формирањето на нова Влада во земјата што трае од парламентарните избори во јуни годинава, откако вчерашното гласање ја зацврсти позицијата на кандидатот за нов бриселски премиер и лидер на десничарската Новата фламанска алијанса (Н-ВА), Барт де Вевер, чија партија има најмногу пратеници во Федералниот парламент. 

Брисел - Советот на ЕУ усвои две нови директиви кои имаат за цел да им ги олеснат патувањата на лицата со посебни потреби низ територијата на Европската Унија, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Станува збор за директивите за воведување на европска картичка за инвалидитет и на европска паркинг картичка за лицата со посебни потреби. 

Брисел - Контроверзниот нов план на Полска за одбивање на мигранти кои доаѓаат преку границата со Белорусија ризикува да ги прекрши обврските на земјата за човекови права, предупреди денеска Европската Унија.

Премиерот на Полска Доналд Туск претходно изнесе предлог за нова стратегија за миграции која вклучува „привремено територијално суспендирање на правото на азил“.

Брисел - Советот на ЕУ денеска воведе нови рестриктивни мерки против седум поединци и седум субјекти поврзани со трансфер на ирански проектили и беспилотни летала во Русија.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, денешната одлука следи по укажувањето на Европскиот совет од март годинава дека ЕУ ќе одговори, вклучително и со нови рестриктивни мерки, доколку Иран и достави балистички ракети и соодветна технологија на Русија, што би се користеле за напади врз Украина. 

Техеран - Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи ги демантираше наводите дека Иран испраќал балистички ракети во Русија за користење во војната во Украина.

- Јасно кажав и повторувам: не сме испратиле балистички ракети во Русија. Ако на Европа ѝ треба нешто за да ја смири израелската уцена, подобро е да најде друга приказна, нагласи Аракчи.

Пјонгјанг - Војската на Северна Кореја планира да ги минира патиштата што водат од земјата кон Јужна Кореја, по значителната ескалација на реториката меѓу двете земји во изминатите неколку недели.

Од северниот дел на Корејскиот полуостров ги обвинуваат своите јужни соседи дека користат дронови за испраќање „пропаганда“ критикувајќи го владеењето на Ким Џонг-Ун.

Хјустон - Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација - НАСА работи на последните подготвки за лансирање вселенско летало до Јупитеровата месечина Европа, којашто се смета за една од најперспективните точки во нашиот Сончев Систем, во потрагата по живот вон Земјата. Се работи за обид да се открие дали овој природен сателит на Јупитер, составен од огромен океан и мраз над него - е погоден за живеење?

Тајпеј - Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те денеска вети дека ќе го „заштити демократскиот Тајван“ додека Кина спроведува големи воени маневри околу островот.

-Соочени со надворешни закани, би сакал да ги уверам моите сонародници дека владата ќе продолжи да го поддржува демократскиот и слободниот уставен систем, да го штити демократскиот Тајван и да ја чува националната безбедност, рече Лаи, кој свика состанок за национална безбедност утринава.

Вашингтон - Вооружениот осомничен кој беше уапсен на пат кон митинг на Доналд Трамп во Калифорнија, ги негираше тврдењата на локалниот шериф дека сакал да го убие поранешниот претседател.

Вем Милер (49) наводно тврдел дека го поддржува Трамп еден ден откако му беа врзани лисици во саботата попладне во близина на митинг во долината Коачела на контролен пункт - каде што замениците на шерифот пронајдоа пар пиштоли и муниција во неговиот автомобил.

Манчестер - Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, го смета напаѓачот на Интер Мајами, Лионел Меси за најдобар фудбалер во историјата.

- Меси покажува доследност на секои три дена веќе 15 години. Морав да го гледам секој ден. Тој е уникатен, изјави Гвардиола за „Che Tempo Che Fa“.

Гвардиола беше тренер на Меси во Барселона од 2008 до 2012 година. Заедно трипати станаа шампиони на Шпанија, двапати го освоија националниот Куп и Лигата на шампионите.

 

Тагови

Остани поврзан