• среда, 01 јануари 2025

Мицкоски: Ако некој знае каде се наоѓа Груби, се надевам дека ќе биде повикан во Обвинителството

Мицкоски: Ако некој знае каде се наоѓа Груби, се надевам дека ќе биде повикан во Обвинителството

Скопје, 30 декември 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски се надева дека Обвинителството ќе го повика лидерот на ДУИ Али Ахмети кој, како што пренесоа вчера косовските медиуми, изјавил дека поранешниот вицепремиер Артан Груби се наоѓа на албанска територија и дека ќе се врати во земјава само ако нема одмазничка и селективна правда. 

- Се надевам дека ова допира до Обвинителството и има правна процедура во којашто ако имаме личност која знае каде се наоѓа бегалец од законот дека ќе ја повика таа личност и таа ќе даде одговор на прашањето каде се наоѓа бегалецот од правдата. За се останато можам да дадам коментар дека на секого во државата му е јасно како се поставуваа обвинители и судии изминативе седум години. Истите тие без кои не можеше да помина квалификацијата преку Акадијата на судии и јавни обвинители, сега велат дека правдата некому му била оневозможена и дека ова било политички прогон. Да потсетам - именуваното лице бегалец се наоѓа на листата на санкции на САД и таму јавно велат дека ова лице заедно со едно друго се поврзуваат со големи коруптивни скандали. Претпоставувам дека нема да го обвинат и Стејт депарментот дека прави политички прогон, изјави денеска Мицкоски. 

Според премиерот, најлесен начин да се докаже дали некој е виновен или не, е да дојде, да даде исказ и да се соочи со правдата.

- Нема ништо лошо во тоа да дојдеш и да кажеш дали си во право или не, а обвинителите и судиите да одлучат понатаму што и како. Ние не се мешаме, тие нека одлучат врз основа на доказите што ќе ги добијат од истрагата, рече Мицкоски.

Од републичкото Јавно обвинителство денеска излегоа со информација дека за Груби е распишана национална и меѓународна потерница и оти домашните и меѓународните органи задолжени за извршување на тие наредби имаат овластување да ги преземат сите неопходни мерки вклучително и да повикаа други лица доколку тие имаат сознанија каде се наоѓа осомничениот. 

- Јавното обвинителство издаде наредби за распишување национална и меѓународна потерница за осомниченото лице. Домашните и меѓународните органи задолжени со извршување на тие наредби ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по лицето, вклучително и да повикуваат и да вршат разговори со други лица кои би можеле да имаат некои сознанија за локацијата на која се наоѓа осомничениот, се наведува во одговорот од ЈОРСМ. бак/лв/

Фото: МИА 

Остани поврзан