• сабота, 23 ноември 2024
МИА Флеш

24 октомври 2024 

Скопје - Ние имаме јасна цел, а тоа е да се отвори кластерот фундаментални вредности што е можно поскоро. Речиси сме таму, треба да поминат уставните промени на кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи. Со заеднички дијалог се надевам дека сите политички сили ќе се здружат во земјата и ќе направат потребните заеднички чекори за напредок и уверена сум исто како и вас дека можеме да ги надминеме пречките кои постојат, рече претседателката на ЕК Урсула Фон Дер Лајен на заедничката прес-конфернција со премиерот Христијан Мицкоски. 

- Драг Христијан, бидете сигурен дека проширувањето ќе остане врвен пориоритет на Европската комисија во следните пет години. Сега ги имаме сите потребни алатки и инструменти за да го овозможиме тоа, рече таа.

Претседателката на ЕК посочи дека Северна Македонија постигна многу и дека покажа одлучност во преземањето на секој чекор.

Скопје - Техничката помош на Трезорот на САД е добредојдена и корисна во унапрдувањето на управувањето со јавните финансии. Со експерти од Трезорот на САД се работи во повеќе сектори во Министерството за финансии, Царинската управа и Управата за јавни приходи, а се темели врз основа на потпишан Договор помеѓу МФ и Канцеларијата за техничка помош на МФ на САД. 

Ова беше констатирано на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со Лијен Тран заменик-помошник секретар за техничка помош во Трезорот на САД, Ребека Горин од Канцеларијата за Европа и со помошници директори коишто се инволвирани во активностите во земјава.

Скопје -  Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија заклучно со првиот квартал годинава изнесува 1.928.611, од кои 984.939 резиденцијални постпејд претплатници, 249.194 деловни постпејд и 694.478 припејд. 

Споредбата од податоците на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за состојбата на пазарот на електронски комуикации  покажува дека продолжува падот на бројот на претплатници во мобилната телефонија откако во четвртиот квартал  минататата година беа регистрирани 1.950.114, а во третиот квартал минатата година 2.074.021. 

Скопје - Младите во Северна Македонија најмногу од сите држави во Југосточна Европа изрази желба да да ја напуштат земјата поради лошиот социјален, животен и економски стандард и услови. Истражување на Фондацијата „Фридрих Еберт“ покажало 42,67 отсто младите во земјава сакаат да емигирираат во странство.

Втора во регионот е Албанија каде што 36,95 отсто од младите лица би сакале да заминат надвор од државата, а потоа следуваат Грција со 31,26 отсто,  Босна и Херцеговина 31,18, Косово, 27,83, во Србија и Словенија 25, во Хрватска тој процент е 21,26, а во Црна Гора 2,59.

Младите во Бугарија и во Романија, според истражувањето, покажале најмала желба за емигрирање.

Најчест мотив на младите за иселување од матичните земји се економските фактори и можности.

Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан во говорот пред илјадници поддржувачи во Будимпешта рече дека ЕУ се обидува да ја собори неговата влада и да воспостави марионетски режим во Унгарија.

Тој во средата одржа говор по повод унгарскиот национален празник во чест на антисоветското востание од 1956 година и повлече паралели меѓу историската странска окупација и современата политика на ЕУ, пренесе Њузвик.

„Независна унгарска политика е неприфатлива за Брисел. Затоа таму најавија дека ќе се ослободат од националната влада на Унгарија. Тие најавија и дека ќе формираат марионетска влада во Брисел“, рече Орбан.

Рим - Десничарската влада на Италија денеска беше критикувана бидејќи Министерството за одбрана ја прославуваше битката од Втората светска војна во која беа поразени фашистичките сили на Бенито Мусолини.

Во средата, по повод годишнината од битката кај Ел Аламеин во Египет во 1942 година, Министерството за одбрана на социјалните мрежи објави дека конфликтот меѓу силите на Оската и сојузниците е „херојски и трагичен“, оддавајќи им почит на италијанските војници кои, како што беше наведено, ги „жртвуваа своите животи за нашата слобода“.

Париз - За зајакнување и проширување на либанската армија и обнова на уништената инфраструктура на земјата ќе биде потребна меѓународна поддршка, изјави привремениот либански премиер Наџиб Микати на конференција во Париз.

Микати рече дека либанската влада одлучила да регрутира повеќе војници и може да распореди 8.000 војници како дел од планот за спроведување на прекинот на огнот и Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, која предвидува распоредување на армијата во јужен Либан.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој денеска отвори меѓународна конференција во Париз посветена на собирање хуманитарна и воена помош за Либан, најави дека неговата земја ќе обезбеди пакет помош од сто милиони евра за поддршка на Либан.

Брисел - Русија не успева да ја добие поддршката што ја бара од земјите на БРИКС, изјави денеска портпаролот на Европската комисија како одговор на прашање поврзано со состанокот во Казан.

Портпаролот додаде дека тоа ја покажува меѓународната изолација на Москва.

-Состанокот беше обид на (рускиот претседател Владимир) Путин да го злоупотреби руското претседавање со БРИКС за да се надмине меѓународната изолација, рече портпаролот.

Москва - Долниот дом на рускиот Парламент, Државната дума, денеска го ратификуваше договорот за партнерство меѓу Русија и Северна Кореја.

Според документот, доколку една од страните биде подложена на вооружен напад, другата веднаш ќе и пружи воена и друга помош.

Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го потпишаа пактот за време на посетата на Путин на Пјонгјанг во јуни.

Москва - Палестинската милитантна група Хамас сака Русија да изврши притисок врз палестинскиот претседател Махмуд Абас да започне разговори за формирање влада на национално единство во повоена Газа, изјави Муса Абу Марзук, висок претставник на групата по разговорите во Москва, пренесуваат британските медиуми.

Абу Марзук , член на политичкото биро на „Хамас“, во Москва се сретна со рускиот заменик министер за надворешни работи Михаил Богданов.

-Разговаравме за прашања поврзани со палестинското национално единство и создавање влада која ќе управува со Појасот Газа по војната, рече Марзук. 

Казан - Рускиот претседател Владимир Путин денеска ја отвори пленарната седница во рамките на самитот на БРИКС во Казан, што се одржува во проширен формат (БРИКС+).

Путин претседава со состанокот, чија работа е планирана во две фази - прво седница, а потоа и дискусија на присутните, пренесуваат руските медиуми.

-Овој пат Русија како претседавач ги покани најблиските соседи на Русија, пријателските земји со кои споделуваме заедничка животна историја, рече Путин на отворањето на состанокот.

Казан  - Западот ја користи Украина за да создаде критични закани за безбедноста на Русија, игнорирајќи ги виталните интереси на Руската Федерација, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.

-Се кршат принципите на еднаква и неделива безбедност. Се поттикнуваат меѓудржавни конфликти и меѓусебни конфликти, рече Путин во обраќањето на самитот на БРИКС во проширен состав во Казан, пренесоа руските медиуми.

Техеран - Голем пожар избувна во иранската нуклеарна централа во Караџа, која се наоѓа западно од главниот град Техеран.

Според првичните информации, пожарот предизвикал сериозна штета на еден објект, а противпожарната единица успеала брзо да го стави под контрола.

Фотографиите од местото на настанот ја покажуваат оштетената зграда со црни траги од пожарот и уништените врати, што укажува на интензитетот на експлозијата што најверојатно му претходела на пожарот.

Остани поврзан