• четврток, 17 октомври 2024
МИА Радио флеш

17 октомври 2024

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе ја посети Општина Брвеница, при што ќе присуствува на пуштање во употреба на улицата 1 со краци 1,2,3 и 4 во село Радиовце.

Проектот е финансиран од Светска банка преку Министерството за транспорт, во висина од 11.685.536 денари, оопшти владината прес служба.

Според агендата, Мицкоски потоа ќе изврши увид во реконструкција на ООУ „Коста Рацин“ во село Брвеница. Проектот е во вредност од 20.298.797 денари, финансиран од Министерството за образование и наука, а опфаќа замена на кров, фасада, внатрешни врати, подови, ѕидови и плафони.

Премиерот Мицкоски ќе присуствува на пуштање во употреба на улицата „Дубрава“ со краци 1,2 и 3 во село Брвеница, Општина Брвеница. Проектот е во вредност од 7.715.274 денари, финансиран од Светска банка преку Министерството за транспорт.

Скопје - Владата е силно посветена на изградба на нова железничка мрежа во земјата и водејќи се од севкупниот економски развој и регионалното поврзување, а во духот на евроинтегративниот процес и потребата од модернизација и доизградба на европските транспортни коридори, останува целосно посветени на изградба на источниот дел на железничкиот Коридор 8. Тоа всушност го докажува и континуираниот процес на изградба на првата и втората фаза од пругата на Коридор 8.

Ова, како што соопшти Министерството за странспорт, бил ставот на македонската делегација составена од директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски и Државниот секретар во Министерството за транспорт Стефан Волкановски, која со посредство на Европската Унија вчера во Брисел остварила работна средба со претставници од бугарската влада предводена од заменик министерот за транспорт, на која се разговарало за железничкото поврзување меѓу двете земји.

Скопје - Во организација на Комисијата за култура и туризам денеска во Собранието ќе се одбележи Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство.

На отворањето на настанот воведни обраќања ќе имаат Антонио Милошоски, потпретседател на Собранието, Зоран Љутков, министер за култура и туризам и Саранда Имери-Стафаи, претседателка на Комисијата за култура и туризам.

Како што и нформираат од собраниската прес-служба, тематски говори ќе имаат Велика Стојкова-Серафимовска, членка на Комисијата за култура и туризам и акредитирана експертка на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, Сулејман Рушити, директор на НУ Гостиварски театар, Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство и Ивона Опетческа-Татарчевска, национална координаторка за нематеријално културно наследство во Македонија.

Скопје - Девет светски етаблирани состави од САД, Европа и Македонија ќе ја претстават својата музика на 43. издание на Скопскиот џез фестивал што почнува вечер, а ќе трае до 20 октомври. Организаторите наведуваат дека внимателно селектираната програма го следи императивот за одржување на високиот меѓународен рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика. 

Програмата, распоредена во четири вечери во Националната опера и балет и во МКЦ, е исклучително силна, инспиративна и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес.

Скопје - Маици, торби и рачно изработени беџови, рачно плетен накит од нерѓосувачки челик и кожа, накит и модни додатоци од филц, маримо топчиња, воздушни билки и рамки од стабилизирана смола, свеќници, обележувачи за книги, декоративни садови за накит, картички, коверти и конфети од садлива хартија, рачно изработен сребрен накит во традиционална филигранска техника, но со сосема нетрадиционален дизајн, се само дел од производите што ќе може да се најдат на годинашниот „Есенски базар“ во Скопје.

Манифестацијата почнува денеска и ќе трае до 20 октомври. Најавено е учество на 28 занаетчии кои не се плашат да експериментираат и ги раскажуваат своите приказни на концептуален начин, низ моделирање на наративите од инспиративното секојдневие. 

Скопје  - Инспекторите за животна средина на Град Скопје денеска затекнаа и евидентираа лица во тек на исфрлање големи количини отпад, креирање дива депонија на приватен имот и нејзино палење, на територијата на општина Бутел, каде е затекнато огромна количина на отпад од метал, пластика и градежен шут, информираат од Град Скопје.

Оттаму велат дека за извршено кривично дело од страна на лицата С.М жител на општина Бутел и М.Д. државјанин на Косово, согласно членот 218 на Кривичниот законик, ќе поднесе кривична пријава за предизвикување значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата и почвата, односно опасност за животот и здравјето на луѓето, дело казниво со затвор од четири до десет години.

-На територијата на Скопје има вкупно 14 институции кои што во вакви ситуации имаат надлежност и обврска да постапуваат. Но, се досега единствено градот Скопје реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска. За време на викендот инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 20 сторители, се вели во денешното соопштение.

Рим - Италијанскиот парламент им забрани на брачните двојки да патуваат во странство за да добијат дете преку сурогат мајчинство, потег за кој се залага партијата на премиерката Џорџа Мелони, а активистите велат дека законот ги таргетира истополовите партнери.

Откако ја презеде функцијата во 2022 година, Мелони спроведува многу конзервативна социјална агенда, настојувајќи да го промовира она што таа го смета за традиционални семејни вредности, што им отежнува на ЛГБТК двојките да станат законски родители.

Горниот дом, Сенатот, го усвои законот предложен од партијата на Мелони „Браќа на Италија“, со 84 гласа „за“ и 58 „против“. Предлог-законот веќе беше одобрен од Долниот дом минатата година.

Законот ја проширува забраната за сурогат-мајчинство што веќе е во сила во Италија од 2004 година на оние кои одат во земји како САД или Канада, каде што е легално.

Тел Авив – Израелскиот министер за одбрана, Јоав галант, го нападна францускиот претседател Емануел Макрон откако на израелските компании им беше забрането да учествуваат на францускиот саем за оружје „Евронавал“.

Галант притоа го нарече Макрон „срам на француската нација“.

-Одлуката за дискриминација на израелската одбранбена индустрија во Франција по вторпат им помага на непријателите на Израел, рече Галант.

Тој ја обвини Франција дека „постојано води непријателска политика кон еврејскиот народ“.

Киев - Руските сили во текот на изминатата ноќ лансираа 56 беспилотни летала во Украина, насочени првенствено кон енергетската инфраструктура во јужниот регион Миколаев, изјави утринава регионалниот гувернер Виталиј Ким.

Ким на својот канал на Телеграм изјави дека во ноќниот напад нема жртви, но дека неколку потрошувачи останале без струја.

Украинските воздухопловни сили прецизираа дека во нападот биле погодени пет објекти во региони блиску до линијата на фронтот, пренесуваат британските медиуми.

Во соопштението на украинските ВВС, исто така, се наведува дека противоздушната одбрана  соборила 22 дрона, но и дека им се губи трагата на 27 беспилотни летала кои најверојатно паднале на украинска територија.

Дамаск - Две лица се повредени утринава во израелски напад врз сирискиот пристанишен град Латакија, на Средоземното Море.

Американските медиуми ја цитираат сириската армија која соопшти дека во нападот врз Латакија, што се наоѓа на околу 100 километри северно од либанската граница, оштетена е една воена позиција.

Сириските медиуми претходно јавија дека се појавил пожар како последица на израелскиот напад.

Локалните медиуми објавија дека сириската ПВО одговорила на израелскиот ракетен напад на Латакија.

Бејрут - Мировните сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) соопштија дека израелски тенк намерно ја нападнал караулата на мисијата во јужен Либан, при што кулата е оштетена, а две камери се уништени.

Во соопштението се наведува дека членовите на УНИФИЛ, распоредени во близина на селото Кфар Кела на југот на Либан, вчера виделе дека израелски тенк ја гаѓа нивната стражарска станица, објави „Тајмс оф Израел“.

„Повторно гледаме намерно директно отворање оган на позицијата УНИФИЛ“, се вели во соопштението.

Вашингтон - Израел презеде неколку чекори во врска со хуманитарната криза во Газа откако администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги предупреди дека ќе ја загрозат континуираната безбедносна помош на САД доколку не го сторат тоа, објави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Тој ги посочи 50-те камиони со помош што Израел дозволи да влезат во северниот дел на Газа претходниот ден, откако еден ден порано во областа пристигнаа уште 30 камиони, објави „Тајмс оф Израел“.

Милер додаде дека во текот на изминатите неколку дена, Израел, исто така, повторно го отворил преминот Ерез кон северниот дел на Газа, покрај отворањето на нова пристапна рута од јужна до северна Газа, како и воспоставување друга рута за испорака на помош на југот на палестинската енклава.

Вашингтон - Демократската кандидатка за претседател на САД, Камала Харис изјави дека нејзиното претседателствување нема да биде продолжение на мандатот на претседателот Џо Бајден и нагласи дека ќе донесе „нов пристап“ во политиката.

-Би сакала да бидам многу јасна, мојот претседателски мандат нема да биде продолжение на политиката на Бајден, рече Харис во интервју за Фокс њуз.

Зборувајќи за актуелните прашања со имиграцијата, таа ја истакна потребата од реформирање на „расипаниот систем“, објави Си-Би-Ес.

Вашингтон - Републиканскиот кандидат за американски потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека републиканскиот претседателски кандидат и поранешен американски претседател Доналд Трамп не загубил на претседателските избори во 2020 година, по неколку недели избегнување да одговори на прашањето.

„За време на изборите во 2020 година, на ова прашање директно одговорив милион пати. Не! Мислам дека имаше сериозни проблеми во 2020 година. Значи, дали Доналд Трамп ги загуби изборите во 2020 година. Тоа не се зборови што би ги употребил“, рече Венс за време на говорот на предизборниот митинг во Пенсилванија.

За време на дебатата со демократскиот потпретседателски кандидат Тим ​​Волц претходно овој месец, Венс избегна да одговори на директно прашање дали Трамп ги загуби изборите во 2020 година, велејќи дека тој е некој што е „фокусиран на иднината“.

Лос Анџелес - Римокатоличката надбискупија во Лос Анџелес се согласи да плати 880 милиони долари на 1.353 луѓе кои тврдеа дека биле сексуално злоставувани како деца од католички свештеници кои датираат од пред неколку децении во најголемата населба во која е вклучена Католичката црква.

Адвокатите на 1.353 лица кои тврдат дека претрпеле малтретирање од страна на локалните католички свештеници постигнале спогодба по неколкумесечни преговори со надбискупијата. Договорот става крај на четвртвековниот судски спор против најголемата надбискупија во САД.

Со повеќе од пет милиони редовни членови и неделни литургии што се служат на 32 јазици, Надбискупијата во Лос Анџелес е бројно најголемата и етнички најразновидна надбискупија во САД.

Мексико Сити - Поранешниот мексикански министер за јавна безбедност Џенаро Гарсија Луна е осуден на повеќе од 38 години затвор во САД за примање мито од картелите со кои требало да се бори.

Гарсија Луна беше министер за јавна безбедност на Мексико од 2006 до 2012 година, а пред тоа пет години беше на чело на Федералната истражна агенција, која се бореше против нарко бандите.

Со години беше познат како „мексиканскиот супер полицаец“, но во 2019 година беше уапсен во Тексас под сомнение дека ги штител членовите на картелот Синалоа од апсење и пружал помош во замена за милиони долари мито што членовите на картелот му ги доставиле во актовки.

Пјонгјанг - Уставот на Северна Кореја сега ја дефинира Јужна Кореја како „непријателска држава“, според државните медиуми, што е прво спомнување на неодамна усвоените уставни измени, јавува денеска Би-би-си.

Државниот весник „Родонг Синмун“ ги нарече уставните промени „неизбежна и легитимна мерка“, во време кога тензиите меѓу двете Кореи се на највисоката точка во последните години.

Некои аналитичари посочуваат дека усвојувањето на уставните амандмани е само симболичен потег, имајќи предвид дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се откажа од можноста за обединување во декември 2023 година.

Државните медиуми тогаш објавија дека Ким тогаш рекол дека тоа се односи „помеѓу две непријателски земји и две завојувани страни“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан