• вторник, 08 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

2 април 2025 

Скопје - Судскиот совет денеска на седница треба да го разгледа и оцени Годишниот извештај за работа на судовите за 2024 година.

На дневен ред на 519-та седница на Судскиот совет се повеќе точки, меѓу кои и разрешување и избор на судии-поротници и расправа по претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите.

Скопје - Советот на јавни обвинители денеска на седница треба да го разгледа предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Предлогот е втора точка на дневен ред на 22. седница, која досега два пати се одложува. Првично беше закажана за 18 март, но беше одложена поради седумдневната жалост по трагедијата во Кочани, а минатата недела, на 26 март беше одложена поради немање на кворум.

Согласно законските рокови за разгледување на предлогот за разрешување на Коцевски, Советот треба да го разгледа најдоцна до крајот на неделава, иако Владата објави дека ќе ја прекине постапката.

Скопје - Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска од 10 часот во Основниот кривичен суд Скопје со сведочење на обвинетиот Влатко Кешишев. На минатото рочиште  беше сослушуван обвинетиот Боре Видевски кој ги негираше исказите дадени од Обвинителството посочувајќи дека нема никаква поврзаност со убиствата на Вања и Панче.

Претходно, беше сослушан обвинетиот Велибор Манев кој во детали ги образложи грабнувањета на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил обвинетиот Љупчо Палевски. Тој нагласи дека после убиството на Панче, продолжил со грабнувањето на Вања поради страв и закани од Палевски кон него и неговото семејство.

Скопје - Поради врнежите од дожд, во текот на доцните попладневни и вечерните часови дојдено е до зголемување на нивото на Маркова Река поради што е излеана преку мостот кај населененото место Љубош и низводно и дојдено е до поплавување на неколку куќи, магацини и индустриски објекти во селата Студеничани, Батинци и делови кон Пинтија. 

Како што информира денеска РЦУК - Скопје, пријавено е и поплавување на дел од булеварот „Борис Трајковски“ кај населбата Пинтија, каде исто така имало пријави за поплавени магацини.

Скопје - Сојузот на синдикати на Македонија денеска пред законодавниот дом ќе одржи јавна седница на највисоките тела на Синдикатот по што ќе се упати кон Стопанската комора на Македонија и кон Владата. Со ваквиот чекор, синдикатот ќе изрази незадоволство од одлуката минималната плата да се зголеми 1.800 денари без таа да помине на Економско-социјалниот совет што, според синдикатот, е незаконско.

За време на протестот, којшто почнува во 12:05 часот пред Парламентот, во овој дел од градот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим. 

Скопје - Во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип денеска ќе биде отворена фабриката на канадската компанија „Магна мехатроникс“.

Инвестицијата се проценува на околу 50 милиони евра, а се очекува да се отворат 500 до 600 работни места. 

Скопје - На Меѓународниот аеродром во Скопје утринава ќе слета авион на нискобуџетната компанија „Изиџет“ со што официјално ќе биде означен почетокот на новата авиолинија од аеродромот „Орли“ кој се наоѓа на дваесетина километри од центарот на Париз. 

Од ТАВ Македонија велат дека со оваа нова авиолинија, патниците на скопскиот аеродром ќе имаат бенефит да патуваат на еден од најфреквентните аеродроми во Франција кој нуди бројни домашни и европски летови.

Скопје - На денешната седница на собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање е Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми.

Како што се посочува во образложението објавено на собраниската веб-страна, една од главните цели на Законот за медиуми е гарантирањето на слободата на изразување и слободата на медиумите. Целта на овој Предлог на закон, како што се посочува,  е внесувањето на онлајн медиумите-интернет портали во делот на дефиниции, каде би се набројале покрај веќе наведените „весници, магазини, програми на радиото и телевизијата, телетекст и други средства за дневно или периодично објавување на уреднички обликувани содржини во пишана форма, звук или слика, со цел да се информираат и задоволат културните, образовните и другите потреби на пошироката јавност“. Предвидено е онлајн медиумите во Законот за медиуми да бидат претставени под терминот „онлајн медиуми-интернет портали“.

Стразбур - Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација на Европската Унија - Црна Гора денеска и утре во Стразбур ќе го одржи својот 23-ти состанок. 

Како што соопшти Европскиот парламент, на состанокот ќе се расправа за односите меѓу ЕУ и Црна Гора, со посебен акцент на текот на преговорите за членство во Унијата, како и за црногорската Реформска агенда во рамки на Планот за раст на Западниот Балкан, со фокус на реформите во сферата на владеењето на правото и изборните процеси. 

Брисел - Еврокомесарката за проширување Марта Кос синоќа изрази „длабока загриженост“ на Европската Унија поради апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, и соопшти дека ги откажува планираните посети на Турција поради случувањата таму.

- Апсењето на избран функционер и водечки претставник на опозицијата веднаш откако ја објави својата кандидатура за претседател на државата отвора фундаментални прашања. Очекуваме во Турција да бидат почитувани демократските принципи и вредности, изјави Кос на вчерашната дебата во Европскиот парламент во Стразбур, посветена на ситуацијата во Турција по апсењето на Имамоглу, што предизвика масовни протести во земјата.

Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска почнува со консултации за формирање нова влада, и за првиот ден се закажани разговори со претставници на четири изборни листи, јави дописникот на МИА од Белград.

За днеска се чекуваат разговори со претставниците на листата „Руска партија - Слободан Николиќ“, „Сојуз на Војводински Унгарци (СВМ)“, „Усаме Зукорлиќ - Обединети за правда - Партија на правдата и помирувањето - Босанците од Санџак, како и „Томислав Жигманов – Демократски сојуз на Хрватите во Војводина“ и пратеничката група „Ние – глас од народот“.

Париз - Франција ќе и испорача на Данска неколку стотици ракети земја-воздух Мистрал 3 според договорот постигнат вчера за време на државната посета на кралот Фредерик Десетти на Париз, објави Елисејската палата.

Данска, која неодамна одвои дополнителен буџет од речиси 7 милијарди евра за својата одбрана, најави и купување 130 фински оклопни транспортери „Патрија“ за 254 милиони евра, од кои мал дел треба да бидат испорачани годинава, се наведува во соопштението од Министерството за одбрана.

Москва - Две лица се полесно повредени во напад на украински беспилотни летала во текот на ноќта во Таганрог во руската област Ростов, а пожар избувнал во една станбена зграда, изјави вршителот на должноста гувернер Јуриј Сљусар.

Според него, пожарите биле брзо изгаснати. Претходно беше соопштено дека во нападот биле оштетени две станбени згради, а 85 лица биле евакуирани. Во Таганрог е прогласена вонредна состојба.

Берлин - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска ќе ја посети Молдавија за да вети европска поддршка, јави ДПА.

Бербок закажа состаноци со молдавската претседателка Маја Санду и премиерот Дорин Речан во главниот град Кишињев, а меѓу темите се очекува да бидат прашањата за снабдување со енергија.

Брисел - Плановите за повторно вооружување и зајакнување на одбраната на Европа и улогата на ЕУ во постигнувањето праведен мир во војната во Украина ќе бидат главни теми на неформалниот Совет за надворешни работи на Унијата на ниво на министри за одбрана, што денеска и утре ќе се одржи во Варшава. 

Според најавите на Полското претседателство со ЕУ, министрите за одбрана на земјите членки на Унијата ќе разменат мислење за плановите на Европската комисија за повторното вооружување на Европа и зајакнување на нејзината одбранбена индустрија во услови на сегашната безбедносна ситуација. 

Вашингтон - САД ќе распореди уште еден носач на авиони во Блискиот Исток, соопшти портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, истакнувајќи ја потребата од заштита на трговските рути во регионот.

Оваа одлука следува по неодамнешните напади врз американскиот носач на авиони „Хари С. Труман“ во Црвеното Море, за кои одговорност презедоа јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран. Вашингтон, кој во последниве недели изврши воздушни напади врз цели во Јемен, сè уште не ги потврди овие напади.

Њу Делхи -  Најмалку 21 лице загина во експлозија проследена со пожар во голем магацин за огномет во Западна Индија.

Шест лица се повредени во експлозијата што се случи во државата Гуџарат, објави агенцијата ПТИ и други индиски медиуми, повикувајќи се на локалните власти.

 

Остани поврзан