• недела, 13 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Флеш

  7  април 2025

 

Скопје - Владата нема да се реконструира пред локалните избори, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на ФЗО Сашо Клековски.

На прашањето дали е планирана реконструкција на Владата пред локалните избори, премиерот кусо одговори: „Не“.

Премиерот повтори дека Владата функционира обединето и единствено.  - Односите во Владата се коалициски одлични, рече Мицкоски. 

Скопје - Донесена е одлука за историско зголемување на капитацискиот бод за матичните доктори од општа медицина, гинекологија и стоматологија, почнувајќи од април годинава, соопшти премиерот Христијан Мицкоски. Вредноста на капитацискиот бод за општа медицина и гинекологија ќе се зголеми од 75 на 100 денари или за 33 отсто, додека за стоматологија од 61 на 75 денари или за 23 проценти.

Како што истакна Мицкоски на прес-конференција во Владата, зголемувањето на капитацијата ќе значи повисоки плати и помотивирани лекари.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски очекува многу скоро да се корегира одлуката на САД за зголемувањето на царините кон земјава. Како што рече денеска, очигледно станува збор за некаква грешка или погрешна информација. 

Според Мицкоски, од зголемените царини можеби поголеми ќе бидат секундарните фекти, а не директните кои Македонија ги има на билатерално ниво со САД.  

Тој информира дека веќе се споредуваат податоците, а Владата е во контакт со Амбасадата на САД, Министерството за економија и со Кабинетот на Трамп.

Скопје – Во Министерството за животна средина и просторно планирање денеска се одржа состанок на советодавната мисија Рамсар, посветен на иднината на Преспанското Езеро кое ја поврзува земјава со Албанија и Грција. 

Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити посочи дека потребни се итни и координирани акции за спас на Езерото, истакнувајќи ги климатските промени, користењето на водата за наводнување, како и подземните истекувања за најголеми закани.

Скопје - На судењето за убиството на Вања и Панче, обвинетиот Влатко Кешишев одговарајќи на прашања на судијата Ивица Стефановски даде исказ за настаните поврзани со случаите, откривајќи детали за киднапирањето и убиствата на Панче и Вања. Тој сведочеше и за својата улога во партијата „Десна“ и за настаните кои довеле до трагичниот исход.

Кешишев образложи дека бил домар во политичката партија „Десна“ каде што и престојувал. Тој потврди дека готвел храна за Палчо, за себе и за присутните, додека, за гостите и симпатизерите правел и служел кафе и сок.

Скопје - Едно лице го загуби животот, а три се повредени во сообраќајна несреќа што се случила синоќа на локалниот пат меѓу скопските села Патишка река и Осинчани, соопшти МВР.

Скопје - На улица „Железничка“ во Штип вчера во 15.00 часот полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип го лишиле од слобода И.П.(18) од Штип.

МВР денеска соопшти дека при контрола на патниот сообраќај било констатирано дека управувал патничко моторно возило „ауди“ со брзина од 114 километри на час на место каде што дозволената брзина е 50 километри на час.

Скопје - Општина Кисела Вода денес распиша јавен повик за субвенционирање на трошоците за огревно дрво за своите жители. Сите граѓани кои ќе купат дрва за огрев во периодот од 1 април 2025 до 31 октомври 2025 година, можат да аплицираат за добивање на поврат на средства, до исцрпување на предвидениот буџет од 1.200.000 денари. Субвенцијата изнесува 500 денари за секој купен метар кубен (m³) дрва, за максимум до 10 м³ или 350 денари за секој купен просторен метар дрва, за максимум до 14 просторни метри.

Скопје - Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, денеска во Брисел, ќе учествува на конференција на социјалистите и демократите на тема „Започнување на Програмата на С&Д Вили Брант за проширување на ЕУ“.

Од СДСМ информираа дека во рамки на конференцијата, претседателот Филипче денеска во 17:15 часот, ќе има обраќање на панел дискусијата насловена „Прогресивна агенда за проширување на ЕУ“, што ќе ја води европратеникот и известувач на ЕП за Србија,  Тонино Пицула.

Куманово - Во тек е огласот за вработување на  28 специјализанти, соопштија денеска од јавната здравствена установа Општа болница Куманово.

- Со вработување на специјализантите ќе решиме еден дел од проблемите со кадровата екипираност на стручниот кадар. Се разбира дека со овие 28 вработување не ги решаваме сите потреби од недостаток на кадри во болницата, но се надевам дека во брзо време ќе имаме и вработување на среден медицински персонал, медицински сестри, болничари и помошно-технички персонал кои ни се потребни за нормално одвивање на процесот на 24-часовна здравствена заштита, изјави директорот на болницата Сашо Стошевски.

Скопје – Се водат разговори во рамки на Коалицијата „Влен“ за сите политички субјекти во рамки на Коалицијата да се претворат и втопат во Влен како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на претстојните локални избори, изјави денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, по состанокот на советодавната комисија Рамсар, посветен на иднината на Преспанското Езеро кое ја поврзува земјава со Албанија и Грција.

За тоа какви се односите помеѓу политичките субјекти внатре во Коалицијата, Меџити рече дека никој нема дилеми, освен претседателот на Алијанса за Албанците и министер за здравство Арбен Таравари, за којшто рече „гледа можност за соработка со Демократската унија за интеграција“.

Скопје - Под водство на нивниот ментор, наставничката Соња Јорданоска, Марин Христоски и Алексеј Мицкоски обезбедија победа на годинешниот национален натпревар за Европскиот квиз за пари, организиран од Македонската банкарска асоцијација (МБА) со поддршка од Народната банка и Комисијата за хартии од вредност. Учениците со менторката, придружувани од одговорното лице на одделението за едукација при МБА – Јована Лозановска, со гордост ќе ја претставуваат Република Северна Македонија на европското финале во Брисел, Белгија, на 23 мај.

Дебар - И покрај сите апели на локалната самоуправа на Дебар и на Јавното комунално претпријатие „Стандард“ да се внимава каде се фрла отпад со цел заштита на животната средина, сепак продолжува несовесното однесување. 

-Деновиве регистриравме навистина, така да ја наречам голема нечовечност, несовесност и негрижа за животната средина. Констатиравме фрлање стари автомобилски гуми на две локации, во близина на брегот на Дебарско Езеро, едно од најубавите делови на градот и под мостот на самиот излез од градот, на патниот правец Дебар - Маврово. Јасно е дека овој неодговорен и осудувачки чин не е направен од луѓе надвор од градот, туку од самите граѓани кои се занимаваат со активности од ваков карактер, рече за МИА Ана Ализоти, инспектор по екологија при Општината.

Демир Хисар - Општина Демир Хисар, втора година по ред е на врвот на ранг листата на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) која успешно го практикува системот на интегритет, како клучна алатка за градење силни институции и создавање на доверба на граѓаните.

Според извештај на ДКСК од спроведено следење на примената на системот за интегритет во единиците за локална самоуправа за минатата година, имплементацијата на системот на интегритет во неговата трета година е во напредок и е препознаен како клучна алатка на институциите за борба против корупцијата, а Општина Демир Хисар е рангирана на првото место.

Ларнака – Македонската женска тениска репрезентација води со 2:0 на дуелот со Јужна Африка во БЏК купот.

Македонија поведе со 1:0, откако Магдалена Стоилковска ја победи Дона ле Ру со 6:3 и 6:0 за 40 минути.

Во вториот синг меч претпладнево Лина Ѓорческа ја совлада Мари Луи Ван Зил 6:2 и 6:1 за еден час игра

За мечот во двојки за Македонија ќе настапат Ана Митевска и Јана Божиновска.

Братислава – Ноќта на 6 април била упатена закана до словачки обвинител дека ќе му биде поставена бомба во станот, соопшти денеска портпаролката на обвинителството Зузана Дробова.

- Обвинителот Марош Жилинка остро ги осуди овие закани, нагласувајќи дека ова не е само напад на еден обвинител, туку и на обвинителството како тело што го штити законот, рече Дробова, пренесува словачката новинска агенција ТАСР.

Луксембург – Германскиот министер за економија во заминување Роберт Хабек денеска изјави дека размислувањето зад царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп е „глупост“.

Претпоставката дека трговскиот суфицит или дефицит е проблем е „погрешна“, рече Хабек при пристигнувањето на итниот состанок на министрите за трговија на Европската унија во Луксембург.

Увозот од земјите на ЕУ во САД се соочува со нови царини од 20 отсто, почнувајќи од среда, потсети ДПА.

Пекинг – Заканите и притисокот не се начин за справување со Кина, изјави денеса портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, опишувајќи ги царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп за Кина како навредливи.

Царините се „типичен унилатерализам и протекционизам, економска злоупотреба“, рече Лин Џијан за време на редовна прес-конференција. Тој додаде дека американските царини во име на реципроцитет всушност им служат само на САД на сметка на другите земји.

Куала Лумпур – Земјите од Југоисточна Азија треба да се држат заедно пред зголемувањето на царините на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави малезискиот премиер Анвар Ибрахим.

- Мораме да бидеме заедно како АСЕАН (Асоцијација на нациите од Југоисточна Азија), со население од 640 милиони луѓе, што е една од најголемите економски сили во светот, рече малезискиот премиер за време на состанокот на неговиот кабинет.

Министрите за економија од Југоисточна Азија в четврток ќе одржат состанок на кој ќе разговараат за прашањето за царините. Малезија годинава претседава со АСЕАН.

Вашингтон - Воздухопловните сили на САД ги унапредуваат своите воздушни борбени спецификации и човекови вештини за следната генерација воени авиони. Со усвојувањето на програмата „ВЕНОМ-АФТ“, ќе им се овозможи на пилотите на „Ф-16“ да летаат со беспилотни летала, во двојки, и да собираат податоци со помош на вештачка интелигенција (ВИ).

Тагови

Остани поврзан