
1 април 2025
Скопје - Од вкупно 193 повредени во пожарот во Кочани, 93 пациенти закрепнаа и заминаа на домашно лекување. Во болниците во странство и кај нас се лекуваат уште 100 пациенти, а подобрена е состојбата на еден од четворицата пациенти кои се во критична состојба, информира изутринава министерот за здравство Арбен Таравари.
-Имаме добри вести. Вкупно од 193 пациенти остануваат за среќа само 100 пациенти кои се лекуваат, од кои за среќа денеска имаме само тројца критични. Во Македонија се лекуваат 20 пациенти. На Клинички центар петмина, во Стара градска седуммина, петмина во ГОБ ‘8 Септември’ и тројца во приватните болници. Надвор од државата се лекуваат 80 пациенти и денеска се враќаат уште двајца пациенти - еден од Полска и еден од Белгија, кажа Таравари. Тој додаде и дека има најави за враќање на повеќемина пациенти до крајот на неделата.
Скопје - Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за запишување ученици во прва година во јавните средни училишта за учебната 2025/2026 година. Пријавувањето на учениците ќе биде електронско преку линк до системот за електронски услуги на МОН https://euslugi.mon.gov.mk/ со посебна најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk. Ќе има две пријавувања во јунскиот уписен рок и едно во августовскиот.
Првото електронско пријавување на учениците ќе биде од 00:00 часот на 14 јуни до 23:59
часот на 17 јуни 2025. Доставувањето на потребната документација до училиштата ќе биде на 18 и 19 јуни, а конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места, секое училиште ќе ја објави на 20 јуни 2025.
Скопје - Над 340.000 пензионери во Република Северна Македонија од денеска ќе добиваат повисока пензија за 2500 денари. Со линеарното покачување на пензиите во месец септември и мартовската пензија во месец април, пензионерите добиваат за 5000 денари повисоки пензии за само девет месеци мандат од оваа Влада, информираат од Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Покачувањето на пензиите, велат, било едно од предизборните ветувања на оваа Влада, која веднаш, на првата владина седница, започнала со постапката за нејзино реализирање.
Скопје - Вредноста на вкупните онлајн трансакции во 2024 година направени кон домашни и странски е-трговци, како и од иматели на странски картички кон македонски е-трговци изнесува 43,629 милијарди денари или 709,4 милиони евра, со што е остварен пораст од 9,3 отсто во споредба со 2023 година. При тоа, бројот на вкупните онлајн трансакции изнесува 21,6 милиони, односно е за 11,4 отсто повеќе во однос на 2023 година, информираат од Асоцијацијата за е-трговија (АЕТСМ).
Како што истакнуваат, просечната вредност на направените онлајн трансакции во 2024 година изнесува скоро 33 евра и е помала за 0,7 евро од 2023 година. При тоа, кон македонските е-трговци од иматели на домашни и странски даватели на платежни услуги направени се 26,136 милијарди денари или 425 милиони евра што преставува 60 отсто од вкупната вредност на онлајн трансакции. Останатите 40 отсто од вкупната вредност на онлајн трансакциите Македонците ја направиле во странство.
Скопје - Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, којашто ги вклучува податоците за последниот квартал од 2024 година, вклучително и последните расположливи податоци, Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука да не се промени висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјава, односно таа да се задржи на 1,75% од активата пондерирана според ризиците и во второто тримесечје од 2026 година.
За изложеностите кон други земји ќе се применува стапката пропишана од националниот макропрудентен орган. Со најновите квартални пресметки, вредноста на основниот показател не укажува на знаци на прегревање на кредитниот циклус.
Скопје - Во текот на изминатите денови, односно во петокот и деновите од празничниот викенд - 28, 29, 30 и 31 март во рамки на редовните сообраќајни контроли на територија на цела држава полицијата издала 2.508 платни налози за сторени прекршоци, како по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, така и по основ на Законот за возила.
-Така, заради непрописно паркирање издадени се 425 платни налози, по основ на непочитување на пропишаната брзина на движење 959 прекршоци, а пак по основ на непоседување возачка дозвола регистрирани беа 234 прекршоци, информираат денеска од МВР.
Скопје - Со благослов на митрополитот Американско-канадски на МПЦ -ОА г.Методиј, во македонскиот православен епархиски храм „Св. Климент Охридски“ – Торонто, во организација на сите македонски православни цркви во Канада, изминатиотв викенд се одржа голем хуманитарен настан за собирање финансиски средства за настраданите во трагичниот пожар во Кочани.
На настанот присуствуваа архиерејскиот заменик и намесник на Американско-канадска епархија протоереј ставрофор Синиша Ристовски и протоереј Драган Јорданов од црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ – Детроит, кои дојдоа од Америка да го поддржат овој настан, пренесува Литургија.мк.
Белград - Дојава за поставена бомба е испратена утрово во основно училиште во белградската општина Земун, јави МИА од Белград.
Дојавата за поставената бомба пристигнало на електронската пошта на училиштето Гаврило Принцип, а учениците се безбедно евакуирани надвор од зградата. Во тек е полициска проверка.
Загреб- Првата од петте планирани фази на штрајкот во хрватските училишта, организирана од три синдикати, започнува денеска во четири далматински окрузи, пренесе ХРТ. Далмација е првиот регион што штрајкува, бидејќи таму беше најголем одѕив на предупредувачкиот штрајк на 19 март.
Министерството за образование на Хрватска повтори дека нема причини за штрајк.
Наставниците бараат зголемување на основната плата за 10 отсто, наместо предложените 3+3 отсто, како и промени во коефициентите за пресметка на платите и исплата на привремени додатоци до воведување нова систематизација. Бараат и исклучување на образованието од системот за проценка според Законот за плати.
Стразбур - На домашна агенда на ЕУ не може да се гледа одвоено од глобалните случувања, како што се заканите по глобалните просперитет и стабилност и растот на протекционизмот, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур на дебатата посветена од заклучоците на Самитот на Унијата одржан на 20 март.
-Кога започна сонот за обединета Европа, тој започна со едноставна идеја: Да создадеме еден единствен пазар. Да ги скршиме бариерите и да ги намалиме царините. Тоа е она што не направи силни... Потоа во истиот дух, работевме со партнерите ширум светот - вклучувајќи ја и Америка. Изградивме врски за кои верувавме дека се нераскинливи, рече Фон дер Лајен.
Киев - Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, изјави денеска во Киев дека САД не смеат да дозволат да бидат заведени од однесувањето на рускиот претседател Владимир Путин, кое таа го нарече „тактика на одложување“.
Бербок пристигна во украинската престолнина на ненајавена посета од безбедносни причини, објави ДПА. - На претстојниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО ќе испратиме јасна порака дека американската страна не треба да биде вовлечена во тактиката на одложување на Путин, изјави Бербок по пристигнувањето во Киев. Според неа, рускиот лидер само симулира подготвеност за преговори, но „не отстапува ниту милиметар“ од својата позиција, користејќи го времето за да ја продолжи својата „незаконска агресија во Украина“.
Москва - Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, изјави денеска дека Москва не верува во можноста САД да се повлечат од НАТО. „Не мислам дека тоа ќе се случи“, рече Рјабков во интервју за списанието „International Affairs“. Тој оцени дека актуелната американска администрација користи „извесна доза бравура“ во својата реторика.
- Мислам дека тоа е дел од вербалната стратегија за поттикнување на ‘НАТО коњот’. За САД да се разделат од Алијансата, би требало да се случи нешто што за мене е потполно незамисливо. Не верувам во такво сценарио, изјави рускиот дипломат.
Ерусалим - Американскиот адвокат Марк Зел, претседател на Републиканската партија во Израел, неодамна се регистрираше како лобист во име на Република Српска, чиј претседател Милорад Додик се соочува со меѓународна потерница додека присуствуваше на конференција во Израел организирана од Министерството за дијаспора. Една од главните цели на лобирањето е укинување на санкциите наметнати од САД кон Додик.
Како што наведува Хаарец, според Законот за регистрација на странски агенти на САД (FARA), секој американски државјанин или фирма што претставува странски ентитет е должен однапред да пријави такви активности. Според податоците од САД, фирмата на Зел - Zell & Associates International Advocates - се регистрирала како лобист за Република Српска во јануари оваа година.
Бејрут - Најмалку три лица загинаа, а седум се ранети во вчерашниот израелски воздушен напад во јужниот дел на либанската престолнина Бејрут, соопшти либанското Министерство за здравство. Израелската армија, пак, објави дека цел на нападот бил борец на либанското шиитско движење Хезболах, кој „неодамна ги насочувал луѓето од Хамас и им помагал“.
Овој напад доаѓа три дена по првиот израелски напад врз Бејрут од стапувањето на сила на примирјето меѓу Израел и Хезболах на 27 ноември.
Бејрут - Либанскиот претседател Џозеф Аун побара од меѓународната заедница „поддршка во одбраната на суверенитетот на неговата земја“ во врска со новиот израелски воздушен напад во либанската престолнина Бејрут. Аун го осуди нападот, нарекувајќи го „опасен сигнал“ за намерни дејствија против Либан.
Претседателот рече дека растечката „агресија“ на Израел бара од Либан да ги зајакне своите дипломатски шатлови и да ги мобилизира своите меѓународни сојузници да го заштитат целосниот интегритет на земјата.
Куала Лумпур - Истекување од гасовод предизвика голем пожар денеска во предградијата на Куала Лумпур, главниот град на Малезија, што доведе до евакуација на околните згради. Пожарот во близина на бензински пумпи во централната држава Селангор е видлив од неколку километри.
Пожарникарите во сојузната држава Селангор соопштија дека истекувањето на гасоводот се протега на околу 500 метри, а пожарната колона е многу висока.
Непјидо - Бројот на загинати во разорниот земјотрес што го погоди Мјанмар се искачи на 2719, додека 4521 лице се повредени, а 441 се водат како исчезнати, се наведува во изјавата на генерал Мин Аун Хлајн, лидерот на воената хунта во земјата. Генералот предвидува дека бројот на жртви би можел да надмине 3000.
Неколку земји испратија хуманитарна помош за Мјанмар и соседен Тајланд по силниот земјотрес што во петокот ги погоди двете југоисточни азиски држави. Напорите за помош се фокусирани на најпогодените подрачја во Мјанмар, каде што бројот на жртви постојано расте.
Пекинг - Кинеската војска денеска соопшти дека започнала воени вежби во кои учествуваат различни родови на војската околу Тајван, „за да послужат како остро предупредување и моќно одвраќање за тајванската независност“, и го нарече тајванскиот претседател Вилијам Лаи „паразит“.
Кина, која го смета Тајван за своја провинција, го зголемува политичкиот и воениот притисок врз островот во последниве години.