• вторник, 23 јули 2024
МИА Радио флеш

23 јули 2024 

-Нов Закон за пожарникарите во најбрз можен рок ќе биде доставен до Владата, изјави за МИА Министерот за одбрана, Владо Мисајловски. - Министерството за одбрана во периодот што следува ќе ги разгледа предлозите кои во изминативе неколку години работни групи од повеќе надлежни институции за оваа проблематика работеле на изработка на нов Закон за пожарникарство и во најбрз можен рок ќе излезе со предлог до Владата, вели Мисајловски. Инаку дел од платите на пожарникарите се обезбедуваат преку наменски дотации буџетот на Министерството за обрана. На ниво на држава 734 пожарникари се финансираат преку аменски дотации.

-Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска бил во посета на Одделот за граѓански работи каде се одржал работен состанок со помошник министерот Јован Алтанџиев, во врска со надлежностите од делокругот на Одделот.Како што објави на неговиот фејсбук профил министерот Тошковски, генерално, констатиран е хаос и негрижа од претходното раководство, како во однос на граѓаните, така и во однос на вработените.- Уште од првиот ден како министер потенцирав дека управните служби мора да бидат лицето на МВР и државата воопшто. Работењето таму мора да стане престиж, а не казна. Да биде чест да се работи во служба на граѓаните и брзо и ефикасно задоволување на нивните потреби со брзи и квалитетни услуги, напиша ресорниот министер на ФБ.

-Во Владата денеска е потпишан договор за заем од 26,4 милиони евра меѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и македонскиот оператор за електропреносен систем АД МЕПСО, наменети за зајакнување на преносната мрежа. Параф на договорот ставија претседателката на ЕБОР Одил Рене Басо, и директоот на АД Мепсо Зухди Енуз. На потпишувањето на договорот присуствуваа и евроамбасадорот Дејвид Гир и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. Средствата ќе бидат искористени во рамки на проектот за изградба на трафостаница и обнова на 110 киловолтен далновод, што ќе овозможи приклучување на нови 1170 мегавати од обновливи извори кои стојат неприклучени. 

-Конкретни можности за соработка и инвестиции во дигиталниот сектор во Македонија биле клучни теми на разговорите што ги имале министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, директорот на ДТИРЗ Гоце Димовски, и претставници на академската заедница со  претставници од компанијата Rumble. Како што информираат денеска од Министерството за дигитална трансформација, во тој контекст била дискутирана можноста за партнерство со Rumble за изградба на современи национални центри за податоци што како иницијатива би придонела за подобрени стандарди за заштита на приватноста и безбедност на податоците. -Исто така, беше разгледана соработката и во однос на проширувањето на дигиталната инфраструктура и поврзаноста, со цел Македонија да стане лидер во регионот по распространетост на брз и широкопојасен интернет, се вели во денешното соопштение. 

-Геоекономската фрагментација претставува ризик за глобалната економија. Иако сè уште не се согледуваат негативни ефекти врз регионот на Западен Балкан, нема сомнение дека геополитичките ризици се на историски високо ниво и можат да доведат до намалување на трговијата и финансиските приливи. Земјите од Западен Балкан, како мали и отворени економии, можат да ги ублажат ефектите од неповолните геополитички состојби на повеќе начини. Во услови кога меѓународните корпорации ја преоценуваат географската локација на своите производствени капацитетите, обидувајќи се да ги намалат оперативните ризици во работењето, регионот на Западен Балкан може да биде привлечен за преместување на европските бизниси, рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на меѓународната конференција „Повторно поврзување на глобалната економија“.

-Девет членови на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата дадоа поддршка за именување на Ибуш Јусуфи, дипломиран педагог и магистер по дипломатија од Скопје за заменик на генералниот секретар на Собранието на Република Северна Македонија. 

-Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова во текот на вчерашниот ден оствари две одделни работни средби со претставници на сметководителите од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС) и  Комора на сметководители на Македонија (CAM). -Во рамки на средбите една од главните теми беше дека навремено поднесување на ДДВ пријавите во законскиот рок, но и точното пријавување без дополнителни исправки на пријавите, како и плаќањето на точен износ на данок во законскиот рок е заеднички предизвик и за Управата за јавни приходи и за самите сметководители односно компании, информираат денеска од УЈП.

-Во текот на минатата седмица царинските службеници спречиле повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани цигари, облека, моторни
возила и друго. Како што денеска соопштија од Царинската управа, спречен е обид за криумчарење 114 штеки цигари без акцизни маркички од марката Karelia и пет штеки цигари со бугарски акцизни маркички од марката Sobranie, откриени на Меѓународниот Аеродром Скопје, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Лондон.

-Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имавме 30 активни пожари на отворено и шумски пожари. Од нив 20 се целосно изгаснати, а 10 се активни и веќе дел од нив се ставаат под контрола, изјави денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. Тој информира дека рано утрово со полициски хеликоптер почнало гаснењето на пожарот, кој вчера доцна попладне изби во општина Старо Нагоричане, во атарот на село Челопек. Појасни дека во близина нема вода, прииродно или вештачко езеро, и затоа од волонтери на Црвениот крст е наместен еден базен од кој хеликоптерот полни вода и го го гасне пожарот. Базенот е наместен во координација со Главниот штаб за управување со кризи. Овој пожар, како што истакна, би рекол дека е ставен под целосна контрола. 

-Во периодот од 15 до 21 јули во Грција биле регистрирани 534 случаи на семејно насилство и уапсени 338 лица, додека пак на 184 жени жртви на насилство им била инсталирана специјалната тајна апликација на грчката полиција „Panic Button“, јави дописничката на МИА од Атина. Според податоците од грчката полиција девет жени биле згрижени во соодветни центри, кои функционираат во сите региони во рамките на полицијата, односно т.н. „безбедни куќи“ („safe houses“) за краткорочно безбедно сместување на жените жртви на семејно насилство, како и членови на нивното семејство, како што се нивните малолетни деца, на кои им е потребна заштита.

-Помошникот на директорот на сплитскиот аеродром Перо Билас денеска изјави дека ИТ системот на аеродромот синоќа бил нападнат од хакери. -Причината за вчерашното нефункционирање на ИТ системот на аеродромот Св. Јеорним е хакерски напад, рече Билас. Тој нагласи дека во тој настан се вклучени сите надлежни служби. Стручните служби интензивно работат на отстранување на последиците од овој напад. Во контакт сме со сите авиокомпании и заедно бараме алтернативни решенија. Ги молиме сите патници за трпение, рече Билас.

-Особено високи температури биле регистрирани вчера во Грција што е петнаесетти ден по ред од топлотниот бран што ја зафати земјата со максималните температури од речиси 42 степени Целзиусови, според податоците од Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, додека пак од денеска се најавува пад на температурите, јави дописничката на МИА од Атина. Во текот на вчерашниот ден, најтопли области биле Тесалија, централна Грција и југоисточниот дел на Пелопонез. Највисока била температурата во Стилида во централна Грција (41,9 степени), додека пак 189 од 513 активни метеоролошки станици во земјата регистрирале темература од над 37 степени, а во 13 станици температурата била над 40 степени. 

-Пратеникот во Европскиот парламент (ЕП), Дејвид Мекалистер денеска е реизбран за претседател на Комисијата за надворешни работи на ЕП (АФЕТ). Мекалистер беше единствениот кандидат за таа функција избран со едногласно одборување. По завршувањето на гласањето посочи дека пратениците го започнуваат мандатот во време на растечки геополитички тензии и рече дека за време на нивната работа во новото свикување на ЕП, тие ќе продолжат да го нагласуваат непосредното соседство на ЕУ и партнерите во Западен Балкан.

-Украински дронови погодија траект во Керчански Залив, има загинати и повредени лица, соопштија денеска регионалните власти. - Итните служби се на самото место. Пожарот е совладан и нема ризик од негово проширување. За жал, има повредени и загинати членови на екипажот и вработени во пристаништето, објави гувернерот на Краснодарската област, Венјамин Кондратијев. Траектот бил во пристаништето Кавказ во Керчански Залив, а нападот е извршен на 12 километри од Кримскиот мост. 

-Канадските власти по пожарите наредија евакуација на градот Џаспер и Националниот парк Џаспер во провинцијата Алберта. Евакуацијата е наредена како мерка на претпазливост, бидејќи се претпоставуваше дека огнот за пет часа ќе го зафати и градот Џаспер, што не се случи. Минатата недела беа евакуирани жителите на три општини поради шумските пожари во северниот дел на Алберта. Во канадската провинција Британска Колумбија активни се 367 шумски пожари.

- Колумбискиот претседател Густаво Петро го објави Законот за забрана на борбите со бикови во оваа латиноамериканска земја, со што се означи крајот на коридата, како практика признаена во Уставот, како дел од националната култура. Пред голем број активисти и луѓе собрани синоќа во центарот на главниот град Богота, Петро го прогласи потпишувањето на Законот против корида познат како „Нема веќе 'оле',“ со којшто, според колумбискиот претседател, се става крај на „правото да се убиваат“ животни заради „спектакл“. Ова е исходот од преиспитувањето на одлуката на Уставниот суд од 2018 година со којашто беше одобрено одржување на корида во градовите и селата, поради традицијата во земјата.

Остани поврзан