• среда, 27 ноември 2024
МИА Радио флеш

  27 ноември 2024

 

Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат две комисии - Комисијата за прашања на изборите и именувањата и Комисијата за финансирање и буџет.

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година. Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП.

Скопје -  „Идна генерација на управување и иновации во јавната администрација“ е тема на Годишната министерска конференција на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA), што ќе се одржи денеска во Скопје.

Министерството за јавна администрација од синоќа е домаќин на дводневната конференција на министерско ниво на земјите членки на Западен Балкан, под покровителство на ReSPA.На конференцијата за дијалогот за политики на високо ниво (HLPD) за јавната администрација во Западен Балкан денеска  ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски. 

Скопје - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска ќе се обрати на конференцијата „ Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“. 

Организатор на конференцијата е Меѓународната организација на трудот (МОТ). Како што е најавено, ќе се обратат Рита Колумбиа, новоименуван постојан координатор на Обединетите Нации во земјава и Клер Харасти, директор на МОТ за Централна и Источна Европа. Ќе учествуваат претставници на Владата, синдикатите, Организацијата на работодавачи, како и претставници од академската заедница кои работат на прашања поврзани со управувањето со пазарот на трудот и недостигот на работна сила.

Охрид - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Охрид.

Третата фаза на инвестициски циклус на КОСТАЛ е во износ од 45 до 50 милиони евра и најмалку 250 нови работни места до 2028 година. 

Скопје - Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска ќе го одбележи Денот на Академијата.

Настанот ќе почне со положување цвеќе на споменикот на Блаже Конески пред МАНУ, а потоа ќе се обрати претседателот на Академијата, Живко Попов.

На Денот на Академијата ќе биде доделено меѓународното признание „Блаже Конески" на годинашниот добитник Мотоки Номачи, а пригоден говор ќе одржи академик Марјан Марковиќ.

Во рамки на настанот ќе биде промовирано изданието „Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург 1902-1917".

Скопје - Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје  денеска со свечена конференција ќе одбележи 75 години од формирањето.

На конференцијата се најавени обраќања на  деканот на Архитектонскиот факултет, проф. д-р Огнен Марина, и ректорот на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова.

Скопје - Стопанската комора на Северна Македонија денеска во Охрид ќе промовира нов бизнис подкаст на претседателот на комората Бранко Азески и бизнис публикации „Стратешки документи на Комората“ и „Нов договор за економски развој“, дела на Азески и проф. д-р Дарко Лазаров.

На настанот ќе се обрати Иво Јанкоски, сопственик на продукцијата „Трето уво“, како промотор на подкастот, а за публикациите ќе зборува проф. д-р Дарко Лазаров, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Скопје - Во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска ќе биде презентирана публикацијата „Учество на жените од заедниците во политичкиот и јавниот живот во Северна Македонија“.

Како што е најавено, на презентацијата ќе се обратат в.д. шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Сузан Пенкса и заменик-претседателката на Собранието на Северна Македонија Весна Бендевска.

Штип - Тркалезна маса на тема „Промовирање на инклузивно покривање на жените за време на избори на онлајн медиумите,” денеска ќе се одржи во Штип, во организација на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).

Целта е да поттикне конструктивен дијалог за зголемена застапеност на жените во онлајн медиумите/интернет порталите за време на изборната кампања.

Скопје - Со изложбата „Француските уметници од колекцијата на Остен музејот“ денеска ќе биде затворена прославата на 50 годишнината на Францускиот институт во Скопје. 

Изложбата ќе ја отворат Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција во државава и Маја Неделкоска-Брзанова, директорка на Националната галерија.

Скопје - Со истовремено засадување на 600 дрвја во 11 градови низ регионот, денеска ќе се одбележи петгодишнината од иницијативата „Дрво на пријателството“ посветена на поттикнување на солидарноста и подигање на свеста за загадувањето на воздухот. Во државава, садењето се организира во соработка со локални партнери и основачи на апликацијата „Чист Воздух“, со садење на 110 садници во општина Аеродром.

Скопје - Во рамки на проектот „Сарај и Лебане заедно за зелениот туризам – Green Tour“, денеска во општина Сарај ќе бидат пуштени во употреба пешачката и велосипедската патека Матка - Шишево.

Како што информира Општина Сарај, ова е прва директна инвестиција од Европската Унија во кањонот Матка преку Програмата за прекугранична соработка Србија - Северна Македонија. Ќе биде презентиран и напредокот и влијанието на проектот врз локалниот екотуризам.

Скопје - Сликарката Јана Манева-Чупоска изложува цртежи од циклусот „Љубовници во пандемија“ во Македонскиот центар во Истанбул. Изложбата се состои од триесетина дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника молив, јаглен, акрил и темпера и еден диптих во поголем формат изработен во техника акрил.

Кавадарци - „Куќата на тетка ми" е новата книга од младата писателка Марта Димитров, што излезе од печат, а издавач е издавачката куќа „Антолог". Наменета е за тинејџери и деца, но и за сите други љубители на пишаниот збор. 

Димитров, која е по потекло од Кавадарци, претходно има објавено едно дело во електронска форма, како и печатени изданија на романот „Разголена душа", стихозбирката „Мојот храм е внатре во мене" и романот „Шардоне и шпагети карбонара". 

Скопје - Македонскиот кикбоксер Стефан Михајловски со бронзен медал се врати од неодамнешното Европско сениорско првенство во Атина. Тој настапуваше во категоријата кик лајт, + 94 кг и беше блиску до финалето. И покрај пропуштената шанса да се бори за златото, Михалјовски во интервју за МИА, како успешен го оцени својот настап во грчката престолнина. 

Белград - Пратениците во српскиот Парламент денеска ќе гласаат за предлог-буџетот за 2025 година на седница што ќе почне во 10:00 часот. Пратениците ќе гласаат за повеќе од 50 други точки на дневниот ред, јави Бета.

Собраниската седница почна во понеделникот, но беше прекината по неколку инциденти и тепачка меѓу претставниците на власта и опозицијата, кои побараа на дневен ред да се најде предлог за гласање недоверба на Владата на Србија поради смртта на 15 лица кога се урна бетонска настрешница на влез на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.

Лондон - Еден од најбараните терористи по кои ФБИ имаше издадено потерница е уапсен во Велс по повеќе од 20 години бегство, соопштија синоќа американските и британските власти.

Даниел Андреас Сан Диего, кој има врски со екстремистички групи за заштита на животните, е баран од американските власти поради неговата наводна вмешаност во два бомбашки напада во областа Сан Франциско во 2003 година.

Софија - Пратениците во бугарскиот Парламент денеска ќе направат шести обид да изберат претседател на 51-то Народно собрание откако не успеаја минатата недела за нов избор.
Новоизбраните пратеници положија заклетва на 11 ноември, но новиот парламент се уште не може да функционира поради неможноста политичките сили да се обединат околу кандидат за претседател на законодавниот дом, јави БТА. На почетокот на оваа недела, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, изјави дека направил чекор назад, се повлекол од предлогото за функцијата претседател на парламентот и го предложил Атанас Атанасов од ПП-ДБ за функцијата.

Брисел - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека најавениот прекин на огнот во Либан меѓу Израел и Хезболах е „многу охрабрувачка вест, пред се за либанскиот и израелскиот народ погодени од овие конфликти“.
„Либан ќе може да ја зајакне својата внатрешна безбедност и стабилност благодарение на намаленото влијание на Хезболах“, напиша моќната либанска вооружена група поддржана од Техеран, напиша фон дер Лајен на социјалната мрежа Блускај`.

Брисел - Марин Ле Пен би можела да предизвика криза во еврозоната, слична на онаа што некогаш ја погоди Грција, доколку одлучи да ја собори новопоставената француска влада. Додека Европската унија се соочува со политички и економски превирања, француската политичарка е подготвена дополнително да ја зоврие целата работа, наведува Политико.

Ле Пен и нејзината екстремно десничарска партија Национален собир размислуваат дали да гласаат против буџетот на премиерот Мишел Барние. Таков потег не само што ќе ја урне неговата кревка коалициска влада, која е на власт помалку од три месеци, туку ќе ги потресе финансиските пазари и ќе ја потресе цела Европа, пишува Политико.

Дакар - Интерпол уапси 1.006 осомничени во африкански држави за време на операција за борба против кибер криминал, што траеше два месеца.

Операцијата „Серенгети“, спроведена со Африпол - полициската агенција на Африканската унија, траеше од 2 септември до 31 октомври во 19 африкански земји и беше насочена кон криминалците кои стојат зад дигиталната изнуда и онлајн измама, се вели во соопштението на Интерпол.

Бејрут - Прекинот на огнот меѓу Израел и либанската група Хезболах започна денеска.

Засега нема извештаи за наводно прекршување на примирјето. Израел рече дека ќе нападне доколку Хезболах го прекрши договорот.

Прекинот на огнот бара првична двомесечна пауза во борбите и бара Хезболах да го прекине своето вооружено присуство во јужен Либан и израелските трупи да се вратат на нивната страна од границата. Илјадници дополнителни либански војници и мировници на ОН ќе бидат распоредени на југот на земјата, а меѓународна група предводена од САД ќе го следи почитувањето на договорот.

Газа - Хамас е подготвен да постигне прекин на огнот во Газа, изјави висок претставник на палестинската група, поздравувајќи го прекинот на огнот што се воспостави во Либан.

„Ги информиравме посредниците во Египет, Катар и Турција дека Хамас е подготвен за договор за прекин на огнот и сериозен договор за размена на затвореници“, изјави функционерот, но го обвини Израел за попречување на договорот. 

Женева  -  Повеќе од 40.000 луѓе го напуштија главниот град на Хаити, Порт о Пренс во изминатите 10 дена поради ново избивање на насилство од вооружени банди, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Канцеларијата на ОН ја опиша ситуацијата со раселувањето на луѓето поради насилство како најлоша во изминатите две години.

Вкупно 40.965 луѓе го напуштија главниот град меѓу 11 и 20 ноември како резултат на насилството, објави ИОМ.

Вашингтон - Американскиот специјален обвинител Џек Смит побара синоќа федералниот случај поврзан со незаконското поседување доверливи документи против новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да биде суспендиран, бидејќи има законски ограничувања за гонење на претседателот.

„Барањето на обвинителот за повлекување на жалбата против Доналд Трамп е усвоено“, изјави секретарот на 11-тиот окружен Апелациски суд, јавија американските медиуми.

Вашингтон - Новоизбраниот претседател Доналд Трамп потпиша, по долго одложување, Меморандум за разбирање со Белата куќа, што ќе им овозможи на кандидатите за нови позиции да се сретнат со колегите во одделите и агенциите, пред јануарската транзиција на власта.

Сузи Вајлс, која ќе биде шефица на кабинетот на Трамп, нагласи во соопштение дека транзицискиот тим потпишал меморандум со „Белата куќа на претседателот Џо Бајден“.

Вашингтон - Достапните здравствено осигурувања во САД, „Медикеар“ и „Медикејд“, од наскоро ќе опфаќаат и бесплатни лекови против зголемена телесна тежина, јавија синоќа од Белата куќа.
Осигурувањето ќе покрива лекови чија цена надминва 1.000 долари.
 
-Овој предлог ќе им овозможи на Американците и нивните лекари да одредат најдобар начин за прогрес во водењето поздрав начин на живот, без да се грижат за можноста да сносат трошоци за вакви лекови. Истовремено ќе се намалат трошоците за здравство во нашата земја, се наведува во изјавата на претседателот Џо Бајден.

Лондон - Кина почна истрага против својот министер за одбрана, адмирал Донг Јун, за наводни коруптивни активности, што е најнов скандал што го погоди врвот на Народноослободителната војска на Кина (ПЛА), објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на американски официјални лица.

Сиднеј - Долниот дом на австралискиот Парламент усвои закон со кој може да се забранат социјалните мрежи за деца под 16 години, што е една од најстрогите контроли на социјалните мрежи во светот.

Законот е усвоен со 102 гласа „за“ и 13 „против“, а се очекува наскоро Сенатот да го разгледа за да биде усвоен пред крајот на парламентарната година.

Токио - Јапонската полиција денеска соопшти дека уапсила маж кој наводно признал дека упаднал во повеќе од 1.000 домови заради неконвенционален начин за ослободување од стресот.

Полицијата го приведе 37-годишниот во понеделникот под сомнение дека влегол во имот во Дазаифу во јужна Јапонија, изјави портпаролот на полицијата.

„Провалувањето во туѓи домови е мое хоби и го имам направено повеќе од 1.000 пати“, го цитира весникот „Мајничи шимбун“ неименуваниот маж.

Остани поврзан