МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
18 декември 2024
Брисел - Имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан, напорите за регионална интеграција, како и можностите за натамошно унапредување на постепената интеграција меѓу Европската Унија и регионот, ќе бидат главни теми на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани.
Скопје - Вселенскиот патријарх Вартоломеј испрати писмо со сочувство до архиепископот Охридски и Македомски Стефан за неодамнешното упокојување на митрополитот Тимотеј, пренесува црковниот портал Литургија.мк.
Битола - Општина Битола и Преспанско-пелагониската епархија со заеднички активности го слават заштитникот Свети Нектариј Битолски (1430-1500), битолски светец прогласен за патрон на градот во 2007 година.
Свети Нектариј чие крстено име му било Никола, е роден во Битола, митрополија на Охридската архиепископија. Во младите години живеел во родниот град, а последните години од животот ги минал на Света Гора, каде на 70 годишна возраст се упокоил на денешен ден во 1500 година. Неговите свети мошти почиваат во келијата во Света Гора.
Скопје - Поради сообраќајна несреќа, сообраќајот на автопатот Миладиновци – Куманово кај с. Дељадровци се одвива по една коловозна лента, инфрмира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено во зимски услови, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Скопје - Собранието денеска ќе ја започне 23. седница која на дневен ред се 66 точки, меѓу кои и дополнетите предлози на закони за изменување и дополнување на Законот за акцизите и на Законот за културата, двата во второ читање.
Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за прашања на изборите и именувањата, за надворешна политика и надворешна трговија, за финансирање и буџет, како и Законодавно-правната комисија.
Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија ќе го разгледува Предлог на законот за ратификација на Договорот за финансирање на повторното воспоставување заедничка постојана поставка во блокот 17 на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау.
Скопје - Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, во прво читање денеска е на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Како што се наведува во причините за носење на изменитe и дополнувањата, во законот се вршат одредени интервенции со цел постигање на чекорите планирани со Реформската агенда во рамки на Планот за раст за Земјите од Западен Балкан. Како дел од Реформската агенда се предвидени повеќе реформи во делот на управувањето со јавните финансии, меѓу кои и реформата - Зајакнување на системот на јавните набавки.
Скопје - Халкбанк АД Скопје преку ЈП Национални шуми ќе спонзорира засадување еден милион садници во следните пет години низ територијата на целата држава.
Новата еко-акција на Халкбанк АД Скопје е насловена „Еден милион садници за пет години“ и е поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Скопје – Под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, денеска, ќе биде потпишан договор за грант меѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и АД ЕСМ, за изградба на фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“, соопштуваат од Министерството.
На настанот обраќања ќе имаат министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, амбасадорот на Европската унија Михаил Рокас, претставникот на ЕБОР Фатих Туркменоглу, министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев, како и раководителката на секторот за координација на ЕУ фондови и друга странска помош при Министерството за европски прашања, Евгенија Кирковска.
Скопје - Коалицијата „Сите за правично судење“ денеска ќе организира завршна конференција на која ќе бидат презентирани податоци од спроведени истражувања од областа на правосудството.
Настанот е дел од Годишната програма за работа за 2024 година чија имплементација, како што наведува Коалицијата, е финансиски поддржана и овозможена од Европската комисија преку Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.
Скопје - Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) денеска организира панел-дискусија на тема „Дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација“.
Како што најави организаторот, панелисти ќе бидат Лимко Бејзароски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Билјана Георгиевска, директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, Славица Анастасовска од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Сара Миленковска од коалицијата Маргини.
Скопје - Во Галерија-МКЦ вечер од 19 часот ќе биде промовиран романот „Леска Брезоска“ од Симона Јованоска во издание на „Или-Или“.
„Леска Брезоска“ е втор роман на Јованоска по нејзиниот дебитантски „Денот на црвот“ со кој ја освои престижната награда „Роман на годината“ за 2021 година.
Василево - Во општинскиот центар Василево отворено е ново детско рекреативно катче подигнато на иницијатива на Општината во парнерство со УСАИД, ЛАГ „Беласица-Огражден“ и Мрежата за рурален развој.
Во информацијата од локалната самоуправа се наведува дека заедно со постоечкото реконструирано игралиште, рекреативното катче претставува мултифункционален спортско-рекреативен простор во кој ќе уживаат најмладите но и повозрасните жители на населеното место Василево.
Скопје - На сцената на Н.У. Театар за деца и младинци, денеска премиерно ќе биде изведена новата куклена претстава Музика на мојата птица/Музиката на мојот допир, работена по мотивите од романот на Ана Анисимова, а во режија и драматизација на гостинката од Србија, Емилија Мрдаковиќ.
Скопје - Најстудено утрово е во Берово, а најтопло во Гевгелија, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи.
Измерени се 4 степени под нулата во Берово, минус 3 во Битола, минус 2 во Тетово, Скопје - Петровец, Маврови Анови, Демир Капија, минус 1 во Велес, Прилеп, Струмица, Дебар, 0 во Охрид, Крива Паланка, Штип, Куманово, Кавадарци, Скопје-Зајчев Рид, 1 во Претор, 2 во Виница, Попова Шапка, 4 во Крушево, 6 во Гевгелија.
Загреб - Бројот на Хрватите незадоволни од својот живот е речиси преполовен во изминатите 10 години, покажува истражувањето на Евробарометар според кое најголеми тешкотии за хрватските испитаници се инфлацијата, состојбата на економијата и пензиите, јавија хрватските медиуми.
Атина – Спортот како поправна мерка за малолетниците на возраст од 12 до 18 години, осудени за блага деликвенција ќе се користи во Грција, а децата ќе бидат вклучени во аматерски спортски клубови во Грција со цел нивна интеграција, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за иновативна мерка презентирана од надлежните грчки министри за спорт и правда, како дел од пакетот мерки што ги презема државата за справување со малолетничката деликвенција, а иницијативата веќе била спроведена на островот Крит и веќе шест деца биле вклучени во спортски тимови.
Белфаст - Суд во Белфаст утврди дека полицијата во Северна Ирска е одговорна за овластување шпионирање на двајца истражувачки новинари со цел да се идентификува еден од нивните извори.
Судот ја поништи одлуката од 2018 година на поранешниот началник на полицијата во Северна Ирска да го овласти надзорот над Тревор Бирни и Бери МекКафри за да го откријат изворот на протекување доверлив документ, откриен во документарниот филм што двајцата го направиле како новинари.
Авињон - Суд во Авињон утре ќе ја донесе пресудата за Доминик Пеликот и околу 50 други мажи обвинети за долгогодишно силување на Жизел Пеликот, сопругата на првообвинетиот, која стана икона на феминизмот со нејзината одлука да го одржи судењето отворено за јавно со цел да се сврти вниманието кон сексуалните злосторства врз жените ширум светот.
Лавов - Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека евентуалното распоредување на странски мировници во Украина би можело да се разговара на денешниот состанок на европските лидери во Брисел.
На состанокот на кој ќе се разговара за поддршката за Украина, речиси три години по почетокот на руската инвазија, меѓу другите, според извори, ќе се соберат лидерите на Германија, Франција, Полска и НАТО.
Ла Паз - Обвинители издадоа налог за апсење на поранешниот боливиски претседател Ево Моралес поради наводна врска со малолетничка.
Моралес (65) тврди дека обвинението против него е „стратегија за блокирање на неговата претседателска кандидатура“ во 2025 година и дека тој е жртва на „брутална судска војна“ организирана од актуелниот претседател Луис Арсе, објави Гардијан.
Вашингтон - Директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, се очекува денеска да се сретне со катарскиот премиер Шеик Мохамед Абдулрахман ал-Тани во Доха, во обид да помогне да се надминат разликите меѓу Израел и палестинската групација Хамас, јавија американски медиуми повикувајќи се на извори.
Двајцата ќе разговараат за напредокот кон прекин на огнот во Газа и договор за ослободување на заложниците, додаде изворот.
Вашингтон - Договорот за прекин на огнот меѓу Турција и курдските сили поддржани од САД околу северниот сириски град Манбиџ е продолжен до крајот на оваа недела, соопшти портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер.
Вашингтон посредуваше во првичниот договор за прекин на огнот откако избија борби додека бунтовничките групи напредуваа кон Дамаск и на крајот го соборија претседателот Башар ал Асад.
Њујорк - На Волстрит вредноста на акциите вчера падна, а индексот Дау Џонс се намали деветти ден по ред, додека инвеститорите ги очекуваат одлуките и пораките од состанокот на лидерите на американската централна банка.
Дау Џонс падна за 0,61 отсто на 43.449 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,39 отсто на 6.050 поени, а индексот Насдак падна за 0,32 отсто на 20.109 поени. Така, Насдак се лизна од рекордно високо ниво, додека Дау Џонс падна деветти ден по ред, период што не е забележан од 1978 година.
Њујорк - Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, тужи весник од Ајова и агенција за анкети кои објавија неточни анализи дека неговата демократска ривалка Камала Харис ќе победи на изборите во државата. Трамп ги обвинува весникот и агенцијата за анкети за мешање во изборите.
Потегот на Трамп, за кој вчера нашироко беше објавено во САД, се смета за последно предупредување за медиумите и новинарите за тоа што може да ги чека во неговиот втор мандат, јави ДПА.
Њујорк - Советот за безбедност на ОН, побара политичкиот процес во Сирија да биде инклузивен и предводен од Сирија, по падот на режимот на Башар ал Асад.
Членовите на Советот за безбедност, вклучувајќи ги Русија и САД, ја истакнаа потребата Сирија и нејзините соседи да се воздржат од каква било акција или мешање што може да ја загрози безбедноста на другите.
Отава - Канада објави нови гранични правила за канадско-американската граница кои вклучуваат сеопфатни безбедносни мерки откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе дополнителни 25 отсто царини за сите канадски увозни производи веднаш штом стапи на должност следниот месец, доколку таа земја не се вклучи во запирање на шверцот на мигранти и дрога во САД.
Канадската влада најави дека ќе го зајакне надзорот долж границата со САД, како и заедничките сили на двете земји за борба против меѓународниот организиран криминал, објави Би-Би-Си.
Брисел - Ако сте шетале по линијата на фронтот во раните недели од војната во Украина, можеби сте слушнале извици на украински и руски, можеби помешани со звуците на регионалните јазици - бурјатски и чеченски.
Денес, војниците од двете страни на конфликтот комуницираат на шпански, непалски, сомалиски, српски и корејски. Странските јазици во рововите се само еден знак дека конфликтот добива се поголема меѓународна димензија, пишува Политико, кој написот го насловува со „Трета светска војна е во тек. Во Украина“.
Мексико Сити - Американската влада синоќа ја откри својата нова амбасада во Мексико, вредна повеќе од милијарда долари, што требаше да биде готова пред две години.
Амбасадорот на САД во заминување во Мексико Кен Салазар рече дека најголемата амбасада на САД во светот „го нагласува исклучителниот однос меѓу нашите народи и земји“.
Владата го постави камен-темелникот за новата амбасада во февруари 2018 година.
Вашингтон - Палестинци го тужат Стејт департментот поради поддршката на Вашингтон за израелската армија во нејзината војна во Појасот Газа, која однесе илјадници животи и предизвика хуманитарна криза.
Во тужбата, поднесена до Окружниот суд на округот Колумбија, се нагласува дека Стејт департментот, предводен од државниот секретар Ентони Блинкен, намерно го заобиколил американскиот закон за човекови права за да продолжи со финансирање и поддршка на израелските воени единици обвинети за злосторства во Газа и окупираниот Западниот Брег.
Њујорк - Луиџи Манџионе, човекот обвинет за убиството на извршниот директор на UnitedHealth, Брајан Томпсон на улица на Менхетен овој месец, е официјално обвинет за убиство, соопштија обвинителите.
„Овој вид намерно, насочено вооружено насилство не може и нема да се толерира“, наведе окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег во соопштение со кое го објави обвинението.
Москва - Дваесет и деветгодишен државјанин на Узбекистан е приведен под сомнение за убиството на рускиот генерал Игор Кирилов, соопшти денеска руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).
Шефот на руските трупи за радијациска, хемиска и биолошка заштита - генерал-полковник Кирилов и неговиот помошник - мајор Поликарпов загинаа во експлозија вчераутро во Москва.
Порт-о-Пренс - Вооружените напаѓачи делумно уништија болница во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс, изјави денеска директорот на болницата.
Вооружените лица ја запалија болницата Бернар Мев во понеделникот вечерта, уништувајќи четири операциони сали и целата лабораториска опрема, изјави директорот на болницата.
Ливерпул - Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, откри како се чувствува по неговите обиди да влијае на судиите за време на натпреварите.
- Грешката што ја направив двапати овде и еднаш или двапати во Холандија е тоа што понекогаш мислам дека создавањето атмосфера во која целиот свет е против вас може да доведе до некои позитивни одлуки на крајот од натпреварот, изјави Слот за „Тајмс“.