
1 април 2025
Скопје - Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за 1,5 денари, а цената на дизел горивата се зголемува за еден денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,84 отсто во споредба со претходната одлука.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе биде 76,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 79, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 69, а Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) за 69 денари за литар.
Скопје - Нападите кон Сојузот на синдикатите на Македонија нема да го запрат синдикатот во барањата за повисоки плати и подобрување на животниот стандард на работниците, порача денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов потсетувајќи за утрешната јавна седница на Советот, претседателството и надзорниот одбор на ССМ која ќе се одржи во 12:05 пред Собранието, Стопанската Комора и Владата.
-Со нечовечкиот однос кон синдикалните претставници не само што е повреден Уставот и законите во Македонија, туку има повреда и на меѓународните конвенции на трудот и за тоа веќе се известени Меѓународната организација на трудот, Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати кои даваат целосна поддршка на ССМ, истакна Трендафилов.
Скопје - Во продолжението на денешната 38. седница Собранието го донесе законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидското осигурување. Седницата почна со едно минутно молчење и оддавање почит на настраданите во пожарот во дискотеката во Кочани, во кој загинаа 59 лица, а над 190 беа повредени.
Со измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се става вон сила системската одредба на член 37 за усогласување на пензиите во периодот од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година. Во овој период пензиите се зголемуваат во фиксен износ од 2.500 денари на 1 септември 2024 година и 1 март 2025 година, стои во образложението на законот. Исто така се уредува еден од условите за именување на директорот, односно заменик директорот на Фондот, кој се однесува на поседување на уверение, сертификат и/или потврда со кои се докажува познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија.
Скопје - Анализата на спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, усвојувањето на годишните извештаи за 2023 и 2024 година и презентацијата на наодите од оценската мисија на СИГМА за напредокот на Република Македонија во областа на јавната администрација беа во фокусот на денешната втора седница на Советот за реформа на јавната администрација.
Како што информира кабинетот на министерот за јавна администрација, седницата се одржа под покровителство на премиерот Христијан Мицкоски.
Скопје - Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, во изјава за медиумите, реагира дека МВР не кажува дека членот на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој е уапсен поради издавање тајни информации на група од Грчец, нема никаков пристап до тајните информации, кој му ги доставувал и до каде ќе оди истрагата.
Според Кузеска, од она што досега го гледаме „личното обезбедување на Мицкоски, односно обезбедувањето кое што го бира тој се поврзани со многу скандали“.
Скопје - Оставаме шанса на институциите за професионална и неселективна истрага за трагегијата во Кочани, потоа ќе излеземе со нашите идни дејствија, истакна на денешната прес-конференција пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска.
-Оставаме шанса на институциите. Истрагата е во тек и затоа нашиот став е дека треба професионално, неселективно да се заврши целата истрага. Да не опструираме во текот на истрагата. По завршување на истрагата како СДСМ ќе излеземе со став за нашите идни дејствија. Во моментот кога ќе заврши истрагата зависно од резултатите од истрагата. Цело време и на прес-конференциите од страна на раководството и од пратениците оставаме шанса да видиме неселективна и професионална истрага и врз основа на истрагата ќе ги градиме идните ставови на СДСМ, рече Тренчевска одговарајќи на прашањето дали СДСМ ќе ја поддржат идејата на ДУИ за формирање на собраниска Анкетна комисија за неселективна правда за случајот во Кочани.
Скопје - СДСМ го повикува Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за сите тендери во Министерството за дигитална трансформација и бара ДКСК да го прошири предметот, кој рече дека е отворен за Андоновски, и да ја информира јавноста за резултатите од постапката што веќе ја води, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Според Кузеска, скандалите во Министерството за дигитална трансформација водено од Стефан Андоновски не престануваат, и посочи дека по тендерот добиен од сопругот на државната секретарка Клинчарова, сега јавноста дозна за нов тендер вреден 600.000 денари, кои по информации од свиркачи се сомневаме дека бил доделен на фирма поврзана со родителите на вработен во ИТ-секторот.
Скопје - Со 87 гласа „за“, без гласови против и без воздржани во Собранието беше поддржан Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, по скратена постапка, поднесен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако беше усвоен заклучокот да се поддржи, во рамки на 42-тата седница, предлогот ќе биде проследен на разгледување во собраниската Комисија за одбрана и безбедност и во Законодавно-правната комисија.
Скопје - Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска претседаваше со Комитетот за управување со Националниот едношалтерски систем, кој го усвои Предлог законот за едношалтерска околина, нов закон со кој треба да се обезбеди збир на едношалтерски услуги кои ги обезбедуваат 15 институции во делот на увозот, извозот и транзитот на стока.
-Целта на оваа регулатива е да се олесни трговијата преку рационализација на процесите при апликација и издавање на дозволи, нивната обработка и процесот на царинење на стоките при увоз, извоз и транзит низ државата, информираат денеска од Министерството за транспорт. Исто така, додаваат, со Законот се постигнува интероперабилност, односно размена на податоци меѓу сите инститиуции на национално ниво, подобра соработка како и координирани активности во рамки на овој систем.
Скопје - Околу 500 сметководители и овластени сметководители од земјава и регионот ќе учествуваат на Втората регионална конференција на сметководители и овластени сметководители што ќе се одржи в четврток во Скопје во организација на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС).
На конференцијата под мотото „Нова ера во сметководството – Стандардите како предизвик, технологијата како сојузник“ ќе има и претставници на релевантни домашни и меѓународни институции и организации, како и од академската заедница и од деловниот сектор. Како што истакна претседателката на ИСОС Весна Прентоска на денешната средба со новинарите, главна цел на конференцијата е отворање на дијалог за иднината на сметководствената професија преку адресирање на предизвиците поврзани со усогласување на Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ), воведувањето на ЕСГ принципите во финансиското известување, како и интеграција на новите технологии, особено вештачката интелигенција и анализата на големи податоци во секојдневната работа на сметководителите.
Белград - Вкупно 125 луѓе се уапсени во март од страна на српската полиција, односно Одделот за антикорупција на Управата за криминалистичка полиција како дел од борбата против корупцијата и финансискиот криминал, јави дописникот на МИА од Белград. Кривични пријави се поднесени за 127 луѓе.
„Во соработка со специјалните антикорупциски одделенија на вишите јавни обвинителства во Белград, Нови Сад, Ниш и Краљево, уапсени се 125 лица, а против вкупно 127 лица се поднесени кривични пријави за кривични дела во надлежност на Одделот за борба против корупција. Причинета е противправна имотна корист од околу 670 милиони динари и штета во износ од околу 770 милиони динари“, соопшти МВР на Србија.
Атина - Силно невреме со обилни врнежи од дожд, по Парос и Миконос, го зафати и грчкиот остров Крит, особено во западниот дел и пошироката околина на градот Ханиа, каде што според локалните медиуми, поради поплавените улици, потребна била интервенција на противпожарната служба за помош на возачи заглавени во нивните возила, јави дописничката на МИА од Атина.
Од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите и посетителите на Крит за интензивните временски појави до утре наутро со препорака да бидат внимателни при движењата и да ги следат упатствата на надлежните.
Тирана – По повод 16-годишнината од членството на Албанија во НАТО, шефот на државата Бајрам Бегај, оценува дека „Албанија се покажа како достојна членка на алијансата“
„16 години во НАТО. Албанија денеска со гордост ја слави 16-годишнината од своето членство во најуспешниот сојуз за колективна одбрана, НАТО. Во овие 16 години Албанија се покажа како достојна членка на алијансата со придонеси и активно учество во мисиите и операциите на НАТО. Нашата земја ќе продолжи да биде посветена на евроатлантската алијанса за силен, обединет и солидарен НАТО, објави шефот на државата на својот официјален профил на социјалните мрежи.
Белград - Во Палатата Србија во присуство на претседателот на државата, Александар Вучиќ денеска беше потпишан документ од областа на одбраната меѓу Србија и Унгарија, јави дописникот на МИА од Белград.
Планот за билатерална воена соработка меѓу министерствата за одбрана на Србија и Унгарија за 2025 година - документ за операционализација на стратешката соработка во областа на одбраната меѓу двете земји, го потпишаа министерот за одбрана на Србија, Братислав Гашиќ и министерот за одбрана на Унгарија, Криштоф Салаи-Бобровнички.
Хамбург - Брод со радиоактивен нуклеарен отпад утрово се закотви во Германија, и покрај протестите на антинуклеарните активисти.
Наменски изградениот брод пристигна во пристаништето Норденхам во северозападна Германија во 6 часот наутро, изјави портпаролот на компанијата за нуклеарни услуги GNS за ДПА.
Рејкјавик - Во близина на исландскиот главен град Рејкјавик започна вулканска ерупција, но магмата се уште не стигнала на површината, објави Исландската метеоролошка служба.
Снимките во живо од радиодифузерот RÚV покажаа дека лавата се пробива до површината на Земјата од огромна пукнатина. Пукнатината првично била долга околу 500 метри, соопшти Исландската метеоролошка служба, но таа продолжува да расте.
Стразбур - Не смее да дозволиме извршените воени злосторства во војната во Украина да останат неказнети, затоа што нивниот можен број е едноставно неверојатен, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во денешното обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур.
- Присилното префрлање и депортирање на украински деца е едно од најголемите извршени злосторства, со што екстремно се прекршени човековите права, истакна Калас за време на парламентарната дебата за „руските воени злосторства во Украина“.
Киев - Украина помина прва ноќ без напади со дронови од декември минатата година, соопшти денеска украинското воздухопловство, истакнувајќи дека руските сили лансирале два крстаречки ракети, од кои и двете биле успешно соборени.
Од декември, руските сили секојдневно напаѓаат украински цели со илјадници дронови кои вообичаено ги лансираат ноќе, потсети ДПА.
Лондон - Британскиот премиер Кир Стармер рече дека е веројатно оти тарифите на Доналд Трамп ќе ја погодат Велика Британија и вети дека ќе дејствува во националниот интерес како одговор.
Стармер посочи дека одмазднички тарифи се можни, но нагласи дека не сака да види трговска војна.-Обединетото Кралство ќе се обиде да издејствува ослободување, рече деловниот секретар Џонатан Рејнолдс, но не можеше да даде временска рамка за тоа кога очекува да се сменат даноците за увозот во Велика Британија.
Брисел - Аеродромот во Брисел денеска очекува 71.000 патници - 12.000 повеќе од вообичаеното - поради вчерашниот национален штрајк, изјави портпаролот на аеродромот, цитиран од локалните медиуми.
Патниците на аеродромот во главниот град велат дека дури и во редот за платени брзи безбедносни проверки чекањето трае околу 25 минути.
Сукре - Поранешниот боливиски претседател Ево Моралес, кој најави дека повторно ќе се кандидира на изборите во август, и покрај одлуката на Уставниот суд дека нема право на нов мандат, објави формирање на новото движење „Ево Пуебло“, откако ја напушти партијата што ја водеше повеќе од 20 години.
Сепак, Моралес нема да може да се кандидира преку новата партија, бидејќи таа мора да помине низ долг процес на легална регистрација, кој вклучува собирање најмалку 109.500 членови, или 1,5 отсто од регистрираните гласачи.
Куала Лумпур - Бројот на повредени во пожарот на гасовод во Малезија се искачи на 112, а 63 лица се хоспитализирани, соопштија локалните власти.
Претходно беше соопштено дека 33 лица се повредени, а шестмина се пренесени во болница.