МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
2 септември 2024
Скопје - Во Лазарополе и Берово утово е измерена темепратура од 9 степени Целизусови. Следат Маврови Анови со 11, 12 Попова Шапка, 13 Крива Паланка, Битола, Претор, Тетово, 14 Прилеп, Скопје-Петровец, Охрид, 15 Крушево, Струмица, 16 Куманово, Кавадарци, Демир Капија, 17 Скопје-Зајчев Рид, 18 Штип, Велес и 19 Виница во Гевгелија, соопшти УХМР.
Времето денеска сончево и топло со мала до умерена облачност поголема попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Максималната температура ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје сончево и топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 35 степени.
Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини „Табановце” и „Богородица” за влез и излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Скопје - Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе одржи седница.
Единствена точка на дневен ред е Предлог-законот за парничната постапка, во прво читање.
Скопје - Холандската амбасадорка, Узлем Џанел денеска ќе го посети Собранието на Република Северна Македонија.
Како што е најавено, амбасадорката ќе има средба со спикерот Африм Гаши.
Скопје - По повод почетокот на новата учебна година денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска ќе го посети Основното училиште „Стив Наумов“ во општина Гази Баба.
Од Општина Гази Баба најавија дека на приемот на првачињата во Општинското основно училиште „Стив Наумов“ во Автокоманда ќе присуствуваат и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалниот на оваа општина Бобан Стефковски.
Скопје - Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати (ETUC) Естер Линч, заедно со својот тим, денеска ќе реализира работна посета на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ).
Како што соопшти ССМ, во рамки на посетата ќе бидат разгледувани актуелните состојби околу одземањето на зградата на ССМ - Работнички дом, барањата на синдикатите до Владата за зголемување на платите во државата, положбата на работниците, работничките права, работничките организации и нивната усогласеност со европското законодавство и меѓународните трудови стандарди, како и положбата на синдикатите во земјава.
Скопје - Од денеска автобускиот градски превоз во Скопје ќе биде редуциран. Дел од приватните автобуси ќе сообраќаат само наутро, од пет часот. Еден автобус ќе вози само една тура, на една линија. Тоа се автобусите со број 45, 23, 63, 73, 61, 63, 22, 52, 54, 19 и 20. Потоа автобусите ќе останат во гаража, а возачите ќе им се приклучат на колегите кои нема да возат.
Јавниот превоз организиран од страна на „Вестор транс“ денеска, пак, продолжува да функционира непречено и согласно со возниот ред. Тоа се автобусите со број 9, 11, 11а, 12, 47 и 55.
Скопје - Српското електронско списание „Eckermann” во својот најнов, 44 број ја објави театарската пиеса „Апокалиптична комедија“ на Томислав Османли. Пиесата неодамна беше објавена од издавачот „Прометеј“ од Нови Сад исто така во Србија и е дел од книгата со три драмски текста на Османли, насловена „Пат во рајот“.
Струмица - Управата на Брера Струмица спогодбено го раскина договорот со шефот на стручниот штаб Бојан Круљ од Србија, соопштија синоќа од „Брера Струмица“.
Како што е соопштено прекинувањето на соработката доаѓа по третиот едно по друго пораз во првенството од Струга Трим Љум, а на наредниот нарпревар Круљ заедно со неговите помошници Душан Дошљак и Милош Поповиќ нема да го предводат тимот.
Приштина – Косовскиот премиер Албин Курти во неделата се сретнал со претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Соња Бисерко, српскиот опозициски политичар, Ненад Чанак и директорот на Центарот за хуманитарен дијалог, Марк Баскин, со кои, меѓу другото, разговарал за положбата на српската заедница во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението од службата за информирање на Владата на Косово се наведува дека Курти бил информиран од страна на гостите од Србија дека „Белград планира иселување на косовските Срби во Санџак“ и дека за таа цел во тој српски регион се градат куќи и станови.
Блед - Годинешниот Бледски стратешки форум, на кој ќе учествуваат високи функционери, дипломати, професори, истражувачи и претставници на компании и невладини организации, започнува денеска во Словенија.
Деветнаесеттата по ред конференција на Бледското Езеро ќе се одржи денеска и утре, под мотото „Свет на паралелни реалности“. На форумот ќе присуствуваат претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и највисоките претставници на шесте западнобалкански земји.
Форумот ќе го отворат министерската за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, и претседателката на државата, Наташа Пирц Мусар, по што ќе следи обраќање на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш (преку видео порака), и на Фон дер Лајен.
Брисел - Белгија го пропушти рокот на 31 август за објавување на номинациите за следниот еврокомесар, објавија локалните медиуми. Претставниците на партиите од мнозинството што произлезе по јунските избори се сретнаа во саботата, но потоа не кажаа дали е донесена одлука.
Меѓу најверојатните можности, медиумите во Брисел го посочуваат повторното номинирање на поранешниот белгиски еврокомесар Дидие Рејндерс и вршителот на должноста министер за надворешни работи Хаџа Лабиб. Така, Белгија би го исполнила барањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да бидат номинирани маж и жена.
Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц ги нарече „горчливи“ резултатите од двата регионални избори на кои забележа голема победа екстремната десница АфД и загубите за неговата коалиција и ги повика главните партии да формираат влади без „десничарски екстремисти“.
На изборите изминатиот викенд во Тирингија, Алтернатива за Германија (АфД) стана првата екстремно десничарска партија која победи на регионалните парламентарни избори во Германија по Втората светска војна.
Берлин - „Алтернатива за Германија“ е подготвена да стане првата екстремно десничарска политичка сила што победила на регионалните избори во Германија по Втората светска војна, покажуваат прелиминарните резултати од вчерашните регионални избори во покраината Тирингија.
Алтернатива за Германија освои 33,2 отсто од гласовите во Тирингија, со убедливо водство пред конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), која се најде на второто место со 23,6 отсто од гласовите, покажуваат прелиминарните резултати објавени вчера од медиумот ZDF.
Вашингтон - САД заедно со Египет и Катар, посредуваат во постигнувањето конечен договор „земи или остави“ меѓу Израел и Хамас, што ќе им биде претставен на конфликтните страни во наредните недели, објавија денеска американски медиуми.
„Вашингтон пост“ ја пренесува оценката на неименуван висок функционер на американската администрација дека доколку двете страни не го прифатат тој обид за постигнување договор, тоа може да значи крај на преговарачкиот процес што го водат САД.
Тел Авив - Израелската синдикална организација Хистадрут (Генерална организација на работниците во Израел) денеска организира еднодневен генерален штрајк во знак на протест против неуспехот на владата да стави крај на конфликт во палестинската енклава, јави ДПА. Штрајкот се одржува еден ден по објавувањето на инфорамцијата дека во Појасот Газа се пронајдени тела на шест заложници.
Киев - Русија истрела беспилотни летала, крстосувачки и балистички ракети кон Киев, и најверојатно и кон други градови во Украина, соопшти утрово украинските ВВС.
Серии експлозии го потресоа главниот град на Украина во раните утрински часови, поради што жителите се во засолништа за напади со бомби. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека службите за итни случаи биле повикани во областите Голосиев и Соломијан. Едно лице е повредено од паѓање остатоци во областа Шевченко, рече Кличко.
„За се ќе има одговор. Непријателот ќе го почувствува тоа“, напиша шефот на претседателскиот кабинет Андриј Јермак на својата страница на Телеграм по нападот.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша уредби за воведување санкции, по предлог на Советот за национална безбедност и одбрана (РНБО), против правни и физички лица кои обезбедуваат функционирање на авијациската инфраструктура на Русија, како и против колаборационисти.
„Денеска потпишав неколку нови уредби за санкции, предложени од РНБО. Под санкции се речиси 150 субјекти – правни и физички лица – кои обезбедуваат работа на авијациската инфраструктура на Русија. Исто така, воведен е нов пакет санкции против колаборационисти. Тие кои одбраа да работат во корист на војната, изјави синоќа Зеленски, пренесе „Украинска правда“.
Каракас - Повеќе од 80 тинејџери, кои беа уапсени за време на протестите по претседателските избори оваа година, беа ослободени во Венецуела овој викенд, соопшти организацијата за заштита на човековите права „Казнен форум“.
Алфредо Ромеро, претседател на организацијата за човекови права „Казнен форум“, на социјалната мрежа „Икс“ синоќа напиша дека 86 тинејџери, уапсени за време на протестите, биле ослободени во изминатите денови.
Изборниот совет на Венецуела и венецуелскиот Врховен суд го прогласија претседателот Николас Мадуро, кој е на власт од 2013 година, за победник на изборите. Сепак, целосните изборни протоколи сè уште не се објавени.
Џорџтаун - Властите на Гвајана вчера запленија над четири тони кокаин со вредност од 200 милиони долари, наменет за Европа Дрогата била пронајдена во подземни дупки во западниот дел на земјата, близу границата со Венецуела, изјави Џејмс Синг, шеф на одделот за борба против дрога во гвајанската царинска служба.
Синг објасни дека наркотрговците ја скриле дрогата во ископани дупки, кои ги покриле со даски.
Москва - Вулканот Шивелуч на полуостровот Камчатка, кој еруптираше во текот на ноќта, исфрли облак од пепел во висина од околу осум километри, соопшти денеска локалната канцеларија на руското Министерство за вонредни состојби.
„Пепелта се шири кон североисток, во правец на заливот Озерни, но на патот на нејзиното ширење нема населени места“, се наведува во извештајот.
Пекинг - Кина ја повика Европската унија да биде „објективна и фер“ и внимателна со зборови и постапки во врска со кинеско-филипинскиот спор во Јужното Кинеско Море, по изјавите на Унијата во врска со инцидентот викендов.
Кина е „многу незадоволна“ поради „обвинувањата“ на Европската унија против неа по ова прашање, се наведува во соопштението на кинеската мисија во ЕУ.
Манила - Наставата во школите и работата на институциите во Манила денеска се прекинати поради поплавите предизвикани од силното невреме на северот на Филипините.
Две лица загинаа во невреме во градот Нага додека илјадници луѓе беа предупредени да се подготват за евакуација.
Тропската бура Јаги денеска донесе ветрови со брзина од 115 километри на час североисточно од градот Инфанта во провинцијата Кезон. Невремето се движи кон регионот Лузон каде властите предупредија на можни поројни поплави и лизгање на земјиште.