• петок, 08 ноември 2024
МИА Радио флеш

9 октомври 2024

Скопје - Раскинат е договорот со надворешната компанија што ја снабдуваше Армијата со храна, потврди денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски.

-Еднострано е раскинат договорот кој имаше многу недостатоци. За да не биде политичка одлуката како министер за одбрана направив Комисија заедно со Министерството за одбрана, Генерал-штабот и Армијата која ги прегледа сите записници и констатираше премногу пропусти и заедно со Армијата ни даде препорака да биде раскинат договорот. Договорот е раскинат и течат сите законски прописи, но мене најважно од се ми е да не се наруши борбената готовност и секој припадник на Армијата да биде безбеден, рече Мисајловски во одговор на прашање на отчетот за 100 дена Влада и додаде дека се консултирал со правниот сектор во Армијата и со адвокат за раскинувањето на договорот.

Скопје - Со потпишување на Договорот со унгарската Експорт - импорт банка во Будимпешта се официјализираше првиот дел од Договорот за заем во износ од 500 милиони евра и воедно започнаа разговори за вториот дел од заемот исто така во износ од 500 милиони евра, кои се очекува да бидат одобрени до крајот на годината.

Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во својата изјава во Будмпешта, при што најави дека средствата согласно потпишаниот Договор ќе бидат на располагање следната недела.

Скопје - Државниот секретар, Дајанчо Ефтимов, на тркалезната маса организирана од Советот на Европа вчера во Скопје ги истакна предизвиците со кои се соочуваат затворските установи и неопходноста од реформи за подобра ресоцијализација и рехабилитација на осудените лица. 

Како што пренесуваат од Министерството за правда, во своето обраќање Ефтимов нагласил дека состојбата е сериозна и дека е потребен голем труд и посветеност за воспоставување правда и правна сигурност. 

Атина – Значителен е напредокот што Грција го постигна во однос на изградбата на енергетскиот систем што е почист, побезбеден, поотпорен и ги унапредува нашите заеднички интереси како сојузници и партнери, истакна помошникот секретар за енергетски ресурси на САД Џефри Пајат за време на неговото учество во Атина на работилница за диверзификација на снабдувањето со природен гас во југоисточна и централна Европа, јави дописничката на МИА од Атина.

Пајат од вчера е во Грција, денеска заминува за Турција, а за време на посетите во Атина и Истанбул планирани се средби со министри и претставници на приватниот сектор за да разговараат за регионалните енергетски транзиции и приоритетите за енергетската безбедност.

Приштина - Нов командант на КФОР е италијанскиот генерал-мајор Енрико Бардуани, кој како дел од таа мисија веќе служел на Косово, а освен задачи на Балканот бил ангажиран и во Ирак, Либан и Авганистан.

Како што пренесува порталот Балкан Секјурити Нетворк (Balkan Security Network), Бардуани важи за човек со посебни искуства за ваквата политички и безбедносно чувствителна функција и затоа ќе помине една година на чело на воената мисија на Косово.

Лисабон/Мадрид - Кон Европа се движи ​​ураганот „Кирк“, кој најверојатно ќе предизвика штета и нарушување во делови од Европа кога ќе пристигне оваа недела.

-„Кирк“ првично беше моќен ураган, кој се движеше помеѓу Бермудите на Карибите и Азорските Острови во централниот дел на Атлантикот во текот на викендот. Накратко стигна до категоријата 4 на скалата Сафир-Симпсон. Сега ќе остане многу силен бидејќи ќе се развие во моќна атлантска бура каква што често ја гледаме над Северен Атлантик и Западна Европа во текот на есента и зимата, објаснува метеорологот Ларс Ловински.

Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската унија мора да се промени, а унгарското претседателство со ЕУ има за цел да биде „глас и катализатор за промени“.

Во своето обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур, каде што ја презентираше унгарската програма, Орбан рече дека конкурентноста е најважниот елемент на промените, јави агенцијата МТИ.

Бејрут - Израелската армија издаде предупредувања до луѓето кои живеат во јужен Либан да се евакуираат или ризикуваат да бидат убиени.Околу 1,2 милиони луѓе ги напуштија домовите поради израелските напади и предупредувањата за евакуација.

Претставникот на Светската програма за храна на Обединети нации, Метју Холингворт истакна дека невозможно е да се задоволат потребите на повеќе од еден милион луѓе присилно раселени лица.

Техеран - Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека највисокиот дипломат на Техеран, Абас Арагчи, денеска попладне ќе пристигне во Саудиска Арабија каде ќе се фокусира на запирање на војната што се проширува.

Целта е понатамошни дипломатски напори „за да се запре геноцидот и агресијата на израелскиот режим и да се ублажат болките и страдањата на нашите браќа и сестри во Газа и Либан“, напиша портпаролот на иранското МНР Есмаил Багаи на X.

Остани поврзан