• недела, 15 декември 2024
МИА Радио флеш

11 декември 2024 

Скопје - Во однос на условувањето од Бугарија, Парламентот е подготвен во секое време да го започне процесот на уставни измени што земјата ја држат во застој. Сепак, потребен е консензус и политичка волја процесот да продолжи напред во согласност со стандардите на ЕУ и тој да не биде попречен од билатералните прашања, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши, на Седмата пленарна конференција на НКЕУ-МК. Оценува дека како држава сме во временски теснец и оти треба да бидеме премногу умешни да ја најдеме вистинската формула како да постапиме. 

Гаши, во обраќањето на Седмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија, нагласи дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за унапредување на процесот во евроинтеграции и оцени дека секоја држава која сака да стане членка на ЕУ треба да ги реши билатералните прашања без тие да влијаат во напорите за реализација на европските интеграции.

Скопје - Ние не ги оспоруваме одлуките на Американскиот Стејт департмент, господин Груби има право на жалба, ќе го води процесот насочен со факти. Ова право господин Груби го има во одлуката на Стејт депарментот и тој сигурно нема да му наштети ниту на неговиот политички субјект (Демократската унија за интегација), ниту на неговото семејство, до моментот кога овој процес ќе добие финална разврска, изјави денеска лидерот на ДУи Али Ахмети.

На новинарско прашање доколку му се утврди вина, дали ќе биде отстранет од партијата, Ахмети рече дека Груби е совесен и одговорен и дека нема потреба партијата да го отстрани, туку дека тој сам ќе се повлече од сите партиски функции.

Скопје - Македонија е најсилна тогаш кога ги слуша сите свои граѓани – на сите јазици, истакнува  Фатмир Битиќи - пратеник во Собранието од редовите на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања во објава на Фејсбук во врска со седницата на Уставниот суд на која една од точките е расправата по иницијативите за Законот за употреба на јазиците.

- Во овој момент, во 9:30 часот, во судницата на Уставниот суд започнува необичен разговор на нашето општество со себеси, со различностите, кој може да биде дијалог како инклузивен процес или монолог како чин на исклучување. Ова е миг во кој се расправа за кохезијата на општеството, за неговите споделени основи. Во овие моменти, кога судницата станува арена на судир помеѓу историјата и визијата за иднината, свесни сме дека тоа не е само за законот или Уставот, станува збор и за тоа каква држава сакаме да бидеме, наведува Битиќи.

Скопје - Пред Уставниот суд, каде денеска се одржува седницата на која ќе се расправа по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците, се собираат членови и активности на Демократската унија за интеграција.

Меѓу нив се и членови на највисокото раководство на партијата како поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи и поранешниот министер за образование и наука Арбр Адеми. Присутни се и лидерот на партијата Али Ахмети и на Зијадин Села од Алијанса за Албанците. 

Скопје - Уставниот суд денеска ја одржува 32-та седница на која меѓу точките на дневен ред се и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот. На седницата не присуствуваат судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари.

Непосредно пред гласањето на дневниот ред предложен за оваа седница, судијата Фатмир Скендер предложи точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците да се одложи поради отсуството на двајцата судии.

Скопје - Судиите на непосредни избори денеска избираат двајца нови членови на Судскиот совет. Се избира еден член на Советот од редот на судиите од апелационо подрачје Штип и еден член на Советот од редот на судиите припадници на заедницата која е повеќе од 20 проценти од населението во Република Северна Македонија од страна на сите судии запишани во Судскиот изборен именик.

На единствената посебна листа од судиите припадници на сите заедници кои не се мнозинство за целата територија на Република Северна Македонија има само еден кандидат, судијата Аритон Ала од Апелационен суд Скопје.

Приштина - Косовскиот премиер Албин Курти објави дека ќе се бори против семејното насилство „како никогаш досега“ со користење на електронски надзор, јавија косовските медиуми.

Тој го изјави ова по состанокот синоќа организиран од косовската полиција, на кој беше претставено како ќе функционираат електронските врски за следење на сторителите на насилство, односно осомничените.

Приштина - Косовскиот Институт за безбедност и отпорност – PREVENT објави извештај насловен „Безбедност на северот на Косово по терористичките напади во Бањска и каналот Ибер-Лепенц: Кои се следните чекори?“, јави РТК.

Во извештајот се наведува дека „повеќе од една година по српскиот терористички напад во селото Бањска, Звечан, водачот на оваа група, Милан Радоичиќ, останува неказнет и заштитен во Србија. По нападот во Бањска, северниот дел на земјата беше цел и на друг терористички напад врз водоснабдителниот канал Ибер-Лепенц“.

Прага - Европската унија е запозната со најавата на Вишото јавно обвинителство во Белград дека наскоро ќе биде донесена одлука за обвинение против Милан Радоичиќ, соопштија за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Брисел, потсетувајќи дека од Србија се очекува да „обезбеди целосна одговорност за сторителите на нападот во Бањска“.

„Ова значи гонење и изведување пред суд на осомничените кои се во Србија и обезбедување целосна соработка во истрагата за нападот“, рече портпаролката на ЕУ, Анита Хипер.

Белград - Во Србија продолжува блокадата на факултетите и досега според локални медиуми во блокада се речиси 40 високообразовни институции, а денеска за првпат блокада најавија и средношколци, јави Бета.

Студентите на Природно-математичкиот факултет во Крагуевац денеска во 11:52 часот ќе им оддадат почит на настраданите од падот на настрешницата во Нови Сад, по што најверојатно ќе го блокираат тој факултет.

Белград - Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека реконструкцијата на владата ќе се случи напролет, во мај или јуни.

„Мислам дека ќе биде напролет, мај, јуни. Новите кандидати за министер за градежништво и трговија имаат помалку време да се докажат“, изјави Вучевиќ за белградски медиуми.

Никозија - Претседателот на Кипар Никос Христодулидис и лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар заедно присуствуваа на прием организиран од мисијата на мировните сили на ОН на Кипар во хотел во тампон зоната, што воедно беше прва нивна средба по неофицијалната вечера во Њујорк пред два месеци, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на мисијата на мировните сили на ОН, Колин Стјуарт, според кипарските медиуми, обраќајќи им се на присутните изразил задоволство што ги гледа двајцата лидери, за отворање нови премини за кои стана збор на средбата во Њујорк, посочил дека потребно е само политичка волја и отворањето ќе биде во корист на луѓето и од двете страни на островот и ќе има позитивно влијание на патот на решението.

Белград - Пратеничките групи на опозицијата во Собранието на Србија поднесоа барање за разрешување на Ана Брнабиќ од функцијата претседател на Собранието, јавија српските медиуми.

На прес-конференција пратеникот Радомир Лазовиќ рече дека барањето за разрешување е поднесено поради „прекршување на Уставот на Србија, Законот за Собрание и Деловникот за работа на Собранието на Србија“.

Загреб - Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ телефонски разговараше со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта за напредокот на земјите од Западен Балкан кон членство во ЕУ и во таа насока му ги пренесе позициите на официјален Загреб.

„Пред состанокот на Советот на ЕУ и самитот ЕУ-Западен Балкан следната недела во Брисел разговарав телефонски со претседателот на ЕК Антонио Кошта. Ги пренесов ставовите на Хрватска во однос на напредокот на земјите од Западен Балкан во преговарачкиот процес за членство во Европска унија, исто така, разговаравме за важноста од продолжување на поддршката за Украина и ситуацијата на Блискиот Исток“, објави Пленковиќ на платформата Х.

Брисел - Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, денеска соопшти дека го информирал Северноатлантскиот совет за случувањата во дијалогот меѓу Белград и Приштина и ја истакнал важноста од одличната соработка меѓу ЕУ и НАТО за регионалната стабилност.

Лајчак на социјалната мрежа Х изјави дека имал вредни разговори со заменик генералниот секретар на НАТО Радмила Шекеринска и со сите амбасадори.

Aнкара - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен в петок ќе ја посети Анкара на разговори со со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, јавија турските медиуми.

Двајцата се очекува да разговараат за ситуацијата во Сирија откако Башар ал Асад беше соборен од претседателската функција во офанзива на бунтовничките групи.

Белград - Адвокатите во Србија денеска ја прекинаа работата поради незаконскиот начин на донесување и усвојување измени на Кривичниот законик, без соодветно учество на правната професија, селективно гонење на одговорните за трагедијата во Нови Сад, како и селективно гонење на учесниците на протестите во тој град, јавија српските медиуми.
Причините за суспендирање на работата на адвокатите се систематското и долгогодишно мешање на извршната власт во работата на судството и кршењето на принципот на поделба на власта во едно демократско општество.

Брисел - Политико објави листа на најмоќните луѓе во Европа, на која има 28 имиња, а за најмоќна личност во Европа ја прогласи италијанската премиерка Џорџа Мелони.
 За помалку од една деценија, Мелони од ултранационалистичка лидерка беше избрана за премиер на Италија и се етаблира како личност со која Брисел, а сега и Вашингтон, можат да работат, наведува медиумот.

Ова се најмоќните во Европа според Политико: Giorgia Meloni, Ursula von der Leyen, Vladimir Putin, Donald Tusk, Nadia Calviño, Piotr Serafin, 
Rachel Reeves, Stéphanie Riso, António Costa...

Брисел - Политико објави листа на најмоќните луѓе во Европа, на која има 28 имиња, а за најмоќна личност во Европа ја прогласи италијанската премиерка Џорџа Мелони.
 За помалку од една деценија, Мелони од ултранационалистичка лидерка беше избрана за премиер на Италија и се етаблира како личност со која Брисел, а сега и Вашингтон, можат да работат, наведува медиумот.

Рим - Мафијашките организации заработуваат 3,3 милијарди евра од туризмот во Италија, покажува истражувањето на институтот за испитување на јавното мислење Демоскопика. Извештајот е заснован на податоци од различни официјални и авторитетни извори, вклучително и националната статистичка агенција Истат и Банката на Италија, јавија италијанските медиоуми.

Прометот и профитот на мафијата ќе пораснат во следните години - јубилејна за Римокатоличката црква, со милиони верници кои се очекуваат во Рим во 2026 година, и идната година кога ќе се одржат ЗОИ на северот на земјата.

Брисел - Белгиските власти ја разгледуваат можноста за укинување на меѓународниот статус за заштита доделен на сириските бегалци во последните пет години, објавија локалните медиуми повикувајќи се на изјавата на државната секретарка за азил и миграција, Никол де Мур.

Претходно оваа недела Белгија, како и други европски држави, привремено го суспендира разгледувањето на барањата за азил од сириски државјани поради падот на режимот на Башар ал Асад. Одлуката засега 2.350 сириски граѓани кои ќе останат во миграциските центри во статус на чекање.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон утре ќе ја посети Полска за да разговара за европската поддршка за Украина по средбите со новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп и украинскиот колега Володимир Зеленски, соопшти Елисејската палата.

Макрон ќе се сретне со полскиот премиер Доналд Туск за да разговара за европската помош за Украина во новиот трансатлантски контекст и во пресрет на претседателството на Полска со Советот на ЕУ во првата половина на 2025 година.

Прага - Германскиот производувач на оружје „Рајнметал“ (Rheinmetall) соопшти дека Чешка нарачала тенкови „Леопард 2A4“ во вредност од околу 161 милион евра, како дел од договор што вклучува испраќање постара воена опрема на украинската армија.

Според договорот, Чешка ќе добие уште 14 тенкови до крајот на 2026 година, а тој вклучува и пакет за муниција и логистика.

Женева  - Студијата на Светската здравствена организација (СЗО) покажува дека 20 отсто од луѓето на возраст од 15 до 49 години во светот имаат генитален херпес.

Тоа значи дека 846 милиони луѓе во светот живеат со инфекција со генитален херпес, според Светската здравствена организација (СЗО), пренесува ДПА.

Остани поврзан