• четврток, 25 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

25 јули 2024

Скопје - Не сакаме да играме во шеста лига, сакаме во прва, му порачаа бизнисмените денеска на премиерот Христијан Мицкоски. Тие побараа и Владата да го комплетира тимот со искусни економисти.

-Со Владата сакаме да ја направиме најголемата инвестиција, а потенцијал имаме, истакна сопственикот на ИГМ - Кавадарци, Илија Гечев.

Премиерот Мицкоски кој ги ислуша барањата и сугестиите на компаниите, рече дека транспарентноста и отчетноста ќе и бидат приоритет на Владата. Наскоро, напомена, преку интернет страница граѓаните ќе можат да гледаат како и за што се трошат парите и на национално и на локално ниво.

-Имаме намера да бидеме ваш партнер и да помагаме. Сакам да ве уверам во тоа. Чуда се невозможни, но тоа што може, ќе го направиме во рамки на Уставот и законите. Наш интерес е домашната економија да се развива, потенцира Мицкоски и ги повика компаниите да аплицираат за 250-те милиони евра, обезбедени од Унгарија.

Мицкоски денеска од Комората, која одбележува 102 години постоење, доби награда за соработка и посветеност.

Скопје - Од Владата бараме едно, чесност во намерите за соработка и партнерство, како и исполнување на тоа што е ветено - транспарентност во работата, борба против митото и корупцијата, градење систем на институции и стимулирање на бизнисот, порача денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески. 

На настанот во Комората по повод 102 години од нејзиното постоење, Азески пред премиерот Христијан Мицкоски вети дека бизнисот ќе биде сериозен партнер на Владата и конструктивен партнер на државата.

-Ние сме професионална институција што ја интересира единствено добар и поволен деловен амбиент,  фирмите да остварат профит и да отвораат нови работни места. Тоа е консензусот за кој се залагаме години наназад, додека еден ден во септември 2022 година претседателот Мицкоски со голема делегација не дојде тука, не’ поддржа јавно пред медиумите и го потпиша првиот документ на нашата Декларација од 100-годишнината со кој се инсистираше во оваа држава конечно да се направи голем договор за давање приоритет на економијата во наредните 10 години. Со тоа полека политичките прашања да се тргаат на страна и да заземеме курс што е единствено можен, а тоа е да ги подигнеме личните примања и стандардот на граѓаните и на тој начин да се вклопиме таму каде што припаѓаме - на европското семејство, подвлече Азески.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски смета дека со вработувањето на приватните специјализанти ќе се надмине, како што рече, „акутниот проблем што им се потценува трудот на младите лекари“.

Во изјава за медиуми по доделувањето на наградите во Стопанска комора, Мицкоски денеска потенцираше дека со одлуката на Влада за вработување на 600 специјализанти, ќе им се понуди вработување во здравствените установи каде што има потреба.  

- Оваа година се триста такви места и 300 се за следната година и на тој начин сите овие 600 ќе бидат понудени. Можеби ќе се случи некој да одбие, да рече не сум заинтересиран, не сакам, итн. Ние како Влада нудиме да може да обезбедиме работа за овие луѓе, така што се надевам дека ќе биде позитивен одговорот, изјави премиерот. 

Со одлуката на Владата, Министерството за здравство е задолжено да ги формулира критериумите по кои ќе се вработат специјализантите во две фази, во наредните две години по 300 лица годишно.

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска ги примила акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Албанија, Денион Мејдани.

Како што соопштија од Кабинетот на  Сиљановска Давкова, на церемонијата на предавање на акредитивните писма, таа изразила задоволство од позитивниот и континуиран развоен тренд на односите и соработката меѓу двете пријателски земји и заемната волја, готовност и посветеност за интензивирање и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес.

- Евроинтеграциите се приоритет на обете земји, исто како и потребата од забрзување на овие процеси во периодот што следи. Проширувањето на Европската Унија е значајно за регионот како целина и ќе придонесе за поттикнување на реформските и демократските процеси. Двете земји остануваат посветени на европскиот пат и се подготвени да соработуваат во насока на реализација на крајната и споделена цел – полноправно членство во Унијата, рекла претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека двете држави се сојузници во НАТО и имаат заедничка визија и посветеност за мир, стабилност и економски просперитет како на Регионот, така и во глобални рамки.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Замбија, со седиште во Анкара, Вилијам Maјпамбе Сиказве.

-На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова оцени дека именувањето на нерезидентен амбасадор на Република Замбија во нашата држава, отвора дополнителни можности за поангажирана заедничка работа во откривање нови области за соработка, како и за размена на искуства и добри практики во образованието, здравството, во зачувувањето на природната средина и биодиверзитетот, во постигнување на одржлив развој и благосостојба за сегашните и идните генерации, информираат од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Скопје – Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска ја започна расправата за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година. Во експозето министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска посочи дека со ребалансот се предлага најоптимално решение, имајќи ги во предвид состојбите кои се затекнати, ресурсите со кои се располага, малиот простор за маневар и макроекономската состојба.

Со ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиони денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари, односно на расходна страна има зголемување од 19,2 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент и е ревидиран во однос на првично планираниот 3,4 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 3,5 проценти и во втората половина од годината се очекува забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите. Буџетскиот дефицит е планиран на 44,7 милијарди денари или 4,9 проценти и ќе се финансира од домашно и странско задолжување. Капиталните расходи се планирани во висина од 45 милијарди денари. Бруто инвестициите се очекува да  забележат раст од 10 проценти, јавната потрошувачка раст од 3,3 проценти, а извозот раст од 2,5 проценти, додека увозот раст од 5,4 проценти. 

Скопје - Претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која на дневен ред е Ребалансот на буџетот, ги изнесе клучните поенти околу обезбедување на стабилноста на буџетот, макроекономските претпоставки и догорочната одржливост на јавните финансии, при тоа нагласи дека целиот раст на скромните  2,1 отсто на БДП доаѓаат од домашната потрошувачка.

-Го поздравуваме брзиот ребаланс за буџетот се усогласи со најновите макроекономски движења кои, имајќи ги предвид движењата во ЕУ, како наш најголем трговски партнер која се уште е во успорен раст на 0,8 отсто на годишно ниво, очекуваме тоа да има високо влијание врз макроекономските движења во Македонија. Тука МФ зема една прудентна претпоставка од 2,1 отсто БДП, 2,6 е на НБ, МФ со предлог буџетот одеше со 3,4 проценти и кога ние го изнесовме мислењето за Буџетот за 2024 година кажавме дека овие ризици треба перманентно да се следат и да се усогласуваат. Она што сакам да го истакнам што не беше на соодветен начин потенцирано од Министерството за финансии е дека целиот раст и на овие скормни  2,1 отсто доаѓаат од домашната потрошувачка. Значи во однос на претходната година нам нето извозот ни се намалува за 5 проценти поени. Значи ако лани ние сме имале покриеност на увозот со извор од 75 проценти, оваа година имаме околу 70 проценти, рече Бишев во обраќањето на Комисијата по експозето на министерката за финансии.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска остварил средба со постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григоријан.

На средбата, како што соопштија од Министерството за дигитална трансформација, било разговарано за поддршката на УНДП кон нашата држава што се одвива во континуитет, преку проекти и експертиза, како и за борбата против корупцијата со помош на дигитализација, и градење на демократско општество.

- Конструктивната средба резултираше со заедничка согласност за конкретни активности и соработка со Министерството за дигитална трансформација во корист на граѓаните. Соговорниците си посакаа успешна работа и беа децидни дека треба да се направи многу за подигнување на квалитетот на услугите за граѓаните, се наведува во соопштението.

Скопје - Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, очекува македонските власти да го екстрадираат поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, но истакнувајќи притоа дека тоа е внатрешно прашање на Северна Македонија.

-По многу луѓе кои учествуваа во тие злосторства за време на војните имаше распишано потерници, тие се и уапсени врз основа на тие потерници. Ние очекуваме дека ќе биде донесена одлука за екстрадиција, но тоа е внатрешно прашање на Северна Македонија, одговори Дачиќ на прашањето дали добил одговор од македонската Влада дали ќе го екстрадираат поранешниот припадник на ОВК Рамадани.

МВР на 18-ти овој месец на граничниот премин Јажинце, на влез во државата го лиши од слобода Б.Р.(47) од Косово, затоа што при пасошка контрола и извршени проверки било констатирано дека во службената евиденција е со мерка „апси“, по барање на Интерпол Србија. Од косовското МНР потоа информираа станува збор за Блерим Рамадани, поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) во оперативната зона Неродиме. Оттаму од македонските власти побараа негово ослободување. 

Табановце - Реформи и реорганизација за побрз проток на патниците на граничните премини ќе има, истакна денеска на граничниот премин „Табановце, Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој заедно со својот српски колега Ивица Дачиќ одговараа на новинарско прашање за тоа кога ќе профункционираат едношалтерските системи на граничните премини, и дали ќе има инвестиции во насока на подобрување на технологијата за побрз проток на патници.

-Еден од основните  приоритети на новата Влада особено во рамки на МВР е интегриран систем на гранично управување во рамки на коишто освен граничен надзор влегува и граничен премин, така што реформа, реорганизација, дигитализација во овој дел секако дека ќе претставува еден од приоритетите на МВР. Апсолутно е дека ќе сториме се’ кое што е во наша надлежност и во наша моќ да можеме да ги осовремениме граничните премини и да го убрзаме протокот на возила помеѓу нашите две пријателски земји, вели Тошковски.

Скопје - Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска имал состанок со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на кој се разговарало за конкретните чекори за дигитализација на општините, со вклученост и на донаторската заедница.

На состанокот, како што соопштија од Министерството за локална самоуправа (МЛС), биле презентирани можностите за вклучување на сите општини во процесот на дигитализација со цел и помалите општини да можат да го фатат чекорот со поддршка од надлежните министерства.

- Притоа беше констатирано дека основите се веќе поставени со воспоставената електронска платформа од страна на УНДП и на Министерството за локална самоуправа, а ќе се направат напори за вклучување на услугите на националниот портал за услуги воден од Министерството за дигитална трансформација, се вели во соопштението.

Скопје - Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска одржа состанок со претставници на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) на кој се разговараше за тековната и идна соработка насочена кон зајакнување на демократското владеење и реформата на јавната администрација, информираат од Министерството за јавна администрација.

На состанокот фокус бил ставен на неколку клучни области, вклучително и зајакнување на транспарентноста, отчетноста и посветеноста за поттикнување на поинклузивен и поефективен систем на јавна администрација.

Министерот Минчев ја истакнал важноста на меѓународната соработка за постигнување на овие цели.

Скопје - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во рамките на официјалната посета на Приштина, Република Косово денеска оствари средба со министерката за индустрија, претриемништво и трговија Розета Хајдари. Главна тема на средбата помеѓу двајцата министри беше продлабочување на соработката помеѓу двете земји.

Како што информираат од Министерството за економија и труд министерот Дурмиши истакна дека фокусот на оваа институција сега ќе биде креирање на конкретни мерки и политики за зголемување на конкурентноста на домашните компании не само на македонскиот пазар, туку и во регионот.

-Министерот на средбата потенцираше дека унапредувањето на регионалната соработка е врвен приоритет на Владата, со главна цел подобрување на животниот стандард на граѓаните во Северна Македонија и во регионот. Од исклучителна важност за земјите од Западен Балкан, како што потенцираше министерот е да се креираат заеднички мерки се со цел подобрување на деловната клима и конкурентноста на заедничкиот европски пазар, велат од Министерството за економија и труд.

Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши, остварил средба со претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Игор Јадровски, со заменик претседателот Лимко Бејзаорски и со Флора Кадриу.

- Од година во година се зголемува свесноста на граѓаните за постоењето на оваа институција, за што говори и зголемениот број претставки од различни сфери од секојдневниот и политичкиот живот. Комисијата е надлежна да ги разгледа истите и да даде свое мислење по нив. Оваа Комисија работи на принципите на еднаквост, неселективност и непристапност, сѐ со цел владеење на правото и рамноправност на сите граѓани. Нејзините мислења имаат не само заштитна, туку и превентивна улога. Идејата е не само да постапува по претставки, туку од тие претставки да се детектираат системските проблеми кои би можеле да се решат, стои во денешното соопштение од собраниската прес-служба.

Скопје - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска упати апел до Владата до го стави на јавна расправа новиот Кривичен законик, кој како што посочи е изготвен и се наоѓа во Министерството за правда. Во однос на тоа зошто сега има промена на ставот, со оглед на тоа што со претходните измени застареа голем број предмети, предизвикаа реакции во јавноста и беа оправдувани од претходната влада, рече дека тоа го прави како нов претседател на сега опозициската партија откако ги увидел негативните реакции на граѓаните, но и на стручната фела.

-Има изготвен нов Кривичен законик, кој што е почнат во 2017 година од министерката Дескоска, тој е готов, завршен. Апелирам Владата да го стави на јавна расправа. Тој е нов кривичен закон, направен е целосно во координација со меѓународни институции по терк, примерок на Кривичниот законик на Германија и сметам дека што поскоро треба да биде на јавна расправа, треба да го разгледаат експерти, да го кажат своето мислење, да се вклучи стручната фела и заедно со консензус да донесеме еден таков нов, како што доликува Кривичен законик. Не е доволно да кажеме дека сме згрешиле што сме донеле таков закон, еве одиме чекор понатаму таа грешка да ја исправиме на овој начин, рече Филипче и нагласи овој чекор е и поради тоа што граѓаните го манифестирале кон СДСМ за време на изборите во смисла на освоените гласови.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска му одговори на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче во врска со барањето за носење нов Кривичен законик, нагласаувајќи оти нов КЗ ќе се донесе, но по европски стандарди, а не по нечии потреби.

Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на настанот на одбележаа 102 години постоење на Стопанската комора на Северна Македонија нагласи дека не е против нов Кривичен законик, но го праша Филипче што ќе се прави со овие дела кои застареле и за кои граѓаните бараат отштета. 

-Велат сработиле нов Кривичен, но што правиме со оние дела кои застареа и за кои граѓаните плаќаат отштета, за тие дела што застареле ќе вратат ли од украдените пари, бидејќи сега имате дела кои застареа и врз основа на тоа тие бараат отштета и добиваат од буџетот на државата. Тоа се милиони евра, тоа се ваши пари. Еве нека извадат од џеб и нека продадат дел од својот имот, а Бога ми го имаат, голем е имотот на поранешните функционери од СДСМ и нека врата во буџетот. Студент од прва година Правен факултет знае дека секое лице кое што ќе биде процесуирано ќе го користи оној закон, кој што во времето на сторување на делото е апликативен. Сега донесоа закон за да ги амнестираат своите криминали и на оние политичари, кои од минатото им беа потребни за да им застарат дел од делата, а сега ќе носиме нов закон, рече Мицкоски.

Додаде дека тие немаат проблем да носат нов закон, но тој закон ќе биде согласно европските закони, а не „како некому што му треба“.

Скопје - Еден крак од пожарот на Јасен е повторно активиран, а во гаснење на пожарот се вклучени и специјалци на МВР и припадници на Армијата, информираат од Центарот за управување со кризи.

- Синоќа и утрово, а и до сега, во предел на пожарите кај селото Тажево и ЈП „Јасен“ - заштитеното повеќенаменско подрачје, имаше малга помешана со чад, од којашто покрај тоа што се немало прегледност, не било безбедно да се дејствува по земја. По дигањето на маглата и појава на ветер, се створија услови за распоредување на триесетте припадници на специјалните сили на МВР,  но повторно се појави огнот на дел од кракот којшто беше изгаснат во „Јасен“, информираат од ЦУК.

Воздухопловите утрово биле префрлени на страната кон селото Тажево и Брезница, Општина Македонски Брод. 

Скопје- Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, информираа од АМСМ.

На ГП Табановце за влез во државата време на чекање е околу 1 час, а на ГП Богородица за излез е околу 30-40 мин. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Каиро – Оружје и муниција од Србија, Кина, Русија, Турција, Обединетите Арапски Емирати и од Јемен се увезува во големи количини и се користи во војната во Судан, соопшти организацијата за човекови права „Амнести интернешнал“ (Amnesty international).

Во извештајот насловен „Новото оружје го поттикнува конфликтот во Судан“ документирано е дека ново развиеното оружје од споменатите земји било увезено во Судан и во соседните земји, а во некои случаи и во Дарфур, што го прекршува ембаргото за оружје во тој регион.

- Со снабдување на Судан со оружје, државите потписнички на Договорот за трговија со оружје, како Кина и Србија, ги прекршуваат своите обврски од членовите 6 и 7 од Договорот, а со тоа ја поткопуваат правно обврзувачката рамка што ја регулира глобалната трговија со оружје, наведува АИ.

Букурешт– Поради сушата земјоделскиот сектор во Романија бележи загуби од 2,8 милијарди евра, соопшти романското Министерство за земјоделство и рурален развој.

Штетата од сушата во моментов се проценува на 1,8 милијарди евра, со загуби на посеви на пченка на околу шест милиони тони, пченица од еден милион тони, загуби од канола на 400.000 тони и загуби од сончоглед на 800.000 тони. На овие штети од 1,8 милијарди евра, се додаваат и трошоците за сеидба на 1,76 милиони хектари, со што вкупните загуби се искачуваат на 2,810 милијарди евра, изјави консултантот за извоз на земјоделски производи Цезар Георге.

Сушата погоди речиси половина од производството на пченица и пченка во Романија. Резервите на вода во големи површини се речиси исцрпени, а во приближно 500 населени места се воведени ограничувања за водоснабдување на населението.

Газа - Министерството за здравство на владата на Хамас во Појасот Газа денеска соопшти дека 30 лица загинале на територијата во претходните 24 часа.

Од почетокот на војната со Израел пред повеќе од девет месеци, загинаа вкупно 39.175 луѓе.

Министерството наведува дека 90.403 лица биле ранети во Појасот Газа за време на војната од 7 октомври минатата година.

Париз- Шведската женска ракометна репрезентација купи душеци од ИКЕА за престојот во Париз за време на Олимписките игри.

Според „Aftonbladet“, повеќето играчи на тимот нарачале душеци на сопствен трошок, бидејќи не биле задоволни од понудените во Олимпиското село.

- Проблемот не е што во Олимпиското село има картонски кревети - тоа многу ни одговара. Но, душеците се тврди. Тие се многу нови и ќе биде потребно време да омекнат. Чувствувавме дека едвај чекаме и решивме добро да се наспиеме од самиот почеток, изјави ракометарката Јамина Робертс.

Олимпијадата ќе се одржи од 26 јули до 11 август.

Остани поврзан