• петок, 26 јули 2024
МИА Општински пул

25 јули 2024

Скопје - Првата група од 165 ученици кои Општина Кисела Вода ги испраќа на бесплатно летување, денеска замина во Охрид. Со нив патуваат и нивните тренери, односно наставници по физичко воспитување, известуваат од Општината.

Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски им посака убав одмор и оттаму да се вратат со спомени вредни за паметење и енергија за нови успеси.

- Денеска гледам многу насмеани лица и многу радост кај нашите спортски таленти чиј успех во општинската училишна спортска лига го наградивме со бесплатно летување. Една седмица тие ќе се дружат и ќе можат да спортуваат под менторство на нивните тренери на брегот на Охридското Езеро. Сметам дека ова е одличен начин да споиме на едно место сè што е убаво и корисно, бидејќи едновремено ги промовираме спортот и здравиот начин на живот, градејќи стимулативна средина и за сите останати ученици кои на овој начин ќе имаат дополнителен мотив да бидат поуспешни, изјави Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека во август на бесплатен спортски камп ќе патуваат и останатите деца од групата која брои вкупно 165 деца.

Кавадарци - Коњи учесници во Илинденскиот марш кои претходно биле пријавени за украдени во Скопје, пронајдени се во Кавадарци. Од СВР Велес денеска потврдија за МИА дека имаат евидентирано ваква пријава во кавадаречката полиција. 

-Денеска 25.07.2024 во ОВР Кавадарци, И.Т. од Скопје пријавил дека на ливада во близина на улица ,,Клинска" во Кавадарци, ги пронашле коњите кои биле ангажирани за учество во Илинденскиот марш, за кои претходно во Полициска станица Аеродром во Скопје, било пријавено дека се украдени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели во писмениот одговор од портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.

Оваа фотографија МИА ја направи во паркчето спроти полицијата во Кавадарци, во централното градско подрачје. Покрај коњот беа неколку лица. Едниот од нив ни се претстави како Игор Тасевски и рече дека е сопственик на еден од коњите што биле украдени, коњот Тошка. 

Всушност, беа украдени три коњи од седиштето на Илинденскиот марш во Горно Лисиче, пронајдени се во Кавадарци, рече тој.

Виница - Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ од Виница беше домаќин и организатор на втората Летна археолошка школа што се одржа на локалитетот Градиште 2 кај селото Виничка Кршла. 

На десетдневната школа учествуваа осум студенти од прва до трета година на Институтот за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Основна цел на проектот беше студентите да се воведат во археолошките истражувања и да се запознаат со основните принципи и методи на теренско и кабинетско работење. 

-Се работеше на проширување и доистражување на отворените сонди од првата летна школа што се одржа пред две години, а на која беше откриена една складишна просторија од железното доба. Исто така, учесниците на оваа школа ангажирани на заокружување на целината од светиот простор на населбата, каде вењќе се откриени простор за спалување и олтар од истиот временски период, истакна Сара Даневска, директорка на музејот „Теракота“.

Покрај теренските активности, студентите имаа теоретски предавања за виничкиот регион од професорите на катедрата за археологија Марјан Јованов, Антонио Јакимовски, Ирена Теодора Весевска и Бошко Ангелоски. Практичниот дел и работатата на локалитетот го водеа стручните соработници Кирил Денковски, Антонио Стојановски, кустос Златко Костадинов, виш кустос Благица Стојанова и раководителот на проектот Јовица Илиев.

Летната археолошка школа е финансирана од Министерството за култура како проект од национален интерес во културата за 2024 година, а беше поддржан и од Општина Виница, музејот „Теракота“ и од локални комапнии.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска доделил 150 решенија за еднократна парична помош за новороденчиња во износ од 7.000 денари. 

- Новите членови на семејството носат најголема среќа, безброј насмевки и милувања, но и големи предизвици. Се надевам дека оваа наша помош ќе покрие дел од семејниот буџет кој во овој период има дополнителни трошоци. Ова се најсреќни мигови во вашиот живот, уживајте, посветете се, затоа што најважната грижа е грижата за семејството и тоа да биде здраво и среќно. Општина Центар непрекинато ќе работи да им обезбеди безгрижно и исполнето детство, порачал Герасимовски, соопштија од Општина Центар.

Покрај еднократната парична помош, семејствата на новите жители на општината добиле и пакет производи од компаниите Европа Лек Фарма и Веледа, како и педијатриски услуги од Клиничката болница „Жан Митрев“.

Општина Центар редовно доделува еднократна парична помош за новите родители во рамки на проектите од областа на детската заштита и грижата за најмладите жители на Општината. 

Гостивар – Амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој при денешната посета на општина Гостивар најави продлабочување на соработката и заеднички проекти кои би се реализирале во иднина.

На средбата со в.д градоначалникот Ваљбон Лимани била потврдена подготвеноста за активна и отворена билатерална соработка, а се разговарало и за развојни проекти.

Амбасадорот Улусој и градоначалникот Лимани оцениле дека досегашната соработката и партнерство кое Гостивар го има со збратимени општини од Турција, е на високо ниво и се заложиле за создавање поцврсти врски.

- Освен за соработката што досега ја имавме како општина Република Турција и збратимените општини, со тимот на амбасадорот што го придружува ги разгледавме и можностите за соработка. Од оваа средба треба да се отвора можности за соработка со турската државна агенција „ТИКА“, но и други организации кои се присутни во Република Северна Македонија, изјави по средбата Ваљбон Лимани, в.д. градоначалник на општина Гостивар.

Амбасадорот Улусој истакна дека во разговорите се разгледале реализираните проекти и посочи дека оваа средба ја искористил за да се запознае со потребите на припадниците на турската заедница која живее во Гостивар. Тој посочи дека се работи на продлабочување на односите меѓу Турција и Северна Македонија.

Битола - Општина Битола објави повик до сите евидентираните невработени лица да се вклучат во програмата-општинско – корисна работа, проект „Работно ангажирање преку социјални услуги“.

Од секторот за односи со јавност информираат дека ангажманот ќе се одвива за период од девет месеци, а со цел стекнување вештини и постепено вклучување на пазарот на труд.

-Евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во програмата „Општинско-корисна работа“ ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со 20 работни часови неделно. Работните позиции се однесуваат на ангажирање на образовен асистент, асистент за ученик со потешкотии, асистент едукатор, фасцилитатор во инклузивен центар за деца од ранливи групи, едукатор во регионалниот ресурсен центар за слепи лица и лица за оштетен вид, едукатор толкувач на знаковен јазик, негувател во старски дом, негувател на стари и изнемоштени лица во домашни услови, воспитувач во детска градинка и негувател во детска градинка, информираа од тамошната локална самоуправа.

Велес - Втората „Мелничка иселеничка  средба“ 2024 започнува попладнево во  селото Мелница, Општина Чашка, со пречек на гостите од страна на младите играорки, а ќе продолжи со свечено дефиле на фолклорните друштва низ главната улица на селото.

Свеченото отворање треба да се одржи на спортските терени на училиштето, по што ќе се реализираат бројни настани.  Организатори на културната манифестација се Општина Чашка, граѓанските здруженија „Мак Мел“ од Швајцарија и „Мел Мел“ од село Мелница.

Ердован Етовски Еки, од Организациониот одбор на средбите и еден од основачите на здружението на граѓани иселеници „МАК МЕЛ“ во Швајцарија, информира дека нивното здружение е составено од 102 семејства од Мелница, кои живеат и работат во Швајцарија и е многу активно и во странство и дома. Тој потенцира  дека по успешната ланска прва „Мелничка иселеничка средба“ и годинава  продолжуваат да ја организираат во родното место Мелница, со што веќе станува традиционална.

Тоа е културно забавна манифестација која започнува со дефиле на играорци а продолжува со презентација на културните и традиционални вредности на жителите  за да заврши со уметничка програма и настап на познати интерпретатори на македонска народна музика, како и со забава за млади со Ди џеј од градот Бургдорф во Швајцарија. Средбата е можност за запознавање посебно на младите од Мелница и оние чии семесјтва со години живеат во странство и нивно заедничко дружење, како и други гости, потенцира Етовски.

Куманово - Кампањата „Вози одморен“ денеска беше промовирана на граничниот премин Табановце. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска и министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, заедно со директорот на Агенцијата за безбедност во сообраќајот Душко Пешиќ, го посетија граничниот премин Табановце.

Министрите Тошковски и Дачиќ кажаа дека е важно во полн ек на летна сезона возачите да внимаваат, да одмараат за се одбегнат сообраќајните несреќи. Тие двајца во изјавата за медиумите најавија дека ќе разговараат на повеќе теми, за меѓусебната соработка, но и за можности за надминување на метежот на граничните премини. По настанот, министерот Тошковски замина во дводневна официјална посета на Република Србија каде што ќе оствари билатерална средба со српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

Струмица - Машко бебе на четиримесечна возраст вчера починало во Богданци, а смртта во полицијата ја пријавил лекар од Итната медицинска помош од Гевгелија, соопштија денеска од СВР Струмица.

Според полицијата, бебето од раѓање имало здравствени проблеми и подолг период било на лекување во Клиничкиот центар во Скопје.

Екипа од ОВР Гевгелија извршила увид на местото, а по наредба на јавен обвинител од ОЈО Велес телото на бебето било предадено на обдукција.

 

Остани поврзан