• недела, 15 декември 2024
МИА Радио флеш

   11 декември 2024

 

Скопје - Уставниот суд денеска ќе ја одржи 32-та седница на која меѓу точките на дневен ред се и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот. ДУИ во пресрет на расправата започна со „стража за јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд, со што велат, застануваат во „одбрана на Законот за јазици“. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова им порача на партиските лидери да се воздржуваат од коментари воочи одлуката на Уставниот суд по однос Законот за јазиците, а премиерот Христијан Мицкоски со порака до граѓаните да не потпаѓаат на провокации од ДУИ кои, вели, се однесуваат како политички глодари.

Скопје - Европското движење Северна Македонија денеска во Собранието ја организираат Седмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) и Втората пленарна конференција во рамки на проектот „Нека правдата владее со регионот“.

Како што информираат од Европското движење, станува збор за настан кој ги обединува регионалните граѓански инцијативи во доменот на владеење на правото. 

Скопје - Во Скопје денеска ќе се одбележи Меѓународниот ден на човековите права и Европскиот ден на правдата.

Настанот се организира со поддршка на Советот на Европа во рамките на проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ кој е дел од програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III“, заеднички проект на ЕУ/Совет на Европа којшто го спроведува Советот на Европа.

Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат три комисии - Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, Комисијата за финансирање и буџет и Комисијата за образование, наука и спорт.

Членовите на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе расправаат по Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за шумите, по скратена постапка.

Скопје – Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер по ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети на црната листа на Стејт департментот изјави дека корупцијата не треба да се толерира и дека сега се на потег македонските институции. Од Владата бараат надлежните институции да спроведат истрага за наводите, а брзо решавање на случајот побараа и од судската фела. Партиите изразија различни ставови, но ја поддржаа одлуката на Стејт Департментот.

Скопје - На сцената на Националната опера и балет вечерва ќе биде изведена една од водечките бел-канто опери во светската оперска литература „Лучија од Ламермур“ од италијанскиот композитор Гаетано Доницети.

Диригент на оваа психолошки фасцинантна опера е Дарио Салви (Шкотскa/Италија), режисер и сценограф Лев Пулиезе (Италија), костимограф Марија Пупучевска, концерт-мајстор Јане Бакевски, а хор-мајстор се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Дебар – На тренерот на дебарскиот карате клуб „Дибра“, воедно тренер и на македонската карате репрезентација, Дурим Пачуку, и официјално му е врачена меѓународната лиценца за акредитиран тренер.

- Ова за мене значи многу, а секако и за македонскиот карате спорт. Задоволството е големо бидејќи сега, со оваа лиценца(козам) ќе може да настапувам како тренер во Youth league i Серија A, без која не може да се настапува во овие лиги. Искажувам голема благодарност до моето семејство и на сите оние кои во текот на годините ме поддржуваа на мојот пат, на кој, добив и светска лиценца, рече за МИА, Пачуку.

Загреб - Легендарен киоск, стар над 100 години, којшто се наоѓа на улицата „Клаиќева“ во Загреб, Хрватска, доби нов изглед. Трафиката, имено, сјае од стари разгледници со луѓе собрани пред загрепската катедрала во народна носија, плоштадот „Бан Јелачиќ“, коњи пред катедралата...

За што всушност се работи? Музејот на Градот Загреб ги повика граѓаните да подарат стари новогодишни честитки коишто ги чуваат дома.

„Испишани или не - тие се вредни сведоштва на некои минати времиња. Со оваа донација збогатете ја нашата колекција разгледници, а за возврат ќе ви овозможиме бесплатен влез во Музејот за време на овие празници! Стара Божиќно-новогодишна честитка така станува една вленица за Музејот! Акцијата трае во текот на цел декември, со нетрпение го очекуваме вашето учество“, објави Музејот на својата интернет-страница.

Белград - Адвокатите во Србија денеска ја прекинаа работата поради незаконскиот начин на донесување и усвојување измени на Кривичниот законик, без соодветно учество на правната професија, селективно гонење на одговорните за трагедијата во Нови Сад, како и селективно гонење на учесниците на протестите во тој град, јавија српските медиуми.
Причините за суспендирање на работата на адвокатите се систематското и долгогодишно мешање на извршната власт во работата на судството и кршењето на принципот на поделба на власта во едно демократско општество.

Приштина - Припадниците на КФОР продолжуваат со рутинските патроли на Косово, а во текот на вчерашниот ден од таа мисија на НАТО известија за патроли на подрачјето на општина Исток, јавија косовски медиуми.

„Дневните мисии на КФОР гарантираат безбедна и безбедна средина за сите заедници кои живеат во Косово“.

Приштина - Министерот за одбрана на Косово Ејуп Маќедонци најавува дека во континуитет добивале и добиваат оружје од САД, а последната набавка била во октомври, јавија косовските медиуми.

Ејуп Македонци изјави дека Косовските безбедносни сили примиле оружје купено од САД во текот на септември, октомври и почетокот на ноември.

Атина – Постоечката „Кошничка за домаќинствата“ во грчките супермаркети со производи, чии цени треба да останат исти или да има минимални покачувања, се проширува со „Божиќната кошничка“, односно се додаваат шест категории продукти неопходни за празничната трпеза, па така ќе вклучува мисиркино, јагнешко и козјо месо, чоколади, милиброд и новогодишна погача, јави дописничката на МИА од Атина. 

Според Министерството за развоја на Грција, цените на производите во „Божиќната кошничка“,што стартува денеска се очекува да бидат исти или пониски споредбено со лани, а ќе трае до 3 јануари 2025 година.

Брисел - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во објава на Х по телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека планира да ја посети Турција за да разговара за ситуацијата во Сирија.

„Ќе се сретнеме на почетокот на следната недела во Турција за да разговараме што значат овие случувања во Сирија за регионот и пошироко“, напиша Фон дер Лајен на социјалната мрежа.

Москва - Не станува збор за прекин на транзитот на природен гас од Руската Федерација преку Бугарија, јавија руски медиуми часови подоцна откако бугарскиот министер за енергетика Владимир Малинов предупреди дека Булгартрансгаз може да го запре трансферот на гас за Србија и за Унгарија доколку не се најде решение како руската страна ќе плати за тоа по 20 декември.

Исплатата беше доведена во прашање поради санкциите што САД ги воведоа кон Газпромбанк

Париз - Украинскиот претседател Володимир Зеленски му рекол на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на неодамнешниот состанок во Париз дека бара безбедносни гаранции за да се стави крај на војната со Русија, јавија француски медиуми повикувајќи се на извори запознати со содржината од состанокот.

Букурешт - Романските проевропски партии, вклучително и Социјалдемократската партија (ПСД), Национал-либералната партија (ПНЛ), Унијата за спас на Романија (ССР), Унгарската демократска унија на Романија (УДМР) и Пратеничката група на Националните малцинства рекоа дека се посветени на заедничка владина програма и поддршка за евентуален заеднички кандидат за претседателските избори.

Виена - ОН објавија извештај во кој наведуваат дека трговијата со луѓе е во пораст поради конфликтите во светот, климатските промени и глобалните кризи.

Според најновиот извештај на Глобалната комисија за трговија со луѓе, што ја опфаќа 2022 година, бројот на жртви на трговија со луѓе ширум светот се зголемил за 25 отсто во однос на нивото од 2019 година, пред пандемијата со Ковид-19.

„Криминалците се повеќе ги користат луѓето за принудна работа, додека жените и девојчињата често стануваат жртви на сексуална експлоатација и насилство“, се наведува во извештајот, главниот фактор е организираниот криминал.

Техеран - На студентите и државните службеници во делови на Иран им е наредено да останат дома - денеска и утре - поради „исклучително високото“ загадување на воздухот, јавија државните медиуми.

Техеран во изминатите денови е зафатен од смог.

Главниот град се наоѓа во јужното подножје на планините Алборз, кои се надвиснуваат над градот и го задржуваат загадениот воздух.

Лос Анџелес - Голем шумски пожар го зафати Малибу, во јужна Калифорнија, уништувајќи куќи и принудувајќи илјадници луѓе да се евакуираат една од најпопуларните области во САД, јавија американските медиуми.

Мултимилионските имоти, некои во сопственост на холивудски ѕвезди, се на траекторијата на пожарот, што брзо се прошири во текот на ноќта поради ветерот и сувата вегетација. 

Вашингтон - Новоизбраниот претседател Доналд Трамп ја избра Кимберли Гилфојл, поранешна водителка на Фокс њуз и вереница на неговиот син Доналд Трамп помладиот, за нов американски амбасадор во Грција.

Гилфојл е свршена со Трамп помладиот од декември 2020 година, а Трамп на социјални мрежи објави дека е блиска пријателка и сојузник долги години и дека е „совршено квалификувана“ да ги подобри односите меѓу САД и Грција, со фокус на тоа области како што се одбранбената соработка, трговијата и економските иновации.

Вашингтон - Американскиот претседател во заминување Џо Бајден ги оквалификува економските планови на неговиот наследник Доналд Трамп како „катастрофа“ во говор во кој укажа на успесите на неговата администрација.

Според Бајден, плановите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп да воведе огромни царини и да ги намали даноците, се потег што ќе ја ослабне американската економија.

Вашингтон - Доналд Трамп рече дека решавањето на украинската криза ќе биде негов главен приоритет откако ќе ја преземе функцијата следниот месец, опишувајќи го Блискиот Исток како „помалку тешка ситуација“.

„Мислам дека треба да го решиме проблемот со Украина со Русија“, изјави новоизбраниот американски претседател за францускиот магазин Paris Match во интервју снимено во саботата и објавено денеска.

Пекинг - Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, пристигна во Пекинг на дводневни разговори со кинеските лидери. Посетата на Медведев е дел од продлабочувањето на односите меѓу Москва и Пекинг. Двете страни ветија дека ќе го зајакнат „неограниченото партнерство прогласено во февруари 2022 година, непосредно пред целосната инвазија на Русија во Украина.

Пекинг - Кинеската царина забрани директен и индиректен увоз на преживари и сродни производи од Полска и Хрватска поради болеста син јазик, објави   Генералната управа на царината на својата веб-страница.
Според хрватски медиуми, тој потег е преземен откако Полска и Хрватска пријавија случаи откриени во една полска провинција и две хрватски окрузи до Светската организација за здравје на животните.

Тбилиси - Разузнавачките служби на Грузија предупредија на потенцијален заговор на криминални елементи за преземање на владата неколку дена пред претседателските избори во земјата, јави ДПА.
Локалните медиуми објавија предупредување од службите за „организатори на деструктивни и криминални активности“ кои планираат да ги нарушат тековните претседателски избори оваа сабота.

Дамаск - Новиот премиер на Сирија, Мохамед ал Башир, кој ќе ја води земјата во периодот на транзиција, во интервју за „Ал Џезира“ му вети стабилност и спокој на сирискиот народ, исцрпен од војната што траеше повеќе од 13 години.

„Време е луѓето да се радуваат на стабилност и спокојство, да се грижат за нив и да знаат што прави владата, да им ги обезбеди услугите што им се потребни“, рече Башир, назначен на функцијата од исламистичките бунтовници по падот на претседателот Башар Асад.

Сеул - Началникот на националната полиција на Јужна Кореја и началникот на полицијата во главниот град Сеул се приведени поради нивните улоги во спроведувањето на воената состојба прогласена од претседателот Јун Сук-Јол минатата недела, соопшти денеска полицијата.

Сеул - Поранешниот јужнокорејски министер за одбрана Ким Јонг-хјун, обвинет за водечка улога во неуспешното воведување воена состојба во земјата на 3 декември, се обиде да се самоубие во притворниот центар каде што се наоѓа, изјави висок претставник од Министерството за правда пред Паралментот.
„Неговиот обид за самоубиство беше неуспешен и тој сега е во стабилна состојба“, изјави денеска пред пратениците генералниот комесар на Корејската служба за извршување затворски санкции, Ким Јонг-хе.

Остани поврзан