• среда, 25 декември 2024
МИА Радиофлеш

13 март 2024 

- Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 86. седница едногласно ги усвои измените и дополнувањата на Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми и интернет портали, за избор на претседател на републиката, како и за избор на пратеници во Собранието.

-ДИК согласно член 76ѓ, во предвидениот рок им достави барање на печатените медиуми, радијата и интернет порталите да достават корегирани ценовници и тие во рок од 72 часа од приемот на известувањето доставија корегирани ценовници, и предлагам реистарот да се смени со овие телевизии - Телевизија ТВ Канал Вис и Телевизија 3 Скопје. Исто така радијата кои ги сменија ценовниците согласно Изборен законик - Радио 99 Скопје, Радио зона М1, Радио Кавадарци, како и интернет поралите Тајмбалкан.цом, инфозона.мк и скопјеинфо.мк. Двата регистри треба да ги измениме со овие дифузери, рече потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху, по што тие беа усвоени од членовите на Комисијата.

- Законот е јасен дека треба да има врзан потпис, рече денеска техничкиот премиер Талат Џафери во однос на вчерашната одлука на Владата да поништи пет наредби на министерот за внатрешни работи во техничката Влада Панче Тошковски. 

Формално, рече Џафери, ако нема врзан потпис се поништуваат, после постапката кога ќе потврди нешто друго се преземаат соодветни одговори и постапи согласно процедурата. 

- Сега засега се такви процедурите, изјави  Џафери, по увидот на активностите за обнова на автопакста делница Катланово-Петровец. 

- Собранието на Република Северна Mакедонија на денешната 148. седница го донесе Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Со Законот се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи. Неговата примена се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите.

По утврдувањето на дневниот ред и негово дополнување со предлог законите за изменување и дополнување на законите за медиуми и за научно-истражувачката дејност, по скратена постапка, пратениците го донесоа и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка. Целта на ова законско решение е брза и ефикасна постапка во која конфискуваниот имот со правосилна судска одлука успешно ќе се продаде и ќе се овозможи враќање на криминално стекнатите средства и имот.

- Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Јован Митрески денеска имал средба со вршителот на должност амбасадор на Црна Гора, Велимир Шљиванчанин, со кого разговарале за унапредување на парламентарната соработка меѓу двете земји, како и за унапредување на севкупните односи воопшто.

- Како што соопшти собраниската прес-служба, претседателот Митрески изразил задоволство што дочекува претставник на Црна Гора, пријателска земја со која имаме одлични односи како на билатерален, така и на мултилатерален план. Тој истакнал дека двете земји се членки на НАТО и се во преговарачки процес за влез во Европската Унија, а тоа се одлични предуслови за меѓусебна соработка за заеднички напредок.

- Техничкиот премиер Талат Џафери денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со набавувањето на нови возила на лизинг од страна на Владата, посочи дека не станува збор за новина, туку за пракса која постои повеќе години, при што потенцираше дека трошоците на лизинг се многу помали. Тој вели дека оваа постапка не може да се врзе со предизборниот период, бидејќи станува збор за редовна активност која мора да се спроведе.

-Набавување на нови возила на лизинг не е новина, туку пракса која постои повеќе години и која претпоставувам дека е направена според соодветни анализи од претходниот период. Лизингот е поевтин од купувањето на возила, имајќи во предвид дека за периодот на лизинг, гаранцијата и одржувањето на возилото е на давателот на услугата а не на побарувачот. Во тој контекст, одржувањето би било поскапо доколку овие возила по пет години би останале во користење на институцијата, изјави Џафери.

- Во Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска се одржа јавна седница по жалбата против мерката притвор на Александар Ѓорчевски, осомничен во предметот за убиството на неговата ќерка, Вања Ѓорчевска. Преку жалбата, одбраната тврди дека притворот е превентивен, што, според нив е недозволиво. Додека, обвинителството вели дека од доказите се извлекува неспорниот заклучок дека во оваа фаза постои основано сомнение дека обвинетиот го сторил кривичното дело кое му се става на товар. 

Жалбата следува по одлуката на Апелациониот суд со која беше одбиена жалбата на Ѓорчевски и му ја продолжи мерката притвор поради основано сомнение за сторено кривично дело „грабнување“ до 3 април 2024 година. 

- Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска се сретна со амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џејн. На средбата, како што информира МНР, беа разменети писма од министрите за надворешни работи по повод членството на Шведска во НАТО.

Османи упати честитки за членството на Шведска во НАТО Алијансата, нагласувајќи дека со ваквиот чекор ќе се зајакне европската и целокупната трансатлантска стабилност.

- Јавната установа Национален парк Шар Планина (ЈУНП. Шар Планина) забрани  движење со моторни возила-ратраци надвор од дозволените патишта на територијата на паркот, со цел да го заштити природното наследство.

- Според планот за управување со Националниот парк Шар Планина, активноста скијање со ратраци е идентификувана како дозволена активност во сите зони, со исклучок на зоната на строга заштита. Сепак, поради движењето на ратраците надвор од регистрираните патишта, направени се оштетувања на високо планинските предели и оваа дејност е означена како една од потенцијално најголемите закани за заштитеното подрачје и неопходно е да се регулира нивното движење, известуваат од ЈУНП Шар Планина.

- Имаме инвестициски бран од околу 500 милиони евра преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој создаде над 5.000 нови работни места со достоинствени плати за нашите граѓани. За ова да се случи, обезбедивме финансиска поддршка од околу 100 милиони евра, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања во техничката Влада Фатмир Битиќи.

Тој беше во посета на „Галафарм“, компанија од фармацевтската индустрија, која е една од 919 компании во портфолиото на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

- Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов денеска беше во подружницата на ЈП Национални шуми - Бабуна Велес каде што сите работници се едногласни по однос на потребата од исполнување на барањата поради кои во четвртокот започна штрајкот,а кој денеска продолжи.

Вработените  реагираа дека и последната плата за јануари која ја добија деновиве по прогласување на штрајк  е намалена незаконски  за две илјади  денари на секој вработен во ова јавно претпријатие, како и тоа што веќе неколку месеци не им се исплаќа теренскиот додаток и другите додатоци на плата.

- Цистерна со плин се превртела во сообраќајна несреќа што се случила денеска во близина на битолското село Вашарејца. Возачот на камионот е лесно повреден и е пренесен во Клиничката болница во Битола со Итна медицинска помош.

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), за несреќата се известени ТППЕ Битола, која на терен испратила четворица пожарникари со едно противпожарно возило. 

- Европската комисија денеска упати известувања до Бугарија за несоодветна усогласеност со одредбите за право на пристап до адвокат и комуникација на приведените лица и со законските регулативи на ЕУ за борба против расизмот и ксенофобијата, како и барање да преземе мерки за заштита на своите поморски води. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Европската комисија соопшти дека решила да испрати дополнително официјално известување до Бугарија поради нејзино несоодветно усогласување со правилата на ЕУ за борба против расизмот и ксенофобијата. 

- Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека соработката со сојузниците, особено со Соединетите Американски Држави, треба да биде оската на дејствијата што ги презема Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференцијата по средбата со пратеникот на американскиот претседател, Џо Бајден за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој денеска пристигна во официјална посета на Приштина, Османи рече дека соработката со сојузниците е од витално значење за Косово.

- Премиерот Еди Рама првпат реагираше во врска со постигнатиот договор меѓу владејачкото мнозинството и опозициските пратеници од „Обновата на ДП“ за формирање анкетни комисии и враќање на парламентарниот живот во нормала.

Преку реакција на социјалните мрежи, тој ги отфрла обвинувањата кои договорот го окарактеризирале како „пазарење и соработка со „нон грата“ (Сали Бериша)“ нарекувајќи ги клевета.

Рама нагласува дека власта не може да го отфрли формирањето анкетни комисии доколку се направи во законски рамки.

- На плажа на малиот грчкиот остров Гавдос, вчера бил откриен 91 мигрант, а во изминатиот период зголемени се бегалските бранови на островот со само 200 жители, додека градоначалничката порачува дека немаат капацитет да се справат со секојдневните пристигнувања, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција соопштија дека за мигрантите биле информирани од полицискиот службеник на Гавдос и 28 од лица со спасувачки чамец биле пренесени на Крит, а останатите 63 се на островот во привремениот простор за прием на општината и ќе бидат префрлени на Крит кога ќе се подобрат временските услови.

- Владата на Косово ѝ наложи на Агенцијата за катастар да ја спроведе одлуката на Уставниот суд за признавање на правото на сопственост на 24 хектари земјиште на православниот Манастир во Дечане, јави дописникот на МИА од Приштина. 

Премиерот Албин Курти на почетокот на денешната седница на Владата рече дека оваа одлука ја донел, затоа што претставува услов за прием на Косово во Советот на Европа.

- Европскиот парламент денеска изгласа регулатива за заштита на новинарите, борба против политичкото мешање во уредувачките одлуки и поголема транспарентност на сопственоста на медиумите.

Регулативата за воспоставување заедничка рамка за медиумските услуги во ЕУ и обезбедување подобра заштита на новинарите и нивните извори е усвоена на пленарната седница во Стразбур со 464 гласа „за“, 92 „против“ и 65 воздржани, објавено е на веб-страницата на Европскиот парламент.

- Директорот на фабриката „Тесла“, Илон Макс пристигна денеска во Германија и ја посети единствената фабрика во Европа на производителот на електрични автомобили, лоцирана надвор од Берлин, една недела по палењето електричен столб по кој беше прекинато снабдувањето со електрична енергија на таа локација.

Производството во таканаречената „гига-фабрика“ на „Тесла“ во градот Грунхајде беше запрено неколку дена поради диверзантскиот напад. Одговорноста за нападот ја презеде левичарска екстремистичка група, која соопшти дека е одговорна за палење на електричен столб што им служи на други бизниси и жители покрај централата Тесла.

Производството во фабриката продолжи денеска.

- Го осудуваме суровиот напад врз Леонид Волков, изјави денеска портпаролот на Европската комисија во врска со нападот во Литванија врз рускиот опозиционер и соработник на покојниот Алексеј Навални.

Разбираме дека литванските власти темелно го истражуваат овој случај. Не би рекол кој би можел да биде одговорен додека не завршат проверките. Во овој случај ни требаат доказите од истрагата, додаде портпаролот.

- Службата за безбедност на Украина ноќеска изврши напади со беспилотни летала врз три руски нафтени рафинерии во Рјазан, Кстово и Кириши како дел од стратегијата за намалување на економскиот потенцијал на Русија, јавија западните агенции повикувајќи се на украински извор.

„Нашата задача е да му ги одземеме ресурсите на непријателот и да го намалиме протокот на пари од нафта и гориво, кои Русија директно ги насочува кон војната и убивањето на нашите граѓани. Судејќи според видеата на интернет, последиците беа многу сериозни“, нагласува изворот цитиран од украинските медиуми.

- Русија се подготвува за долготрајна војна, а отпорот на нејзината агресија е клучниот предизвик на генерацијата, рече финскиот премиер Петери Орпо во Европскиот парламент.

Премиерот на Финска, земја која дели повеќе од 1.300 километри граница со Русија, на пленарната седница во Стразбур рече дека руската агресија против Украина е силен потсетник за кревкоста на мирот во Европа, дека ги загрозува самите темели на Европската унија и е клучен предизвик за оваа генерација на европско лидерство.

- Србија и натаму е рекордер во регионот по годишна стапка на инфлација. Според последните податоци објавени во земјите од регионот, Србија е на прво место со годишна инфлација во февруари од 6,4 отсто, јави дописникот на МИА од Белград.

По Србија, следат Црна Гора со годишна инфлација од 4,4 отсто (податоците се за јануари 2024 година), потоа Хрватска (4,1 отсто), Словенија (3,4 отсто), Северна Македонија со годишна инфлација од три отсто, Албанија со 2,6 отсто. Босна и Херцеговина има најниска стапка на инфлација во регионот, која во јануари 2024 година изнесува 1,96 отсто на годишна основа.

- Данска ќе ги зголеми трошоците за одбраната за 40,5 милијарди круни (5,43 милијарди евра) во следните пет години, вклучително и за исполнување на целите на НАТО за трошоците за одбрана, соопшти данскиот премиер Мете Фредериксен, претставувајќи ги плановите на Владата за зајакнување на воениот капацитет.

„Не ја вооружуваме Данска затоа што сакаме војна, уништување или страдање. Ние се преоружуваме за да избегнеме војна во свет каде што меѓународниот поредок е исправен пред предизвици“, изјави тој за Фредериксен, индиректно мислејќи на воените дејствија на Русија во последните години.

- Рускиот суд го казни „Гугл“ со четири милиони рубљи (43.680 долари) затоа што не го блокирал пристапот до одредени содржини забранети во Русија.

Судот го прогласи „Гугл“ за виновен бидејќи не постапил во согласност со законот и не го ограничил пристапот до некои забранети содржини на Јутјуб.

- Глобалната побарувачка за природен гас би можела да се зголеми за 34 отсто во 2050 година во однос на 2022 година, достигнувајќи 5.360 милијарди кубни метри, се наведува во извештајот на Форумот за земји извознички на гас (ГЕЦФ).

Глобалната потрошувачка на природен гас во 2022 година изнесуваше околу 4.015 милијарди кубни метри.

- Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој утрово допатува во официјална посета на Косово, ја поздрави денешната одлука на косовската Влада да му се доделат на православниот Манастир во Дечане 24 хектари земјиште, согласно одлуката на Уставниот суд на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференцијата по денешната средба со претседателката на Косово, Вјоса Османи, Ескобар изјави дека одлуката на Владата на Албин Курти била „тешка, но неопходна“.

Остани поврзан