• среда, 25 декември 2024
МИА Радиофлеш

20 март 2024

- Во последното деноноќие регистриран е еден пожар на отворено и три сообраќајни несреќи. ТППЕ Куманово со двајца пожарникари и едно противпожарно возило вчера од 17:05 до 18:25 часот гаснеле запалена ниска вегетација, информираат утрово од Центарот за управување со кризи.

Регионалниот ЦУК Штип известува за две сообраќајни несреќи. Првата сообраќајка се случила вчера околу 12:45 часот во близина на „Рибник Слив“ во општина Виница. Во несреќата едно лице со возилото излетало од патот, при што возачот се здобил со лесни и повреди. 

- Техничкиот премиер Талат Џафери денеска ќе ја посети општина Чашка, соопшти владината прес-служба.

Според агендата, Џафери ќе ги посети ООУ „Петар Поп Арсов" во село Согле, ООУ „Тодор Јанев" – Општина Чашка, како и ООУ „Лириа“ во Долно Јаболчиште. 

- Последното проширување на американската црна листа со функционери од земјава повторно ги вкрсти власта и опозицијата околу Законот за рестриктивни мерки. СДСМ обвинува дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ го блокира носењето во Собранието, додека од таму велат дека има доволно законски решенија да се постапува, но дека власта се плаши да ги користи.

Американскиот Стејт департмент објави дека поради вмешаност во значителна корупција именува повеќе функционери од Западен Балкан на „црната листа“, меѓу кои и поранешната специјална главна обвинителка на Северна Македонија, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош и кандидат за претседател на државата Стевчо Јакимовски.

- Сите седуммина кандидати за претседател на државата ги поднесоа кандидатурите до Државната изборна комисија (ДИК). Сега се очекува ДИК да одржи седница на која треба да ги разгледа и потврди поднесените кандидатури, а најдоцна до 28 март треба да се утврди и редоследот на потврдените кандидати на гласачкото ливче. 

Вчера кандидатурите ги поднесоа Бујар Османи, Билјана Ванковска и Гордана Силјановска - Давкова, а ден претходно тоа го сторија и Стево Пендаровски, Максим Димитриевски, Стево Јакимовски и Арбен Таравари. 

Претседателските избори ќе се одржат на 24 април, а на нив ќе гласа и дијаспората од 20-тина држави во кои се пријавиле доволен број граѓани. Иселениците нема да гласаат на парламентарните избори затоа што бројот на пријавени граѓани за гласање на овие избори е далеку од потребните 5.355 гласачи.

- Вкупно 2954 наши иселеници се пријавиле за гласање во странство на претстојните претседателски и парламентарни избори 2024. Од вкупниот број пријави, според податоците од веб-страната на Државната изборна комисија од синоќа, прифатени се 2610, две се необработени, а одбиени 342. Оваа бројка би можела да се промени доколку Министерството за надворешни работи до ДИК најдоцна до 21 март, согласно Роковникот за избори, достави пријави од наши државјани поднесени во дипломатско-конзуларните претставништва. Сепак, извесно е дека гласање ќе се организира само за претседателските избори бидејќи нема доволен број пријавени за избор на пратеници. 

Гласањето за претседател на 24 април и за втор круг на 8 мај, врз основа на прифатените пријави, треба да се организира во 24 земји. За да се организираат избори во некое од нашите дипломатски-конзуларни претставништва потребно е да се пријавени најмалку десет избирачи.

- Финска ја зацврсти својата позиција како најсреќна земја во светот освојувајќи ја титулата седма година по ред, се вели во Извештајот објавен денеска под покровителство на Обединетите нации.

Северна Македонија е на 84. место, додека младите под 30 години во земјава се нешто посреќни и се наоѓаат на 67.место.

- Пет членови на екипажот се водат како исчезнати откако јужнокорејски танкер се преврте денеска кај западниот јапонски град Шимоносеки, соопшти канцеларијата на крајбрежната стража.

Во моментот на инцидентот, на бродот имало 11 членови на екипажот, од кои осум биле Индонезијци, двајца Јужнокорејци и еден Кинез. Не е позната состојбата на шестмината спасени членови на екипажот.

- Четиринаесет лица загинаа, а 37 се повредени во сообраќајна несреќа на патнички автобус во северната кинеска провинција Шанкси, соопштија локалните власти.

Патнички автобус удри во ѕид од тунел на автопатот Хохот-Беихаи во Шанкси во вторникот, објави новинската агенција Синхуа.

Спасувачките сили излегле на местото на настанот, а истрагата за причините за несреќата е во тек.

- Стејт департментот смета дека дијалогот со поддршка на ЕУ е вистинскиот канал за решавање на прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина и дека дискусиите за динарот треба да продолжат што е можно поскоро, изјави ззаменик портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател..

Тој на синоќешната прес-конференција ги поздрави разговорите на делегациите на Србија и Косовопредводени од Петар Петковиќ и Бесник Бислими со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак.

- Фондацијата Бертелсман секои две години оценува околу 140 земји врз основа на тоа дали тие се развиваат кон демократија или автократија, а тоа го прави од 2006 година. Сегашната студија покажува дека автократиите сега се мнозинство, пишува во анализата на Дојче веле (ДВ).

Според една нова студија, квалитетот на демократијата се влошил во изминатите 20 години во 137 земји, кои можат да се опишат како земји во развој или т.н. земјите во подем. Според „Индексот на трансформација на фондацијата Бертелсман“, сега имаме 63 демократии наспроти 74 автократии, односно земји во кои нема слободни избори или функционално владеење на правото.

- Руски војници во текот на ноќта го нападнаа регионот Дњепропетровск, при што пет лица се повредени, објави на Телеграм Сергеј Лисак, началникот на регионот Дњепропетровск.

„Синоќа беше бучно во областа Синелник. Во непријателскиот напад беа повредени пет лица, меѓу кои и цело семејство, чија куќа е уништена од окупаторите“, напиша Лисак.

 

Остани поврзан