• сабота, 16 ноември 2024
МИА Радиофлеш

8 март 2024

- Статусот, положбата и улогата на жените е јасен показател за степенот на демократијата во едно општество. Доколку сакаме да живееме во вистински демократско општество мора да ги земеме предвид потребите на сите граѓани во креирањето, носењето и спроведувањето на политиките. Тоа подразбира здрав амбиент во кој жените ќе бидат вклучени, а не исклучени од политичките процеси и гарантирање на буџет со цел родовите политики да не бидат празно слово, туку реално да се спроведуваат во пракса. Ова го напиша претседателот Стево Пендаровски по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жените.

На тој пат, како што посочува Пендаровски, мора уште посилно да продолжиме да се бориме за справување со бариерите со кои се соочуваат жените кога влегуваат во јавниот живот.

- Со низа настани посветени на економската, политичката и општествената борба за рамноправност на жените, денеска се одбележува Меѓународниот ден на жената - 8 Март. Иако има напредок, сепак жените се уште не се рамноправни со мажите за што говорат податоците дека е помал процентот на жени на раководни функции, а различно се вреднува и трудот меѓу мажите и жените за исто работно место. 

Во Северна Македонија, според податоците објавени на официјалната Фејсбук страница на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2023 година, во вкупниот број на вработени лица од 15 до 64 години повеќе застапени се мажите (56,2 проценти) во споредба со жените (43,8 проценти). Жените се најзастапени како медицински сестри, шивачки, сметководители, наставнички, економисти, продавачки и правни застапници. Помалку застапени се на работна позиција како келнер (11,9 процент) и сообраќаен полицаец (16,8 процент).

- Собирањето потписи од граѓаните за кандидатите за претседател на претстојните избори, што почна на 23 февруари, ќе трае до денеска на полноќ.

Според податоците од ДИК, од 15-те пријавени кандидати за собирање потписи за претседателските избори, досега потребните 10.000 потписи ги собраа Стево Пендаровски поддржан од СДСМ кој има 22.411 потписи, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ - 28.086, Бујар Османи од ДУИ - 11.085, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди - 10.710, кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски - 11.278, Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија - 11.605 и Билјана Ванковска Цветковска од Левица - 10.528 потписи.

- Годинава по повод Меѓународниот ден на жените – 8 Март, Собранието ја продолжува праксата на одржување пригодна пленарна седница исклучиво посветена на родовата еднаквост и на унапредувањето на женските права.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Јован Митрески за денеска со почеток во 11 часот во салата „Македонија“ ја закажа 146. седница, втора по ред која се однесува на оваа тема.

Како што информираат од собраниската прес-служба, единствена точка на дневен ред на седницата е Информацијата за активностите и улогата на Клубот на пратенички во подобрување на состојбата на родова еднаквост и унапредување на правата на жените, во 10. пратенички состав на Собранието на Република Северна Македонија, односно во мандатот од 2020 до 2024 година. Посочуваат дека поради присуството на повеќе гости таа ќе биде следена и од салата „Голема купола“.

- Во Собранието денеска седница ќе одржи Законодавно правната комисија.

Членовите на Законодавно правната комисија ќе дискутираат по Предлог на законот за помилување, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите, сите во прво читање.

- Тим Европа и ОН во Северна Македонија денеска на Меѓународниот ден на жената ќе ја доделат наградата „Европска жена на годината“ за 2024 година.

Седумте покровители се здружија со седумте номинирани кандидатки – извонредни жени препознаени како креатори на промени во нивните заедници.

- Алмира Фасљи Муарем ромска активистка од Скопје –  претставена од германската амбасадорка Петра Дрекслер, Марија Дуда Дибиаџио претприемачка од Крива Паланка – претставена од  шефот на претставништвото на ЕИБ Бјорн Габриел, Катерина Котеска-Стисниовска, адвокатка од Битола – претставена од амбасадор на Шпанија, Хозе Луис Лосано Гарсија, Елмедина Абдулахи, поборничка за животната средина од Тетово – претставена од грчката амбасадорка, Софија Филипиду, Греса Мустафаи, спортистка од Струга – претставена од  амбасадорот на Словенија, Грегор Прескер, Ана Витанова Рингачева, универзитетска професорка од Струмица – претставена од амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Јаин и Далиборка Златева, поборничка за лицата со попреченост од Велес – претставена од постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџиак, соопштуваат од Делегацијата на ЕУ.

- Поради верскиот празник „Задушница“, денеска и утре на редовните линии 59 - Карпош 3 - Кучевишка бара - гробишта Бутел, 59А - Ново Лисиче - гробишта Бутел и 59Б - Кисела Вода - гробишта Бутел, ќе сообраќаат дополнителен број автобуси, информираат од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.

- Во Скопје денеска на Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените - 8 Март, ќе се одржи Марш за женски права. Маршот ќе почне во 17 часот од Плоштадот „Скендербег“ под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“.

Рутата на маршот ќе заврши во Паркот „Жена Борец“, со завршни обраќања до јавноста и институциите.

Од Платформата за родова еднаквост информираат дека осма година по ред маршираат за да потсетиме дека женските права се важни, секој ден, во секој сегмент од живеењето.

- Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие  имало вкупно четири пожари на отворено, а пожарникарите гаснеле и пожари во населени места.

Пожарникарите од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје на Град Скопје вчера од 15:45 до 16:55 часот гаснеле запалена трева на површина од 2 000 квадратни метри во село Мралино во Општина Илинден.

ТППЕ Кочани вчера од 11:40 до 13:15 часот гаснела запалена ниска вегетација кај село Кучичино, во близина на цигланата и од 14:08 до 19:50 часот итервенирале на запалена ниска вегетација во близина на село Спанчево во Општина Чешиново-Облешево.

- Пратениците во грчкиот Парламент денеска ќе гласаат за предлог-законот на Министерството за образование за „Зајакнување на државниот универзитет – рамка за работа на непрофитни оддели на странски универзитети“, а студентите закажаа нов протест за уште еднаш да го изразат нивното незадоволство од одлуката на Владата за отворање приватни факултети, јави дописничката на МИА од Атина.

Расправата во грчкиот Парламент започна во средата и се очекува гласањето да биде вечерва, а според најавите веројатно ќе добие зелено светло само од пратениците на владејачката Нова демократија.

- Украинскиот претседател Володомир Зеленски денеска ќе отпатува во официјална посета на Турција.

За време на посетата детално ќе се разговара за текот на конфликтот меѓу Украина и Русија, најновата ситуација во контактите во врска со продолжувањето на Договорот за коридорот за извоз на жито и потрагата по постојан мир во регионот, соопшти Дирекцијата за комуникации на турскиот претседател.

Најавено е и дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган со својот украински колега ќе разговара за односите меѓу Турција и Украина.

- По повод Меѓународниот ден на жената - 8 Март денеска во Брисел во организација на неколку белгиски синдикати се одржува Национален ден за акција посветена на промоција на заштитата на правата на жените и на нивно поголемо учество во јавниот живот. 

Во рамки на активностите по повод 8 Март предвидени се собири и манифестации на неколку локации во центарот на градот. 

Бриселското јавно транспортно претпријатие СТИБ соопшти дека очекува „големи нарушување“ на јавниот превоз во Брисел, поради учество на дел од неговите вработени во манифестациите на Денот на акција. Дополнително, манифестациите во центарот на градот се очекува да предизвикаат нарушувања и прекини на неколку автобуски и трамвајски линии. 

- Во оваа година на избори во многу земји во светот, ги охрабруваме сите жени, особено младите, каде и да се, да го искористат своето право на глас, да го бараат своето место во општеството и да се чувствуваат повикани да учествуваат во политичкиот живот, се наведува во заедничката изјава на Европската комисија и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по повод Меѓународниот ден на жената - 8 март. 

- Денес, процентот на жени во политиката се уште е далеку од тоа да ги претставува различностите на нашите општества. Вкупниот процент на жени во парламентите во моментов во просек изнесува 33 отсто во земјите членки на ЕУ и 26,5 проценти на глобално ниво. Мора да продолжиме да правиме повеќе за да го инспирираме и промовираме вклучувањето на жените во политиката, се наведува во изјавата.

- Управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) изгласа резолуција со која се бара Русија да се повлече од украинската нуклеарна централа Запорожје (ЗНПП).

Тоа е четврта резолуција на Комитетот со која се осудуваат руските дејствија во нуклеарните постројки на Украина

„Резолуцијата беше усвоена со мнозинство гласови“, објави мисијата на Украина во Меѓународната агенција за атомска енергија на платформата Икс (Твитер).

Во текстот се наведува дека одборот бара „итно повлекување на сиот воен и друг неовластен персонал од украинската ЗНПП и објектот веднаш да биде вратен под целосна контрола на релевантните украински власти“.

- Франција планира да воведе мерки против „брзата мода“, минливата мода по намалени цени, поттикната од увозните производи кои влијаат врз животната средина.

Мерките предвидуваат финансиски казни, забрането огласување и подобра информираност на потрошувачите.

Во предлогот, за кој ќе се гласа во Парламентот на 14 март, се посочува дека во цената на на ткавата облека треба да бидат вклучени и еколошките трошоци за прекумерното производство, бидејќи се троши многу вода и облеката претставува извор на загадување.

- Претседателот на Украина, Володимир Зеленски потпиша декрет со кој се предвидува воените регрути, кои служат во двегодишната војна против Русија, да бидат префрлени во резерва во следните два месеци.

Со тоа ќе им се овозможи одреден одмор за воениот персонал кој бил ангажиран во армијата и пред руската инвазија во февруари 2022 година.

- Амбасадата на САД во Русија ги предупреди Американците да избегнуваат големи собири во Москва, во следните 48 часа.

Во предупредувањето се истакнува дека наредниот период можни се терористички напади од страна на екстремистите во главниот град на Русија, Москва.

- Поморскиот коридор за хуманитарна помош за Газа, ќе биде во фокусот на разговорите на кипарскиот претседател Никос Христодулидис и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен на нивната денешна средба во Никозија и посетата на пристаништето во Ларнака, јави дописничката на МИА од Атина.

Фон дер Лајен и Христодулис, вчера, по конгресот на Европската народна партија во Букурешт, од Романија заедно пристигнаа на Кипар, а синоќа имаа приватна, неформална вечера во Претседателската палата во Никозија.

- Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ) соопшти дека извршила самоодбранбени напади против четири противбродски проектили и едно беспилотно летало на Хутите.

Размената на оган се случила на територијата на Јемен под контрола на јеменските бунтовници Хути.

ЦЕНТКОМ, со седиште во Флорида, соопшти дека нивните сили собориле три беспилотни летала лансирани кон Аденски Залив од територијата контролирана од проиранските Хути.

- Светската здравствена организација (СЗО) денеска ги повика националните влади во светот да го земат предвид полот кога развиваат политики за консумирање алкохол, предупредувајќи дека маркетингот во индустријата сè повеќе ги таргетира жените кои се соочуваат со поголеми здравствени ризици од мажите и од помалку алкохол.

Агенцијата на ОН со седиште во Женева соопшти дека има докази дека мажите, жените и малцинските групи се различно погодени од штетата поврзана со алкохолот и дека индустријата го прилагодила својот маркетинг за да таргетира различни полови. „Политиките за контрола на алкохолот во голема мера остануваат слепи за половите“, вели СЗО, повикувајќи ги владите да го земат предвид полот при дизајнирање контролни мерки.

- Судот во Њујорк го одби барањето на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп да го одложи извршувањето на казната за писателката Е.Џин Керол во износ од 83,3 милиони долари во случајот на клевета. Судската одлука ја донесе вчера окружниот судија во Њујорк, Луис Каплан на Менхетен кој му наложи на поранешниот претседател за три дена да плати или да објави обврзница за целата пресуда од 83,3 милиони долари.

Во пресудата од 26 јануари, поротниците се согласија со Керол дека Трамп ја наклеветил авторката и поранешна новинарка во јуни 2019 година, негирајќи дека ја злоставувал во 1990-тите во соблекувалната во луксузната продавница Бергдорф Гудман“ на Менхетен.

Каплан формално ја објави пресудата на 8 февруари и му даде на поранешниот американски претседател 30 дена да плати обврзница или готовина додека се чека пресудата по жалбата со која Трамп го оспорува ставот на поротата за неговата одговорност и висината на отштетата.

 

Остани поврзан