• среда, 25 декември 2024
МИА Радиофлеш

8 март 2024 

- Уште од мала се воодушевував од небото и од авионите и ми беше позитивен предизвик да ја остварам мојата цел. При остварувањето на мојот сон да работам во авијација се соочував со многу препреки, но не дозволив туѓите мислења да ја попречат мојата детерминација. Порака до жените е да не прават компромиси кога се нивните животи и нивните соништа во прашање, вели за МИА Катерина Кајсторовска, првата и единствена жена капетан пилот и инструктор на Боинг 737 во земјава.

Кајсторовска се стекнува со првото летачко искуство на 15 години, кога се запишала на Јатовата пилотска школа во Вршац во Србија, а од 2016 година професионално работи како капетан пилот. Своето школување го има усовршено и со посета на обуката во Стокхолм во Шведска за Боинг 737. Низ годините, Кајсторовска има работено во повеќе компании, меѓу кои „Qatar Airways“, „Air Serbia“, „Bul Air“, „Jetstar Pacific“, Македонски Авиотранспорт. Таа е исто така магистер по човечки ресурси и судски преведувач за англиски и српски јазик.

 - Во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија се одржа вториот Состанок на политички директори на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на кој беа присутни и претставници на Советот за регионална соработка (СРС) и на Европската Унија.

Северна Македонија претседава со Процесот за соработка во Југоисточна Европа во периодот јули 2023 - јуни 2024 година, под мотото „Премостување поделби, градење доверба“.

- Иако новинарството сѐ повеќе се перцепира како „женска“ професија, сепак, кога се работи за рамноправност во овој сектор, има да се изоди уште многу пат за таа да стане реалност. Сите анализи, истражувања и искуства покажуваат дека на одлучувачките позиции во медиумите најчесто се поставени мажи, а новинарките се само работна сила, и покрај тоа што жените се побројни во поглед на стручната подготвеност.

Ана Цветковска, главен и одговорен уредник во Медиумска информативна агенција (МИА), новинарството во Македонија го оценува како патријархален модел со тенденција за одредени подобрувања во однос на родовата рамноправност. Но, како што вели, не и во највисоките структури.

- Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска заедно со делегација предводена од потпретседателите Тимчо Муцунски и Александар Николоски, како и стратешкиот соработник за меѓународна политика, Викторија Трајков се во посета на Виена, Република Австрија.

Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, во текот на денот тие ќе остварат средба со Каролина Едстадлер, сојузна министерка за Европа и Устав на Република Австрија, потоа со Мајкл Отер, претседател на Стопанска Комора на Австрија и Александер Шаленберг, министер за надворешни работи на Република Австрија.

- Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани на Меѓународниот ден на жената, повикува на поголема акција за да се стави крај на детските бракови.

Како што се наведува во нејзината пишана изјава, додека здружени го креваме гласот за родова еднаквост и добросостојба на жените, не можеме да заборавиме на една сериозна последица од вкоренетата родова нееднаквост, на детските бракови.

- Иако оваа штетна пракса значително се намали во последната деценија, детските бракови и понатаму претставуваат проблем за девојчињата во Северна Македонија. Осум отсто од сите жени на возраст од 20 до 24 години во земјата се омажиле или почнале да живеат во заедница пред 18-годишна возраст. Уште позагрижувачки е што, 45 отсто од жените Ромки на возраст од 20 до 24 години во земјата, биле мажени или живееле во врска пред 18-годишна возраст и 15 отсто жени од истата група, биле мажени или живееле во врска пред 15-годишна возраст, нагласува ДиЏовани.

- Во морскиот дел североисточно од грчкиот остров Родос, рано утрово беше регистриран земјотрес со јачина од 4,6 степени, според податоците на Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.

Земјотресот бил почувствуван на островот, а засега нема пријави за повредени или причинета материјална штета.

- Косовскиот премиер Албин Курти и честиташе на Шведска за нејзиното зачленување во НАТО, порачувајќи дека „силно НАТО значи побезбедна Европа“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти на социјалната мрежа Х напиша дека членството на шведската држава во НАТО го гледа како голема шанса за мир по руската агресија во Украина и дека очекува Шведска да му помогне на Косово во заштитата на границата од српската агресија.

- ЕУ го донесе првиот европски закон за ставање крај на насилството врз жените, затоа што не може да има еднаквост без ослободување од насилството, истакна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во нејзината порака по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март. 

- Но, патот до целосна еднаквост е се уште долг. Тоа бара внимание и посветеност, секој ден, од секој еден од нас, за да може следната генерација на жени конечно да го добие она што го заслужува: свет на еднакви права и можности за сите, порача Фон дер Лајен.

- На авион од моделот Боинг 777-200 на американската авиокомпанија „Јунајтед ерлајнс“ му отпадна гума при полетување од аеродромот во Сан Франциско, поради што авионот, кој летал за Јапонија, морал да биде пренасочен кон Лос Анџелес, пренесе Еј-Би-Си њуз.

Авионот безбедно слета на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес, соопшти Федералната управа за авијација на САД.

- Повеќе од 230 милиони жени и девојчиња биле подложени на отстранување на гениталиите, од кои мнозинството живеат во Африка, се вели во извештајот објавен денеска од Агенцијата за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ).

Во изминатите осум години, околу 30 милиони жени и девојчиња биле подложени на процедура во која нивните надворешни гениталии делумно или целосно се отстранети, се вели во извештајот на УНИЦЕФ објавен по повод Меѓународниот ден на жената.

Процентот на жени и девојчиња кои се подложени на сечење на гениталиите се намалува, соопшти УНИЦЕФ, но предупреди дека напорите за искоренување на оваа практика се премногу бавни за да бидат во чекор со рапидно растечката популација.

Остани поврзан