• вторник, 08 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Општински пул

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 24-ти до 30 март со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 116 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Од ЈП ПОЦ и Општина Центар најавуваат дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.

Гевгелија - Дуото „Гелебешеви“ вечер ќе одржи концерт на пијано во хотел „Аполонија“, во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.

Како што соопштија од Општината, на концертот ќе бидат изведени следните дела: Увертира кон операта „Поетот и селанецот“- Ф. Фон Супе, Увертира кон операта „Танхојзер“- Р. Вагнер, Увертира кон операта „Страчката грабливка“- Џ. Росини и 6 пиеси од С. Рахмањинов: „Баркарола“, „Скерцо“, „Руска тема“, „Валс“, „Романса“ и „Слава“.

-Дуото го сочинуваат двајца истакнати македонски пијанисти-Катерина Костадиновска Гелебешева и Глигор Гелебешев. Тие поседуваат богати и разнолики уметнички сензибилитети, обединети во успешна хомогена целина-Пијано Дуо „Гелебешеви“, препознатливо на концертната сцена по уникатниот творечки перформанс, специфичен за посебно талентирани и врвно подготвени уметници кои со своите инспиративни интерпретации умеат да го задржат вниманието и на најпребирливата публика, се наведува во најавата за вечерашниот концерт.

Инаку, Дуото „Гелебешеви“ претставува реномирен камерен ансамбл во Македонија што континуирано настапува во градовите низ земјата и на сите најзначајни фестивали во сферата на класичната музика: „Охридско лето“, „Златна лира“, „Денови на македонска музика“, „Хераклејски вечери“, „Интерфест“, „Скопско лето“, „Прилепско лето“, „Штипско лето“.

Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат податоците од направените анализи на 200 примероци од 45 мерни места.

-Секторот за санитарна контрола во периодот од 24-ти до 28 март зема 200 примероци за физичко-хемиска и 200 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 45 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.

Јавното претпријатие, како што се наведуваат оттаму, со цел подобра информираност на граѓаните на град Скопје, овие податоци ги објавува во неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

Дебар - Во познатиот и и еден од најубавите манастири посветен на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во дебарското село Рајчица одекна моќниот благоѕунлив звук на новата камбана–благовесник, поставена во манастирската камбанарија со благослов на Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј. 

Осветувањето на новото ѕвоно го изврши Владиката, придружен од браќата свештенослужители, од сестрите од Рајчица и Причеста и од многубројни верници, меѓу кои и дарителот  Владимир Стајиќ.

Новата камбана, тешка 830 килограми, е излеана во леарницата на мајсторот Младен Кременовиќ во село Белосавци, Република Србија, и доаѓа како ктиторски дар од Владимир Стајиќ, почесен конзул на Република Србија вонашата земја, заедно со неговата ќерка Ангела. Со ова  се надоплни стариот кралски сет камбани, некогашна гордост на Бигорски, а сега воскреснат и сјаен украс и глас на манастирот.

-Најстарата камбана од овој комплет е од 1850 година и е дар од српските кнезови Петар и Андреј со сестрите. Во 1851 година, дебарските христијани подариле уште една камбана, заедно со две помали. Досега најголемата камбана е од 1925 година и е дар од кралот Александар I Караѓорѓевиќ и неговото семејство. По иницијатива и со благослов на владиката г. Партениј, кој полага голема грижа и посветеност за запазување и обнова на православното наследство и предание, тие камбани неодамна беа реставрирани во реномираната австриска фирма Grassmayr, и повторно вратени во функција, рече за МИА, сестра Ефимија од  манастирот „Свети Георгиј Победоносец“.

Скопје - Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за 2025 година на физички лица, односно поединци или група творци, кои се со живеалиште во оваа локална самоуправа. 

Признанијата, како што информира Општина Аеродром, се доделуваат како знак на општествено признание за особени постигнувања во стопанството, науката, уметноста, културата, спортот, воспитувањето и образованието, заштитата и унапредување на животната средина и природата, како и во други области на трудот и творештвото од значење за развојот на Општината и нејзина афирмација во државата и во светот, а тие можат да се доделат и постхумно на истакнати жители.

Рокот за пријавување е заклучно со 7 април 2025 година (понеделник).

Кандидатите можат да се пријават лично, како и да бидат предложени од правни и физички лица, а сите детали околу условите за повикот можат да се најдат на следниот линк Јавен повик за доделување признанија од Oпштина Aеродром за 2025. 

Демир Хисар - Општина Демир Хисар се приклучи на семејството општини кои ја користат интерактивната дигитална платформа „мЗаедница“.

Од секторот за односи со јавност на Општина Демир Хисар инфомираат дека дигиталната трансформација на општинските услуги е со цел да се подобри ефикасноста и да биде водечка општина во областа на транспарентност и отчетност.  

-Платформата „мЗаедница“ се состои од мобилна и веб апликација за граѓаните и административен панел за општините и таа овозможува граѓаните и локалната власт да комуницираат директно и да придонесат заеднички за подобра општина. Мобилната и веб апликација „мЗаедница“ го промовира концептот на мобилно учество и им овозможува на корисниците преку користење на мобилнен телефон, таблет или комјутер да комуницираат директно со вработените во општинските сектори, да остваруваат права и да влијаат врз активностите кои ги превзема општината. Мобилната апликација „мЗаедница“ се презема безплатно за корисниците на паметни телефони кои користат оперативни системи на Android и IOS, а веб апликацијата може да се корист на линк https://www.mZaednica.mk , нагласуваат од тамошната локална самоуправа.

Платформата „мЗаедница“ за граѓаните овозможува интерактивна двонасочна комуникација со општината, поднесување на пријави, проблем или предлог до општината, преглед на сите пријави од страна на граѓаните, поднесување на барање за субвенционирање и преглед на сите активни субвенции, како и други можности за секој корисник што ќе се регистрира на „мЗаедница“ во Општина Демир Хисар.

Штип – Почнаa реконструкциите на спортските сали во Општинските основни училиште „Тошо Арсов“ и „Димитар Влахов“. Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека реконструкцијата на двете училишни спортски сали е потребна, а градежните активности ќе траат неколку месеци.

-Знаете дека голем број на спортисти, спортски клубови и рекреативци ги користат овие спортски сали и во Основното училиште „Тошо Арсов“ и во училиштето „Димитар Влахов“, во кои со годините наназад се јавувала потребата од реконструкција. Но, еве во 2025 година е одвоен буџет, со кој комплетно ќе бидат реконструирани, вели Јорданов.

Тој најави дека со половина милион евра од Министерството за образование и наука и од буџетот на Општина Штип ќе се реализираат неколку проекти во образовните институции, меѓу кои и промени на покривната конструкција на Гимназијата „Славчо Стојменски“. Предвидено е и реконструкција на тоалети во ООУ „Тошо Арсов“, како и уредување на неколку спортски терени низ населбите во Штип.

Кавадарци - Изложба на првоаприлски цртежи маски со хуманитарен карактер беше отворена денеска во Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци, во соработка со основните училишта, локалната самоуправа и Друштвото на ликовни уметници од овој град. 

- Всушност стануваше збор за ликовен конкурс. Цртежите маски ги изработија ученици од основните училишта. Ликовните педагози работеа со своите ученици и овде навистина гледаме изработки, кои се прекрасно направени од вредните детски раце. Сите дела се добри, но сепак ние одлучивме да доделиме по една прва, втора и трета награда за поединечно учество на овој конкурс и прва, втора и трета награда за групна маска, рече Јулијана Туриманџова, директорка на Домот на културата.

Изложбата е од продажен и има хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат донирани за лекување на млада кавадарчанка во Мексико. 

Кочани - На десетина дена пред официјалниот почеток на новата сезона за производство на ориз земјоделците во кочанскиот регион се загрижени поради целосниот застој во откупот на арпата од минатогодишната реколта.

Над 10 илјади тони арпа сѐ уште ги чуваат во домашните магацини затоа што откупно-преработувачките претпријатија не склучуваат нови договори за откуп, а и цените што ги нудат се неприфатливи во однос на трошоците за производство. 

-Имаме информации дека на Собрание треба да помине предлог за откуп на околу три илјади тони за стоковите резерви, но досега тоа не е реализирано. Редовен откуп воопшто нема, туку има само поединечни случаи кога им се земаат одредени количини на земјоделци кои имаат повисок квалитет на арпата. Според нашите проценки околу 50 отсто од произведените количини стојат на залиха кај земјоделците. Очекувавме една третина да отиде за стоковите резерви, околу две илјади тони да се искористат како семенски материјал за новото производство, а останатите количини остануваат како проблем. Последните цени што се исплаќаа пред прекинот на откупот се движеа од 22 до 25 денари за килограм арпа, во зависност од квалитетот, односно од рандманот, истакнува Тони Максимов, оризопроизводител од Облешево.

Крива Паланка - Во Крива Паланка денеска започна голема пролетна еколошка акција за собирање неупотреблив електронски отпад и отпадна електронска опрема што општината ја организира во соработка со колективниот постапувач „Елколект".

-Акцијата започнува денес и ќе трае три месеци, сѐ до 30 јуни 2025. Определени се пет собирни места за наведениот вид отпад: пред автобуската станица до кејот на Крива Река, кај домот за ученици "Боро Менков", во дворот на зградите во населбата Бавчал'к, пред Спомен костурницата кај ЈП "Македонија пат" и на почеток на регулација на Крива Река. Со цел заштита на животната средина , животот и здравјето на луѓето и зачувување на природата, вакви акции "Елколект" спроведува заедно со десет општини во државата, меѓу кои и Крива Паланка, каде компанијата веќе има поставено неколку контејнери за електронски отпад, а сега поставени се и дополнителни контејнери за оваа намена, информираат од службата за комуникација со јавноста при општината.

Од општината ги повика сите граѓани да го донесат искористениот и нефункционален електричен и електронски отпад и да дадат свој придонес кон почиста животна средина.

-Да ги исчистиме подрумите, гаражите и просториите од непотребен и опасен отпад. Да бидеме опшествено одговорни и да постапуваме со отпадот согласно законите, рече Бранко Велиновски, комунален инспектор од Одделението за инспекциски надзор во општината, кој ја координира акцијата.

Куманово - Тече изработката на Генералниот урбанистички план за општина Куманово, информираа денеска надлежните од ЈП „Куманово план“. Претпријатието ја изработило инвентаризацијата на изградениот градежен фонд, доставена е до општинскиот сектор за урбанизам, по што е доставено до Агенцијата за планирање на просторот.

- Изработката на Генералниот урбанистички план е неопходен за градот. Добро се познати бенефитите кои ќе ги имаат граѓаните, градот, каков ќе биде развојот со изработката на ГУП. Како претпријатие ја изработивме инвентаризацијата на изградениот градежен фонд, вкупната физичка структура на земјиштето и зеленило во рамки на планскиот опфат на ГУП-от за општина Куманово-прва фаза. Согласно трипартитниот договор помеѓу општина Куманово, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за просторно планирање веќе е предадена до секторот за урбанизам и треба да се достави до Агенцијата. Во зависност од тоа за колку време ќе се завршат обврските во Агенцијата, согласно договорот го очекуваме на завршна доработка кај нас, изјави директорката на ЈП „Куманово План“, Анета Шандева Доневска.

Планската програма за новиот ГУП на Куманово претходно беше одобренa со што официјално е отпочната постапката за донесување на нов ГУП. Општината ja доставила планската програма до Агенцијата за планирање на просторот која треба ја подготви документациската основа и нацрт фазата за самиот план. Општината ги обезбедува потребните студии и елаборати, обезбедена е хидролошката, студија за урбано зеленило и во февруари ќе почне тендерска постапка за студија за стабилност на земјиштето за планскиот опфат кој се проширува.

Битола - Општина Битола обезбеди 550.000 денари, финансиски средства кои ќе ги додели на младински организации и организации за млади за спроведување на проекти и активности за младите во градот.

Во денешниот јавен повик на локалната самоуправа се нагласува дека распределбата на средствата се врши од програмата за активности во областа на спортот и младите за 2025 година, преку грантови за проекти за млади.

Општина Битола поддржува младинско учество, младинско информирање и развивање на дигитални алатки за младинско информирање, младинска работа, потоа образование за млади со фокус на стекнување животни вештини на младите над 18 годишна возраст, а грантови се обезбедени и за проекти од областа на културата, спортот и здравствена заштита со фокус на подобрување на менталното здравје кај младите.

Според јавниот повик, кој е отворен до 14 април, младинските организации од Битола може да аплицираат и за секторот претприемништво и поддршка при вработување, како и област безбедност, а со цел подобра информираност кај младите за санкциите од насилничко однесување и намалување на асоцијалното однесување на младите, посочија од Општина Битола.

Остани поврзан