• сабота, 21 февруари 2026
МИА Општински пул

17 февруари 2026 

Виница - Педесетгодишниот В.Н. од селото Виничка Кршла, вчера во 13:45 часот, во ОВР Виница пријавил дека во средно училиште во Виница, неговиот 15-годишен син бил физички нападнат од неколку други ученици во училиштето, во што биле спречени од наставник во тоа училиште.

Според соопштението од СВР Штип, увид е извршен и се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Куманово - Општина Куманово денеска ги информираше граѓаните дека поради настанат дефект при сообраќајна незгода и прекин на инсталација на уред за светлосни сигнали (семафор) на крстосницата булеварот „Трета Македонска ударна Бригада“ со улицата „Народна револуција“ и на крстосницата на булеварот „Трета Македонска ударна бригада“ со „Перо Чичо“, одреден временски период уредите за светлосни сигнали ќе бидат надвор од употреба.

-Надлежните служби преземаат соодветни мерки за побрзо санирање на настанатиот дефект. Се замолуваат граѓаните да се придржуваат до поставената вертикална и хоризонтална сигнализација на споменатите крстосници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, повикаа од општина Куманово.

Делчево - Во Средното општинско училиште „Методи Митевски - Брицо“ во Делчево денеска се одржа прес-конференција по повод реализацијата на проектот „Суперучилишта“. Во рамки на оваа образовна програма годинава ученици и наставници од Средното економско и техничко училиште од Тирана овие денови престојуваат во Делчево реализирајќи заеднички активности со ученици од делчевската гимназија.

-Во посетата учествуваат 15 ученици и двајца наставници од Тирана, додека вкупниот број на вклучени ученици во активностите изнесува околу 30, заедно со четворица наставници од двете училишта. Гостите ќе престојуваат во Делчево до 21 февруари, а во март е предвидена возвратна посета, кога ученици од Делчево ќе заминат во Тирана во периодот од 23 до 28 март, информираше директорката на делчевската гимназија Марина Синадиновски.

Куманово - Стагнира интересот за купување нови парцели во Општина Старо Нагоричане, откако изминатите години, општината бележеше зголемен интерес за купување парцели и изградба на објекти, особено од граѓани од Куманово и други градови. Според градоначалникот Мирослав Славковски, овој тренд беше најизразен во периодот на пандемијата, кога вредноста на недвижностите достигнала и до четирикратно повисоки цени во однос на претходно.

- Факт е дека во периодот на короната се изградија многу објекти, се купија многу парцели и вредноста на имотот порасна значително. Но, во последните две до три години има реална стагнација во побарувањата и цените, изјави градоначалникот.

Кочани - На магистралниот пат Делчево - Кочани, кај Виничка крстосница, синоќа во 19:50 часот, полициски службеници од ОВР Виница го лишиле од слобода И.В.(25) од Виница.

Како што информира СВР Штип, при контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген голф“ со регистарски ознаки од Македонска Каменица, кое го управувал пријавениот.

По преземени мерки е констатирано дека тој возел и покрај тоа што имал активна забрана за управување со моторно возило од „Б“ категогија и дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,14 промили во крвта. Возилото е одземено, а по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информира СВР Штип.

Скопје - Без вода за пиење во моментов се дел од улиците Васил Ѓоргов и Народен фронт, соопштија попладнево од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.

Како што информираа од претпријатието, причината е уличен дефект на водоводна цевка. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на работните активности.

Дебар - Во општините Дебар и Центар Жупа, по речиси две децении нагорна линија, бројот на разводите за првпат минатата година бележи намалување, регистрирани се 33 разводи, што е помалку во споредба со претходните години.

Претседателот на Основниот суд во Дебар, Мерсим Марку, вели дека иако има намалување на бројот на разводи, овој општествен феномен останува загрижувачки доколку се има предвид бројот на  жители. 

- Во последните години, просечниот број на разводи во двете општини е од 45 до 50 разводи. Лани регистрирани се само 33 разводи, што значи дека има намалување на разводите. Поголемиот број од разводите се во Дебар, додека помал во руралните населени места. Миграциските процеси и социјалните проблеми се главните причини поврзани со разводите, нагласува Марку.

Тирана - Во Македонскиот културен центар во Тирана, свечено беше отворена тактилната изложба „Допирот на уметноста од Битола“, во организација на НУ Завод и Музеј – Битола.

„Оваа изложба има особено значење бидејќи промовира инклузивност, еднаквост и достапност на уметноста за сите. На мултисензорната изложба се претставени 12 тактилни предмети од богатото македонско културно наследство од Музејот во Битола“, објави македонската амбасада во Тирана. 

Кратово - Општина Кратово се подготвува за прославата на патронот на градот, Свети Ѓорѓи Кратовски, што годинава ќе се одржи во недела, 22 февруари 2026 година.

Поради тоа што празникот на Свети Ѓорѓи Кратовски, кој традиционално се одбележува на 24 февруари, паѓа во периодот на Великиот пост, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, согласно црковниот календар и типикот, со одлука донесена на седница, го премести неговото празнување на 22 февруари 2026 година.

-Причината за ова поместување е тоа што празникот се паѓа во првата седмица од Великиот пост, кога не се дозволени свечености и народни прослави. Одбележувањето на празникот ќе се изврши на наведениот датум со соодветен богослужбен поредок. Верниците се повикуваат да го почитуваат овој распоред и да учествуваат во празнувањето согласно црковната традиција.Програмата започнува во недела , 8 часот, со Света Архијерејска Литургија во црквата „Свети Ѓорѓи Кратовски”, по што ќе следи Литија и Културно-уметничка програма на плоштад Павел Шатев, информираат од Општина Кратово.

Битола - Националните установ Народен театар и Центар за култура-Битола и Интимен театар Битола денеска на прес конференција го промовираа заедничкиот проект, претставата „Пламенка“ работена според истоимениот роман на Петре Димовски во режија на Софија Ристевска Петрушева.

Во изјава за медиумите, директорот на битолскиот театар Васко Мавровски истакна дека со овој проект продолжува политиката на менаџментот за давање предност на македонските автори.

-Акцентот во нашата работа е на македонските автори, на македонската драматургија и на македонските кративци и театарски работници. Минатата сезона почнавме со праизведба на претставата „Жиголо“, а оваа година ја почнуваме со праизведба на романот на Петре Димовски „Пламенка“. Тоа зборува дека сме доследни на тоа што го ветивме, посочи Мавровски.

Струга -  Струшката полиција привела 28-годишно лице од селото Подгорци, при претрес во неговиот дом пронајдени биле дрога и куршуми, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Според информацијата, вчера, во 10.30 часот, во струшкото село Подгорци, полициски службеници од криминалистичката полиција при ОВР Струга го лишиле од слобода Д. Р. (28) од истото село. 

- При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и куршуми во различен калибар - стои во соопштението.

Богданци - Под мотото „Ајде да читаме”, во општина Богданци вечер се отвора прв книжевен клуб, на иницијатива на богданските читатели, членови на градската библиотека.

Првата средба е закажана во 19 часот во просториите на Домот на културата „Бранд Петрушев”, а услов за да се биде дел од клубот е членство во библиотеката, како и желба за читање книги.

- Идејата ја имаме одамна, затоа по иницијатива на читателите од нашата општина и со намера да се разработи и промовира библиотеката, која функционира во рамки на Домот на културата, одлучивме да ја реализираме. Книжевноста беше една дејност која ни фалеше, покрај досегашните секции со кои сме активни, а тоа се ликовната, драмската и музичката. На средбите во книжевниот клуб, кои за почеток ќе се одржуваат еднаш месечно, ќе учествуваат наставници и професори по јазици од основното и средното образование, ученици и останати читатели кои се редовни корисници на библиотеката, а повикот е упатен и до сите богданчани од сите возрасти. Овде може да се сретнат сите љубители на пишаниот збор и да поразговараат на тема „книги”, тема која за жал сѐ помалку е актуелна во денешно време, вели Бранко Сапламаев, директор на ЈОУДК “Бранд Петрушев”.

Остани поврзан