• среда, 11 март 2026
МИА Општински пул

10 март 2026 

Кочани - Општина Кочани ја објави програмата за одбележување на првата годишнина од трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“. Планираните содржини имаат духовен и комеморативен карактер. Ќе бидат застапени и настани од културата. Програмата започнува на 14 - ти и ќе се одвива до 16 март на различни локации.

На 14 март ќе се одржи  богослужба во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Кочани. Во 8 часот ќе има литургија за упокоените, а во 9,30 часот следува општ парастос. Во 10, 45 часот на Градските гробишта ќе биде одржан трикратен опело за жртвите од трагичниот пожар во „Пулс“.

На 15 март се предвидени повеќе спортски и културни активности. Во 9 часот е предвидена рекреативна трка и велосипедска тура на релација Штип – Кочани во чест на загинатите 63 млади лица. Во исто време ќе започне и првиот меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“, на релација на Пониква.

Охрид – Од 12 до 15 март во новоотворениот „Охрид мол“ ќе се одржува Саем на книгата, со понуда на изданија на неколку издавачки куќи како и на Националната установа библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.

За времетраењето на саемското преотставување посетителите ќе имаат можност да најдат голем избор на книги, по саемски намалени цени, но и да присуствуваат на средби и промоции со локални автори како дел од културната програма.

Како што беше истакнато на одржаната прес-конференција по повод настанот, саемот е резултат на воспоставената соработка на „Охрид мол“ со охридската Библиотека. Притоа беше посочено дека веќе е договорен уште еден заеднички настан во една од кафетериите на „Охрид мол“, предвиден за 19 март кога по повод 21 Март - Светскиот ден на поезијата. Во периодот од 10 до 13 часот ќе се одржи традиционалната манифестација „Напиши стих – купи кафе“. Библиотеката авторите трите најдобри стихови ќе ги награди со книги.

Куманово - Локалитетот „Табакана“ во Куманово ќе се расчистува и уредува, но на него нема да се градат нови станбено-деловни објекти, најави градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

На прес-конференција Димитриевски ги отфрли шпекулациите дека на оваа локација се планира изградба на нов станбено-деловен комплекс. Тој појасни дека деталниот урбанистички план кој предвидувал таква можност бил донесен во период пред тој да ја преземе функцијата градоначалник, но актуелната локална власт нема намера да реализира нови градби на оваа локација.

-Првин сакам да ги отфрлам сите шпекулации што се однесуваат на локалитетот „Табакана“. Донесен е ДУП во минатото, пред да бидам градоначалник, со кој на таа локација имало можност за изградба на станбено-деловен комплекс. Додека јас сум градоначалник, такво нешто нема да се случи-  изјави Димитриевски.

Куманово - Општина Куманово постави нови средства за забавување на сообраќајот „лежечки полицајци“ на 24 локации низ градот, информираше денеска градоначалникот Максим Димитриевски.

Мерката, како што посочи, е дел од пошироките активности на локалната самоуправа за зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено на улиците каде што граѓаните често реагираат на брзото и несовесно возење. Поставени се средства за забавување на сообраќајот, „лежечки полицајци“, на улиците „Народна револуција“, „Јоско Илиевски“, „Поток Серава“, „Веселин Маслеша“, „110“, „Тоде Мендол“, „Студена Вода„,  „Васко Карангелески“, „11 Ноември“ и во селото Горно Којнаре.

Поставувањето на вакви средства за смирување на сообраќајот во изминатиот период често е барано од жителите на повеќе населби во Куманово. Граѓаните посочуваат дека на одредени улици возилата се движат со несоодветна брзина, што создава ризик за пешаците, особено во близина на училишта, градинки и јавни институции.

Струга - Со 1,77 промили алкохол во крвта и без положен возачки испит 28-годишен жител на селото Враништа управувал автомобил, полицијата го одзела возилото, соопшти денеска СВР Охрид.

Според информацијата, вчера во 19 часот и 50 минути во струшкото село Враништа, полициски службеници од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Струга го лишиле од слобода Н.Д.(28) од истото село.

- При контрола на регионалниот пат Враништа-Струга, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со струшки регистарски ознаки, кое го управувал и притоа, констатирале дека немал положен возачки испит за Б категорија и дека го управувал возилото и со 1,77 промили алкохол во крвта, стои во информацијата. 

Делчево – Во Делчево започна акција за расчистување на дивите депонии, во која се вклучени екипи на Јавното комунално „Брегалница“, лица ангажирани преку Програмата за јавни работи, како и граѓани волонтери.

Првата акција се реализираше на просторот околу тениското игралиште и на влезот на градскиот стадион, каде со механизација и рачно беа расчистени поголеми количини отпад. Акцијата се спроведува со поддршка на општествено одговорни компании и граѓани.

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека е време за заедничка акција за чистење на околината и создавање почиста животна средина.

Скопје – Општина Ѓорче Петров започна со реализација на дводневна обука за претприемништво, наменета за наставници од сите основни училишта на територијата на општината, со што, како што информираат, се прави значаен чекор кон унапредување на образовниот процес и развој на современи вештини кај учениците.

Наставниците, преку обуката, се стекнуваат со знаења и практични алатки од областа на претприемништвото, финансиската писменост, циркуларната економија, дигитализацијата, користењето компјутери, екологијата и други современи теми кои се важни за развојот на младите генерации.

Скопје – Општина Центар започна редовна пролетна дератизација на целата територија. Стручни екипи ќе третираат околу 2.000 шахти, каде што се поставуваат специјални мамци за контрола и уништување на глодари.

Општинската прес-службата денеска соопшти дека препаратот што се користи е селективен и сертифициран од овластен производител, специјално наменет за контрола на популацијата на глодари. 

- Со превентивна и систематска дератизација придонесуваме кон сузбивање на штетните глодари кои можат да претставуваат здравствен и хигиенски ризик. Целта ни е зачувување на здрава и чиста животна средина, истакна во пишана изјава градоначалникот  на Општина Центар Горан Герасимовски.

Скопје - Започнаа градежните активности за изградба на нова водоводна мрежа и реконструкција на улицата „Лисец“ во населбата Горно Лисиче во општина Аеродром. 

Со овој проект, како што се анведува во соопштението од Град Скопје, ќе се изгради целосно нова водоводна инфраструктура, ќе се постави тампонски слој и нов асфалт, со што трајно ќе се подобри водоснабдувањето и сообраќајната инфраструктура за жителите од овој дел на градот.

Проектот е реализиран во соработка со општина Аеродром и ЈП „Водовод и канализација“, а неговата цел е решавање на долгогодишните инфраструктурни проблеми со кои се соочуваа жителите на улицата.

Остани поврзан