• петок, 20 февруари 2026
МИА Општински пул

20 февруари 2026

Струмица - Библиотеката „Благој Јанков Мучето“ ги додели наградите на авторите на најдобрите литературни творби  на традиционалниот награден конкурс на тема „Карневалската маска во мене“. 

На конкурсот вкупно пристигнале 113 творби од кои 27 во категоријата ученици од основните училишта од прво до петто одделение, 40 творби ученици од шесто до деветто одделение, 21 творба во категоријата средношколци и 25 творби во категоријата возрасни автори. 

Во првата категорија, првата награда ја доби Тамара Караманова од ООУ „Кирил и Методиј“ од село Дабиле, втората Јаков Тушев од ООУ „Сандо Масев“ и две трети награди добија Виолета Лазарова од ООУ „Видое Подгорец“ и Верица Трајанова од ООУ „Никола Вапцаров“.

Гевгелија - Во тек е поставување нова фасада на дотраените дуќани во Старата чаршија во Гевгелија, во рамки на проектот за конзервација, реставрација и реконструкција што го спроведува Министерство за култура и туризам. Паралелно со фасадирањето, се обновува и пешачката зона со поставување гранитни плочи, информираат од Општина Гевгелија.

- Изведбените работи се одвиваат интензивно. На двете страни од чаршијата, на улиците Бранд Петрушев и 7 Ноември поставена е целосно нова подземна инфраструктура, што беше доста тежок и долг процес од техничка природа. Во тек се изведбените работи за партерно уредување и фасадирање на дуќаните во Старата чаршија, по што ќе следи хортикултурно уредување и поставување на ново осветлување. Наскоро овој споменик на културата, целосно обновен и реставриран, ќе биде достапен за граѓаните, како и за бројните туристи кои престојуваат во нашиот град, велат од кабинетот на градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов.

Кочани - ЈОУ Библиотека ,,Искра" од Кочани во соработка со ОО Црвен Крст од Виница ја промовираше детската двојазична книга на македонски и турски јазик ,,Басни за деца". Збирката басни е дел од интеркултурниот проект ,,Светулка" од интеркултурната група ЦКА-ПХВ при Црвен крст од Виница. Промоцијата се организираше во пресрет на 21 февруари - Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Во текот на промоцијата, волонтерите од Црвениот крст на интересен и интерактивен начин ги презентираа содржините на македонски и турски јазик пред учениците и нивните ментори од ООУ ,,Раде Кратовче“ од Кочани, при што учениците покажаа интерес активно да учествуваат во презентацијата, читањето и преведувањето на басните.

-Нашата цел е преку литературните дела, читањето и развивањето на љубовта кон пишаниот збор да се негува, пред се, сопствениот мајчин јазик, но и промоција, афирмација и негувањето на сите јазици, порача организаторот на овој настан од културата, кочанската Библиотека „Искра“.

Кочани - Под покровителство на Општина Кочани, во организација на Општинскиот фудбалски сојуз, синоќа во Мултикултурниот центар, свечено беа доделени признанијата за најуспешните спортисти, екипи и спортски работници за 2025 година.

За најуспешен  спортист на Кочани е прогласен борачот Даријан Павлев, репрезентативец од редовите на  БК „Спартак“, кому градоначалникот Владко Грозданов му врачи статуетка и ваучер во износ од 10.000 денари. Меѓу најдобрите тројца се најдоа и каратистите Филип Стојанов од КК „Партизан“ и Наталија Карова од КК „Кочани“.

За најуспешна екипа за 2025 година е избран ЖФК „Кочани“. Признанието го примија фудбалерките заедно со тренерот Оливер Јовановски, кој пак ја доби и наградата за спортски работник на годината, за неговиот придонес во раководењето со Сојузот на училишни спортови и за афирмација на спортот на локално и државно ниво.

Остани поврзан