МИА Општински пул
- 20 февруари 2026
20 февруари 2026
Тетово - Книгата „Писма на Љубомир Милетич до Афанасиј М. Селишчев (историја на една мистификација)“ беше промовирана денеска во Тетово. Станува збор за публикација на авторите Бранислав Светозаревиќ и Драган Јаќоски, а се однесува на откривањето на преписка помеѓу претседателот на Бугарската академија за наука Љубомир Милетич со рускиот славист Афанасиј Метвеевич Селишчев околу македонскиот идентитет.
Авторите со оваа публикација откриваат дека Милетич го убедува русинот Селишчев своето дело „Есеи за македонската дијалектологија“, да го преименува во „Полог и неговото бугарско население“. Авторите ги пренесуваат писмата со кои комуницирале Селишчев и Милетич, кои ги добиле од Архив во Русија.
-Заедно со колегата Драган Јаќоски, повеќе години истражувавме на темата која не засегаше многу, а тоа е книгата „Полог и бугарското население“ за која ние сметавме дека има многу научни недоследности, а веќе 97 години како поминаа од издавање на таа книга. Предизвик беше да се пронајдат непосредни докази за таа мистификација, односно фалсификат. И така дојдовме до непосредни сознанија, односно ги откривме писмата кои се упатени од страна на претседателот на бугарската академија Љубомир Милетич и воедно директор на Универзитетот во Софија до Селишчев кој како автор докторирал на македонските дијалекти во 1918, истакна Бранислав Светозаревиќ.
Струга - Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура денеска имаше средба со заменик народниот правобранител, Илбер Руфати и неговиот тим на која го запознал со состојбата со водоснабдувањето во општината.
Општинската прес-служба соопшти дека биле презентирани сите преземени мерки за надминување на проблемот.
- Градоначалникот истакна дека прашањето се третира со целосна институционална одговорност, без лични или партиски интереси, при што се ангажирани релевантните институции и приватен експерт со цел изнаоѓање брзо и одржливо решение, соопшти Општина Струга.
Охрид – Европската асоцијација за перкутани кардиоваскуларни интервенции што функционира во рамки на Европското здружение на кардиолози (ESC) вчера во Минхен и додели стипендија за едукација и професионална надградба на д-р Виолета Мојсовска Наумоска од Центарот за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид.
Наградата за Нојсовска Наумоска доаѓа по нејзините впечатливи предавања за најсовремените пристапи во третман на комплексни васкуларни и периферни артериски лезии. Особено внимание кај експертите привлече нејзиниот иновативен пристап преку тибијалната артерија при третман на долги CTO лезии на површинската феморална артерија — техника со директна практична вредност за пациентите.
Кичево - Положбата на Кичево, како крајна точка на железничката линија во западниот дел на земјата, дава можност да се развие мултимодален транспортен јазол и да служи како транзитен центар за понатамошен, рече претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески на седницата на Регионалната комора со седиште во Кичево, што се одржа денеска кичевското село Добреноец.
Азески нагласи дека сегашната состојба и соработка со Владата е историски најповолна и дека тоа мора да се искористи за развој на бизнисите.
Во обраќањето пред стопанствениците од југозападниот и пелагонискиот регион ја претстави идејата за развивање на мултимодален транспортен јазол кој, како што рече, ќе служи како транзитен центар и на тој начин товарот што доаѓа со железница би можел да се пренесе со камиони за понатамошен транспорт кон албанската страна или пристаништето Драч.
Неготино - Малолетник од Неготино физички ги нападнал мајката и двајцата браќа, вчера во 15:20 часот, полициски службеници од ОВР - Неготино, во присуство на претставник од Центар за социјални работи - Неготино и адвокат, извршиле службен разговор со 14-годишник и неговата 33-годишна мајка. За ова денеска информираа од Секторот за внатрешни работи - Велес.
- Постапувајќи по претходна пријава дека во домот, 14-годишникот физички ги нападнал неговата мајка и двајцата браќа. За настанот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на настанот, појаснија од СВР - Велес.
Тирана - По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 21 февруари, Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, упати честитка до припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија, како и до сите Македонци каде и да се, порачувајќи дека „нема ништо поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик“.
-Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик. Јазикот е непресушен извор кој треба постојано да се негува и пред сè да се зачува чистината на убавиот македонски збор. Македонскиот јазик е наше минато, сегашност и иднина, стои во објавата на друштвото.
Честитајќи ви го утрешнот ден, стои понатаму, сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчин јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ.
Неготино - Лажен лекар измамил неготинка за три илјади евра, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
- Синоќа во 17:15 часот во ОВР Неготино, 81-годишна неготинка пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 3.000 евра. Според пријавеното, лицето ја контактирало телефонски, се претставило како како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка во моментот е во болница со скршеница и треба да се изврши оперативен зафат за што требало да плати. Како што е пријавено, таа ги оставила парите на договореното место, а подоцна сфатила дека е измамена, соопштија од СВР - Велес.
Се преземале мерки за расчистување на настанот.
Скопје - Општина Центар, во рамките на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна вај-фај зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Во согласност со програмата, како што информираат од Општина Центар, набргу се предвидува поставување слободни интернет-зони (вај-фај) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигиталните услуги и до информации на отворено.
Користењето на вај-фај зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
- Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето слободни интернет-зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани - порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Неготино - Неготинец бил измамен за четири илјади евра, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
- Вчера во 12:30 часот во ОВР - Неготино, 76-годишен неготинец пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 4000 евра. Според пријавеното, лицето побарало од оштетениот да му даде 4.000 евра за да му ги покаже на друго лице, кое го претставил како странски државјанин, а за да му докаже дека еврото е валидна валута во земјава. Како што е пријавено, тој му ги дал парите, а лицето му дало чанта со катaнец да ја чува како доказ дека ќе се врати. Откако, оштетениот ја отворил чантата сфатил дека е измамен, појаснија од СВР - Велес.
Оттаму додадоа дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Штип - Три екипи на ЈП „Македонија пат“ работат на расчистување на одроните на магистралните и регионални патни правци во источниот и југоисточниот дел на земјата. Директорот на регионалната подружница на ЈП „Македонија пат“, Влатко Цоневски вели дека поради врнежите од дожд се јавуваат одрони на неколку патни правци, а се чистат камењата на коловозите на патот Штип-Неготино, чија траса поминува низ планината „Серта“, потоа на делниците Истибања-Македонска Каменица и Македонска Каменица-Делчево, потоа на регионалните патни правци Виница-Берово и Берово-Струмица.
- Има врнежи од дожд на целата територија на подружница Штип. Одрони имаме ситни на познатите патни правци, што ќе се каже од Истибања па се до граница со Р. Бугарија, Делчево-Берово-Струмица, Виница-Берово и Штип преку село Лакавица за Неготино. Тие се патни правци на кои што ги имаме одроните, поголеми одрони нема, нема забрани, сообраќајот се одвива тековно на сите патни правци - вели Цоневски
Тој апелира возачите внимателно да возат, бидејќи поради врнежите од дожд на патиштата кои поминуваат низ клисури и планини има одрони.
Охрид - Подобрување на пристапот до правдата за лицата со и без попреченост во земјата, како дел од процесите на интеграција во ЕУ и подобрување на системот за бесплатна правна помош, се целите на проектот чиј почеток денеска беше одбележан со собир одржан во Охрид.
Станува збор за иницијатива што ќе се реализира во наредните три години преку регионалниот проект „Икуалс“, во организација на Министерството за правда во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП и со поддршка од Австриска агенција за развој (АДА).
Како што беше истакнато на средбата во Охрид, предвидено е во рамките на проектот да се озбезбеди еднаков пристап до правдата и правните механизми за сите граѓани, пред сè, како во делот на судската постапка така и во управните постапки.
Како што посочи заменик-министерот за правда, Ален Деребан, најчесто досега во земјата лицата поднесувале барања или користеле бесплатна правна помош за примарната правна помош, што ја обезбедуваат подрачните одделенија на Министерството за правда, правните клиники или здруженија на граѓани.
Ресен - На иницијатива на градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски, локалната самоуправа во соработка со Министерството за животна средина, ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид, Фармахем, Македонско еколошко друштво и експерти ќе се изработи нов план за управување со Паркот на природата „Езерани“.
Паркот на природата „Езерани“ од 1996 година со одлука на Собранието на Република Македонија е прогласен за Строг природен резерват, а целата административна територија припаѓа на Општина Ресен.
-Одржавме прв состанок и истиот помина во конститутивна атмосфера, со плодна размена на идеи и предлози за идни активности и мерки кои ќе придонесат за поефикасна заштита и одржливо управување со овој уникатен Парк на природа. Нашата намера е преку соработка, заеднички податоци, адаптивни практики за управување и ангажирање на заедницата да дадеме личен и институционален придонес во подготовката на план за управување со Паркот на природата „Езерани“, информираа од Општина Ресен.
Штип – Полициски службеници на автопатот „Гоце Делчев“ кај наплатаната станица Преод го лишиле од слобода И.С., 38 годишен жител на Скопје, кој управувал возило без возачка дозвола. Во пишаното соопштение на Секторот за внатрешни работи (СВР)-Штип се вели дека вчера во 18:50 часот на автопатот Скопје – Штип, кај наплатна станица Преод, полициски службеници од ОВР Свети Николе го лишија од слобода И.С.(38) од Скопје.
-При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал И.С. и по преземени мерки било констатирано дека го управувал возилото без возачка дозвола. Возилото е одземено и по целосно документирање наслучајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од СВР-Штип.