МИА Општински пул
- 17 февруари 2026
17 февруари 2026
Струга - Стручен тим од Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје ќе ги утврдува причините што довеле до заматување на водата на изворот Шум, од каде што Струга и околните села се снабдуваат со вода за пиење.
Општинската прес-служба денеска соопшти дека Факултетот го прифатил барањето поднесено од Општина Струга и оти ќе испрати тим на терен за увид на водоснабдителниот систем.
- Во согласност со доставениот одговор деканот формира стручен тим составен од тројца професори, кои ќе извршат детаљна проверка на клучните елементи на системот, меѓу кои: изворот Шум, изворите во Горна Белица, влезните комори, резервоарите за водоснабдување, МХЕ-локациите и хлорната станица - стои во информацијата.
По извршениот увид, треба да биде изготвен извештај со стручно мислење и конкретни препораки за надминување на состојбата.
- Општина Струга пристапува системски и транспарентно кон решавање на проблемот, со вклучување на највисоката академска и стручна институција од областа на водоснабдувањето - посочува општинската-прес-служба.
Неготино - Патничко возило било привремено одземено, а жител на неготинското село Тимјаник бил приведен, откако се констатирало дека тој возел без положен возачки испит, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
- Вчера во 16:30 часот, полициски службеници од ОВР - Неготино лишиле од слобода лице од село Тимјаник. При сообраќајна контрола на крстосница од улиците Фемо Кулаков и Марксова во Неготино, сопрено било патничко возило „цитроен“ со неготински регистарски ознаки, управувано од лицето, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит. По насоки на јавен обвинител, тој бил приведен во полициска станица, а возилото било привремено одземено, соопштија од СВР - Велес.
По целосно документирање на случајот, како што додадоа од СВР - Велес, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
Скопје - Сојузот на синдикатите на Македонија, денеска, со почеток од 11 часот, ќе одржи протест пред Владата, на булеварите Илинден и Свети Климент Охридски. Поради одржувањето на протестот, доколку се појави потреба, сообраќајот ќе биде пренасочуван по околните сообраќајници, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
- Единицата за безбедност на патниот сообраќај од тие причини ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје - информираа од МВР.
Од МВР апелираа сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.
Скопје - Општина Центар ги повикува сите заинтересирани граѓани да аплицираат за услугата „Итно копче“, наменета за лица над 65 години, со приоритет за оние што живеат сами или со брачен другар со нарушена здравствена состојба. Услугата е наменета за лица со пензија до 35.000 денари и без дијагноза на деменција или Алцхајмерова болест, а може да ја користи само еден член на семејството - соопштија денеска од локалната самоуправа.
Според градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, со примена на оваа иновативна услуга се обезбедува брза реакција за повозрасните или изнемоштените лица преку едноставно притискање копче, што се наоѓа на уред во форма на алка.
Скопје - Со нова градинка во општина Ѓорче Петров до помали листи на чекање за прием на деца. Премиерот Христијан Мицкоски на својата фејсбук-страница утрово информира за изградбата на градинката во населеното место Дексион во општина Ѓорче Петров.
- Објектот е со површина од 900 квадратни метри и капацитет за 120 деца, проектиран според највисоки европски стандарди за безбедност, пристапност и енергетска ефикасност. Градинката ќе располага со современи занимални, голем централен хол и модерна централна кујна, целосна пристапност за лица со попреченост, како и уредени детски игралишта, зеленило и урбана опрема - пишува во објавата.
Се додава дека со реализацијата и пуштањето во употреба на објектот ќе се обезбедат нови места за прием на деца, ќе се намалат листите на чекање, ќе се отворат нови работни позиции и ќе се растоварат постојните капацитети во општината.
- Инвестицијата изнесува 85.000.000 денари и е обезбедена од буџетот на Владата преку Министерството за социјала, демографија и млади - соопшти премиерот.