• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

4 ноември 2025 

Битола - СВР Битола со јавно соопштение апелира до граѓаните да не наседнуваат на телефонски измами за лажни сообраќајни несреќи.

Од секторот за односи со јавност на СВР Битола посочуваат дека кај нив од страна на граѓани, пријавени се кривични дела „измама“, извршени врз повозрасни лица.

-Сторителите ги доведуваат во заблуда лицата на тој начин што им се јавуваат телефонски и им се претставуваат како службени лица, најчесто полициски службеници и од нив бараат финансиски средства за ослободување од кривичен прогон на нивни деца или внуци кои, наводно, непосредно пред јавувањето направиле сообраќајна несреќа со смртни последици или во која истите биле тешко повредени па треба да се даде одредена сума на пари за да се изврши операција. СВР Битола ги известува граѓаните дека се преземаат мерки и активности за расчистување на досега пријавените кривични дела и воедно, апелираат до граѓаните да не наседнуваат на ваквиот вид на измами, а доколку бидат контактирани, веднаш да пријават во полиција. 

Битола - Македонското научно друштво (МНД) - Битола во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола отвори изложба на фотографии, архитектонски приказни и книги во чест на Денот на ослободувањето на Битола со наслов „Битолска меморија“.

Изложбата ќе биде отворена до крајот на седмицата, а може да се посети и виртуелно на следниов линк http://bitolskamemorija.mk/, истакна професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска, претседателка на МНД-Битола.

Куманово - Продолжува партерното уредување со бекатон плочки во кумановската населба „Карпош“, информираше денеска кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Во оваа приградска населба ќе продолжи со реализација на партерно уредување на улици.

- Денеска сме овде во населба Карпош, на улица 46. Во моментов правиме партерно уредување со бекатон плочки на одредени улици. Одиме по ред и оваа акција на Општина Куманово ќе продолжи и во иднина. Куманово заслужува континуитет и континуиран раст и развој. Наша обврска е да ги решаваме проблемите на граѓаните, коишто ги има многу, ги имало и ќе ги има. Моја обврска е да ги има што помалку, информираше Димитриевски.

Скопје - Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски денеска го пуштија во употреба комплетно реконструираниот повеќенаменски спортски центар во рамки на ООУ „Тихомир Милошевски“.

Овој проект, како што информира ресорното Mинистерство, претставува уште еден значаен чекор во рамки на програмата на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортска инфраструктура низ целата држава со цел спортот да биде достапен секаде и за сите.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска изврши увид во целосно обновените простории во ООУ „Димитар Миладинов“, свечената и фискултурната сала.

Како што соопшти Општина Центар, реконструиран е подот на фискултурната сала, поставен е нов паркет, обновени се ѕидовите и покривната внатрешна површина, поставени се нови прозорци, обележан е спортскиот терен, а ставено е и ново енергетски ефикасно осветлување.

Штип - Се зголемува интересот за вакцинација против сезонски грип во Штип. Првичните две илјади дози бесплатни вакцини се потрошени, а пристигнаа уште нови 1000 дози, информираше денеска епидемиологот во Центар за јавно здравје-Штип, Светлана Живкова.

Таа истакна дека во тек се уште е и пријавувањето на вакцинација.мк со цел ризичните категории граѓани навремено да се заштитат.

-Од 3.000 дози на вакцини кои пристигнаа во Центарот за јавно здравје потрошени се околу 2 400 дози, изјави Живкова.

Битола - Општина Битола денот на ослободувањето на градот го слави заедно со делегации на збратимените градови Кременчук од Украина, Стари Град, Белград од Србија, Пожаревац од Србија, Плевен од Бугарија и Бурса од Турција.

За гостите од странство, градоначалникот Тони Коњановски приреди прием во неговиот кабинет каде разменија информации поврзани со локалната соработка, а потоа сите заедно положија цвеќе пред споменикот на паднатите борци за слободата на Битола.

-Денешниот датум претставува потсетник на хероизмот и жртвата на нашите предци кои ја изборија слободата на градот. Наша должност и обврска е нивниот спомен да го чуваме и пренесуваме на идните генерации, како залог за трајна слобода и достоинствен развој на нашиот град, истакна градоначалникот Коњановски.

Скопје - Вработените од „Паркови и зеленило“ очекуваат во текот на денот да ја добијат септемвриската плата и здравствено осигурување. Вакво уверување добиле од директорот на претпријатието.

Претседателот на Гранковниот синдикат на државна администрација Горан Ристески во изјава за МИА вели дека оствариле средба со директорот на која им било кажано дека се очекува да бидат префрлени пари од Град Скопје и „Водовод и канализација“ кои ќе бидат наменети за исплата на плати за вработените. 

Од страна на синдикатот било укажано дека додека не биде исплатената платата, ќе продолжат да протестираат секој ден во исто време и на исто место. 

Скопје - Поради уличен дефект на улицата „Пат за Китка“, прекинато водоснабдување во моментов имаат корисниците од Батинци и Љубош, соопштија денеска од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.

Како што се додава во соопштението, водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со санација на дефектот. 

Делчево - Во Делчево денеска беше спроведена редовната есенска дератизација на градската канализациска мрежа и градската депонија, со цел спречување на ширење заразни заболувања и намалување на популацијата на глодари.

Активностите ги реализираа стручни екипи од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Кочани, ПЕ Делчево, во соработка со претставници од ЈКП „Брегалница“ и овластени лица од Одделението за инспекциски надзор при Општина Делчево.

Кавадарци - Во населбата Моклиште кавадаречко се гради водоводна и канализациона мрежа, информираа денеска од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев. 

- Се продолжува со реализација на уште една фаза од проектот финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање и Локалната самоуправа, во висина од 1 милион евра. Во населбата Моклиште се гради водоводна и канализациона мрежа со вкупна должина од 6,4 километри, како и резервоар со капацитет од 150 м3, со што ќе се обезбеди постојан и квалитетен водоснабдителен и канализационен систем за локалното население но и за новите 400 викенд куќи кои ќе се изградат во оваа населба, соопштија од кабинетот на Јанчев.

Скопје - Поради дефект на приклучна цевка на улицата „Коста Новаковиќ“ во скопската општина Аеродром, без вода во моментов се објекти на дирекцијата на „Макпетрол“, „Македонски шуми“ и маркет „Зур“, информираат од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.

Од претпријатието додаваат дека водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со санација на дефектот. 

Остани поврзан