• среда, 04 февруари 2026
МИА Општински пул

3 февруари 2026

Охрид -  Ликот и делото на познатиот охридски и македонски поет и преродбеник Григор Прличев и оваа година ќе бидат чествувани со низа културни настани и збиднувања во Охрид, во рамки на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“.

Манифестацијата што се одржува како одбележување на смртта на Прличев почнува задутре со изложба на ликовни дела од колекцијата на Националната установа ЦЕнтар за култура „Григор Прличев“ во изложбениот салон.

Централниот настан во рамки на беседите е врачувањето на наградата „Григор Прличев“ на лауреатот Братислав Ташкоски, кој оваа година победи на конкурсот за најдобра поема со неговиот авторски труд „Темна кутија“. На собирот ќе биде презентирана наградената поема, а ќе има и обраќања на лауреатот како и на претставници на Општина Охрид.

Скопје - Отворен е нов наплатен пункт на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје во општина Ѓорче Петров. Лоциран е во постоечкиот објект на „Водовод и канализација“ - Скопје, на улица „Ѓорче Петров“, до Тинекс маркетот и ќе работи секој работен ден од 7:30 до 15:00 часот.

Како што информира претпријатието, пунктот е отворен за да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници. По тој повод директорот на претпријатието Иван Митровски извршил увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

- Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите, се наведува во соопштението.

Кавадарци - Сто кориснички добија поддршка во 2025 година преку услугите на Регионалниот советувалиштен центар за жртви на родово базирано насилство во Кавадарци. Од нив, 30 се нови барателки кои за првпат се обратија за помош. Осум млади се евидентирани како деца кои доживеале траума како резултат на семејно насилство - директно или индиректно, информираат од Центарот.

- Овие податоци ја потврдуваат реалната потреба од достапни, навремени и доверливи услуги за жртвите на родово базирано и семејно насилство. Зад секоја бројка стои човечка приказна и потреба од сигурност, поддршка и заштита. Регионалниот советувалиштен центар продолжува со посветена работа во насока на психосоцијална поддршка, советување и зајакнување на жртвите, со посебен фокус на заштитата на децата како најранлива категорија, посочуваат од Центарот.

Оттаму нагласуваат дека помошта е достапна, а поддршката е доверлива.

Кочани - Градоначалникот Јорданчо Костадинов оствари посета на секцијата на Фолклорниот анасамбл „Китка“ од Истибања, што во неговата општина, Чешиново-Облешево, работи подолг период.

При посетата, Костадинов упати благодарност до директорот на ФА „Китка“, Стојко Стојков, како и до обучувачите, за нивната посветена и континуирана работа со околу 80 деца од општината Чешиново-Облешево.

Фолклорниот ансамбл „Китка“ има значајна улога во негувањето, зачувувањето и промоцијата на македонската култура и традиција, претставувајќи достоен репрезент на Општина Чешиново-Облешево и на Република Македонија на бројни културни манифестации во земјата и надвор од неа, смета градоначалникот Јорданчо Костадинов.

Скопје - Во месецот посветен на љубовта, ЈП Лајка започнува посебна иницијатива за љубителите на животни - „Биди мојот Валентајн за еден ден". Со оваа акција, јавноста има можност да подари љубов и внимание на бездомни кучиња кои со месеци, а некои и со години, не излегле надвор од ѕидовите на прифатилиштето, се наведува во соопштението од ЈП „Лајка“, што МИА го објавува интегрално.

Иницијативата им овозможува на граѓаните да изберат куче и да поминат еден цел ден со него надвор од прифатилиштето - на прошетка, во парк, на кафе, или дури и во локален пет-шоп. Целта е да им се овозможи на кучињата социјализација, збогатување на денот и да се покаже колку љубов може да направи разлика, дури и за само еден ден.

Со оваа иницијатива сакаме да ја покажеме убавината на социјализацијата и да создадеме емотивни врски помеѓу луѓето и нашите кучиња. Секое куче заслужува своја мала радост и да почувствува љубов.

Скопје - Поради промена на шибер, без вода од 9:30 часот ќе бидат корисниците на дел од улиците „Анкарска“, „Атинска“, „Њуделхиска“, „Бахар Мојс“, „Панче Пешев“, „Римска“ и „Наум Евро“ во Општина Карпош, информира ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Прекинот во водоснабдувањето ќе трае до завршување на работите. 

Битола - Уметници од  Сичуанската и Пекингшката опера вечер во Битола ќе презентираат народна музика, танц, боречки вештини, акробатика, легендарната уметност на менување лица и други уметности.

Пред битолската публика ќе настапат Сичуанскиот оперски ансамбл, Универзитет за уметности од Ченгду и специјални гости од Театар „Џингџу“ – Пекинг.

Уметничката вечер е дел од европската турнеја „Кина низ културата: Прекрасниот Сичуан“ и симбол на културното пријателство меѓу Кина и Македонија. Претставата е визуелна гозба што ги спојува традиционалната и модерната кинеска уметност. Претставата комбинира врвна техника, сценска естетика и современа креативност, создавајќи искуство што ги плени очите, слухот и емоциите, информираа организаторите пред вечерашниот културен настан во Битола.

Скопје - Дел од корисниците на село Горно Соње во општина Сопиште денеска ќе немаат електрична енергија.

По известување добиено од ЕВН Македонија а.д., РЦУК-Скопје соопшти дека струја ќе немаат од 9 до 12 часот.

Остани поврзан