МИА Општински пул
- 28 јануари 2026
28 јануари 2026
Радовиш - Самоволното подотворање на капаците на шахтите за фекална канализација претставува реална опасност и може да предизвика сериозни повреди и материјални штети, особено за пешаци, деца, возрасни и возила, соопштија од радовишкото комунално претпријатие „Плаваја“.
Велат дека особено загрижува фактот што оваа појава најчесто се забележува на повеќе локации низ градот и Општината и тоа секогаш кога врне дожд, кога поради зголеменото количество вода на улиците некои несовесни лица свесно ги подотвораат капаците без да размислат за последиците.
Потенцираат дека ваквото однесување е апсолутно недозволиво и дека капаците на шахтите не се решетки за прифаќање на атмосферски води, туку тие служат за заштита на длабок хидротехнички објект и никој не смее самоволно и неовластено да ги поместува, отвора или остава подотворени.
-Апелираме до сите доколку се забележи ваква појава, веднаш, без двоумење, да се пријави, имајте во предвид дека една ваква „ситница“ може да заврши со тешка повреда или сообраќајна несреќа, се наведува во соопштението на „Плаваја“.
Додаваат дека јавниот простор е заедничка одговорност, а безбедноста на граѓаните е обврска над се друго
Скопје - Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски, синоќа изврши обиколка на кејот на реката Вардар, каде што официјално почнува реконструкцијата на спортските терени. Скопје, како што објави на социјалните мрежи Ѓорѓиевски, добива уште еден значаен проект за унапредување на јавниот простор и спортската инфраструктура.
Проектот, како што соопшти Град Скопје, опфаќа изградба на нови и целосно реконструирани терени за фудбал, одбојка и баскет, како и современи фитнес-зони на отворено, со цел создавање здрави навики, активен живот и еднакви можности за сите генерации.
Паралелно, ќе бидат унапредени и ставени во функција и спортските терени во Маџир Маало како дел од визијата за рамномерен развој и инвестирање во здравјето на граѓаните и иднината на Скопје.
- Кејот на Вардар од утре почнува да добива нов лик! Вечерва, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски извршив обиколка на кејот на реката Вардар. Од утре и официјално почнуваме со реконструкција на спортските терени, со што овој простор ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар отворен за сите генерации - напиша градоначалникот Ѓорѓиевски.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја додели највисоката општинска награда „Феникс“ за постигнувања во науката, уметноста, културата, спортот, воспитувањето и образованието за 2025 година.
Герасимовски потенцираше дека Општината и Советот ќе продолжат да ги поттикнуваат и вреднуваат трудот и успехот на своите жители.
„Наградата е признание за посветеноста и талентот на нашите сограѓани, кои ја афирмираат Општина Центар на домашната и меѓународната сцена. Особено ме радува фактот што добитниците се млади центарци, кои допрва ќе го градат својот живот и кариера“, нагласи Герасимовски, честитајќи им на наградените.
Тој им посака да продолжат со усовршување во науката, на спортските терени и во уметноста.