• недела, 01 февруари 2026
МИА Општински пул

29 јануари 2026 

Скопје - Платата не е работа на желби, туку на економски критеруми кај кои нема зголемување за износ на кој ќе се темели барањето за минимална плата од 36 илјади денари. Износот од 57 проценти на минималната плата кај нас во однос на просечната е највисока заштита што ја има кој било работник во Европа, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачите на Македонија.  

Димитров потсетува дека кај нас со закон е предвидено дека минималната плата не може да биде под 57 проценти од просечната плата, што, посочува, е повисок износ во однос на Европската унија, каде е околу 50 проценти. 

Гостивар - На 87 годишна возраст, во Гостивар почина Костадинка Ѓорѓиоска Палазова. Жалната вест ја пренесоа од нејзиното семејство и потврдија дека синоќа (28 јануари 2026 година) починала по кратко боледување во Гостивар каде и постојано живееше. Таа на музичката јавност ѝ беше позната како доајен на Македонската народна песна. Костадинка Палазова низ кариерата соработувала со многу значајни композитори и продукциски куќи. Во музичката ризница ќе остави над тристотини снимени народни песни, кои потекнуваат и тематски се врзани за егејскиот крај. Со ова, Палазова се вбројува меѓу македонските автори и пејачи кои оствариле завидна артистичка кариера.

Палазова е родена во кукушкото село Сехово во 1939 година и како жртва на егзодусот на Македонците од Грција се населила во Гостивар. Работниот век го помина како просветен работник. Таа речиси една деценија живеела и работела во Швајцарија. Погребот ќе се изврши на денес, 29 јануари на новите градски гробишта во Гостивар. 

Скопје - Поголема количина тутунски производи без акцизни марки, со вредност од над 1,8 милиони денари, е запленета во акција спроведена од мобилни царински тимови и царински службеници од царинарница Битола, при контрола на малопродажен објект во Струга, соопшти Царинската управа.

При контролата пронајдени се 1 027 кутии цигари, 1 387 електронски цигари (вејпови), 530 парчиња цигарилоси, 503 пакувања тутун за наргиле, 77 пури и 19 пакувања тутун за пушење, без акцизни маркички.

Скопје - Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе обвинителен акт против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела „Проневера во службата“ и „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“.

Како што информира Јавното обвинителство, за дејствија на проневера предвидена во член 354 од Кривичниот законик обвинети се поранешна директорка на ЈЗУ Општа болница Прилеп и уште тројца вработени во болницата, кои во периодот од почетокот на 2022 до јули 2024 година противправно присвоиле пари доверени во службата и прибавиле значителна имотна корист во вкупен износ од 9.605.081 денари.

Тетово - Националниот парк Шар Планина преку соопштение ја информира јавноста дека на територијата на паркот во моментов е присутна висока лавинска опасност, особено во деловите од планината кои се наоѓаат на надморска височина над 1700 метри.

Тие објаснуваат дека зголемената лавинска опасност е резултат на специфична комбинација на временски услови, вклучувајќи ја температурата на воздухот, правецот и јачината на ветерот, како и снежните врнежи во изминатите неколку денови.  Овие фактори, во комбинација со рељефните карактеристики на теренот, создаваат услови за нестабилност на снежната покривка и појава на лавини.

Скопје - Општина Центар започна со подготвителни работи за партерно и хортикултурно уредување на потегот во Градски Ѕид, од Зелено пазарче до ул. „Македонија“. Во рамки на активностите, се отстранува дотраеното детско игралиште во делот зад објектот „Краш“. На истата локација ќе биде поставен нов проширен простор наменет за детска игра, со нови реквизити и подлога. Веднаш до него се планира и поставување модерна фитнес зона, опремена со справи за вежбање и рекреација. 

„Модернизацијата и уредувањето на овој простор беа дел од мојата програма. По барање на жителите, овој потег го уредуваме за да биде достоен за урбаното јадро и за нивните секојдневни потреби“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Скопје - Почитувани граѓани, од првиот ден кога ми ја дадовте довербата да ја водам Општина Гази Баба, јавно се обврзав на транспарентно, отчетно и одговорно работење. Мојот однос кон Вас, кон народот секогаш бил искрен, директен и отворен, без прикривање на проблемите, колку и да се тешки. За жал, по повеќе од шест години, денес се соочуваме со сериозен и тежок предизвик, кој е директна последица на неодговорното и недомаќинско работење на претходното раководство на општината, се вели во соопштението од Општина Гази Баба, што МИА го објавува интегрално.

Имено, повеќе правни лица кои поседувале важечки одобренија за градење на локацијата кај поранешниот Скопски Саем и кои согласно Законот за градење и Законот за градежно земјиште уредно уплатиле надоместок за уредување на градежно земјиште, на 27.10.2020 година поднеле тужба против Општина Гази Баба пред Основниот граѓански суд.

Дебар - На покана од раководството на компанијата „Кнауф“, дебарскиот градоначалник, Фисник Меља, оствари значајна работна средба во седиштето на компанија, која е светски лидер во производството на гипс и гипсени производи.

- Средбата беше во градот Ипхофен, Германија, каде што се наоѓа седиштето на компанијата, која има повеќе од 320 фабрики во светот. Ова е првпат градоначалник на општина Дебар да го посети седиштето на „Кнауф“ во Германија, што е јасен показател за стратешкото значење на соработката меѓу двете страни - информираа од Општината.

На средбата присуствувале Тобијас Стрицкет, директор за стратешки инвестиции на глобално ниво, Томас Крамер, технички менаџер на глобално ниво, и Блендар Сеља, менаџер на фабриката „Кнауф“ во Дебар.

Скопје -  Со пораки за заедничка одговорност, меѓународна соработка и долгорочна визија за зачувување на природата, официјално беше означен почетокот на Програмата за биолошка разновидност и отпорност на екосистемите (БРОЕ). Целта на програмата е насочена кон унапредување на заштитата на природата, зголемување на отпорноста на екосистемите кон климатските промени и поттикнување на одржлив развој на локалните заедници во Брегалничкиот регион.

Настанот го отвори амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во земјава, Кристоф Зомер, кој во своето обраќање ја нагласи важноста од зачувување на интегритетот и функционалноста на екосистемите како клучен предуслов за справување со климатските промени. Тој истакна дека заштитата на биодиверзитетот и обновувањето на екосистемите бара координирани активности на локално, регионално и глобално ниво, нагласувајќи дека Швајцарија останува силен и посветен партнер на Северна Македонија во оваа област.

Скопје - Поради уличен дефект на ул.„Коперникова“ бр. 17, денеска од 9 часот без вода се корисниците од улиците „Коперникова“, „Јанко Мишиќ“, „Жарко Зрењанин“, „Малешевска“ и „Славка Динкова“ во општина Кисела Вода.

- Водоснабдувањето ќе биде прекинато  до завршување со санација на дефектот, најави ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје.

Куманово - Во Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово вчерва со почеток во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Везилка“ на авторката Јана Јакимовска. Изложбата содржи седум слики и дваесетина цртежи од најновата продукција на Јакимовска.

Авторката е родена во Скопје, каде магистрира на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената. Имала 25 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Учествувала на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија. Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди. Работи како редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

Скопје - Без електрична енегија денеска во периодот од 09.00 до 11.00 часот, ќе истанат дел од корисниците од улиците „Кујунџиска“ и „Битпазарска“, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од Старата чаршија во Општина Чаир, информира РЦУК Скопје. 

Струја од 10.00 до 14.00 часот ќе немаат и корисниците од ул. Ј„устинијан Први“, како и дел од корисниците од ул. „Речиште“.

Остани поврзан