МИА Општински пул
- 30 јануари 2026
30 јануари 2026
Скопје - Обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините, изјави денеска денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по објавувањето на програмските приоритети за 2026 од страна на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмус+“ на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
За набавка на автобуси ќе се користи кредит со рок на отплата од вкупно 15 години и каматна стапка од 3,25 проценти преку меѓувладин договор со Унгарија.
Мицкоски посочи дека кредитот ќе биде под исти услови како и претходно, со каматна стапка од 3,25 проценти, три години грејс-период и дополнителни 12 години отплата, што ќе значи вкупно 15 години задолжување на државата во рамките на стратешкото партнерство со унгарската влада.
Куманово - Завршено е тестирањето, калибрацијата и верификацијата на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор во рамки на проектот „Безбеден град“ во Куманово, информираа на денешната прес-конференција од СВР Куманово. Оттаму наведуваат дека во иднина е предвидено надоградување на системот и поставување на нови камери и функционалност на камерите за детектирање на сообраќајни прекршоци.
-Доколку граѓанинот смета дека не го сторил прекршокот има можност да покрене постапка пред судот за прекршоци, при што МВР ќе ги достави сите докази со кои располага и судот е надлежен да се произнесе за исходот од постапката. Инаку, на подрачје на Куманово во текот на 2025 година биле изречени 889 платни налози за управување возило со брзина поголема од дозволената, 1.007 за недозволено паркирање, 29 поминување на црвено светло и 364 нерегистрирани возила, изјави портпаролот на СВР Куманово, Ивана Младеновска.
Тетово - Советот на Општина Тетово на денешната осма седница формираше нова Работна група за преименување на улиците во општина Тетово, кои веќе имаат определено име и именување на улици кои името им е определено со реден број. Ваква група имаше формирано во август 2024 година, но во мај 2025 беше прекината работата поради локалните избори што се одржаа во октомври 2025 година.
На денешната седница за формирање на оваа Работна група гласаа 27 советници. Предлогот беше поддржан од Движење Беса и ВМРО ДПМНЕ кои формираат мнозинство со 16 советници, како и советниците од коалицијата Европски Фронт и граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“. Против гласаа советниците од СДСМ и Левица.
- Како точка на дневен ред имаме преименување улици во моментот кога градот ни тоне во секакви проблеми - финансиски, немање вода за пиење, немаме паркинзи, немаме тротоари, имаме поголеми суштински проблеми од преименување улици...Ние треба сериозно да се фатиме за работа и да ги решаваме реалните потреби на тетовчани, рече советникот Боби Илиевски.
Кавадарци - Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, денеска најави повторно активирање на кавадаречкиот комбинат, поранешно „Фени“.
- Компанијата „Golden Eagle“ - поранешно „Фени“, во првата фаза ќе врати на работа 170 работници, по што следува втора фаза со вклучување на дополнителни 500 лица, напиша Јанчев во објавата на Фејсбук.
Градоначалникот подвлече дека во април бил планиран почетокот на производството на никел, при што производствените печки ќе биле ставени во функција.
- Добрата соработка помеѓу „Golden Eagle“, Општина Кавадарци, како и со Владата и премиерот Христијан Мицкоски, овозможија оваа фабрика повторно да биде активирана и ставена во функција за доброто на граѓаните и локалниот економски развој, сподели Јанчев.
Штип - Секторот за внатрешни работи (СВР)-Штип денеска упати апел до граѓаните кои живеаат на подрачјето кое го покрива. Во соопштението се вели дека во изминатиов период во СВР Штип има зголемен број на пријави за поголем број на кривични дела измама и обид за измама, во случаи кога непознати лица од странски телефонски број се јавуваат на повозрасни лица и вршат измама на начин што на лицата им соопштуваат дека нивни блиски, роднини, внуци и слично имаат повреди и над истите треба да се изврши итна операција за што побаруваат поголеми износи на парични средства со што ги доведуваат оштетените во заблуда, при што лицата даваат пари од своите заштеди и вршат штета на својот имот.
- СВР Штип ги известува граѓаните доколку добијат вакви или слични повици веднаш да пријават на бесплатниот телефонски број 112 за преземање на мерки и откривање на сторителите, се вели во соопштението.
Последмиот случај беше регистриран деновиве кога возрасна жена од Штип беше измамена од лажена лекар за сума од над 2.000 евра.
Охрид - Февруари и оваа година ќе мине во знакот на осмото по ред издание на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“.
Како што беше истакнато на денешата прес-конференција по повод кампањата, во февруари, кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, ќе биде направен обид јавноста поблиску да биде запознаена со нови ретки дијагнози, секоја од нив проследена со соодветен текст, двојазично на македонски и на албански јазик, изработени од експерти, професори, специјализанти во областа.
- Она што пред осум години почна како скромна идеја, се разви во национална кампања со досега обработени 215 дијагнози. Неофицијалниот регистар на здружението ‘Ретко е да си редок’ брои 408 дијагнози на ретки болести. Тоа се 408 семејства во кои има лице со ретка болест - рече Гордана Лолеска од здружението „Ретко е да си редок“, кое е иницијатор на самата кампања.
Таа истакна дека кампањата е збогатена преку договорената соработка со МАНУ, а оваа сезона кампањата ќе понуди нови ретки дијагнози обработени од страна на студентите и професорот по машинска ингелигенција и роботика Енис Сефиданис.
Кочани - Општина Кочани спроведува градежни интервенции на повеќе раскопани и тешко проодни делови од сообраќајници и тротоари во градот, со цел да се подобрат условите за движење и безбедноста и на граѓаните.
Бетонирани се оштетени делови на улиците „Иван Иванов-Балашо“, „Крум Вранински“, „Мородвиска епископија“ и „Вера Которка“, каде што поради претходни интервенции и временски влијанија беше отежнато нормалното одвивање на сообраќајот и пешачкото движење.
Општинските служби најавуваат дека ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период, согласно утврдената динамика и приоритетите на терен. Паралелно со поправките на улиците и тротоарите, ќе се работи и на прочистување на решетките за атмосферска канализација, заради подобро одведување на дождовните води и за превенција од задржување вода на коловозите.
Демир Капија - Општина Демир Капија организира натпревари во закројување винова лоза и најдобри вина и ракии произведени во домашни услови. Како што информираа од локалната самоуправа, овие и многу други настани, се организираат во рамки на традиционалната манифестација „Недела на традицијата - Свети Трифун 2026“ година.
На програмата за одбележување на празникот на лозарите и винарите „Свети Трифун“, се и традиционалната велосипедска винска тура, базар на вино, ракотворби и производи од традиционални занаети.
- Годинава, неделата на традицијата ја започнуваме со одмерување на вештините во закројување винова лоза, помеѓу искусни кројачи, во лозов насад во Демир Капија. На агендата се театарска претстава, читање проза и поезија и доделување признанија на учесници на литературен конкурс, изложба и доделување признанија на учесници на ликовен конкурс, ликовна изложба на тема вино и лозарство, музичка програма. Централниот настан ќе биде на 14 февруари, на денот што се смета за заштитник на лозарите и винарите, ќе имаме свечено закројување на винова лоза, појаснија од Општината.
Кочани - Околината на некогашниот хотел „Турист“, која подолг период беше запуштена, обрасната со вегетација и нечиста, е целосно расчистена. Општина Кочани реализираше акција за уредување и чистење на овој простор со цел подобрување на јавната хигиена.
Во рамки на активностите беше отстранета самоникнатата вегетација, собран и изнесен насобраниот отпад, а просторот е исчистен и приведен во уредна состојба. Со оваа интервенција се спречува појава на дива депонија и на потенцијални здравствени ризици, информираат од Општината.
За жителите од овој дел на градот подобрено е и јавното осветлување.
Општина Кочани апелира до граѓаните за совесно и одговорно однесување, со почитување на правилата за јавна чистота и хигиена. - Секој поединец има улога во зачувувањето на уредна и здрава животна средина, а заедничката грижа е предуслов за чист и достоинствен град, велат од Општината.