• недела, 01 февруари 2026
МИА Општински пул

28 јануари 2026

Струмица - ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава против С.Б.(36) од Струмица, поранешна вработена во еден мобилен оператор, заради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“, соопштија денеска од МВР. 

Како што се наведува во полициското соопштение, пријавената во периодот од март до септември 2024 година во својство на бизнис агент свесно и со умисла присвоила осум мобилни уреди кои што и биле доверени во службата.

- На тој начин на менаџерот од Гевгелија му прикажувала факти дека ќе склучи бизнис договори со пет правни лица од Гевгелија и Дојран и ќе им ги додели мобилните уреди во вид на субвенциона форма за направените активации и обнови, се наведува во соопштението.

Се додава дека на месечните пописи кои биле правени во продажниот салон во Гевгелија свесно било прикриено дека фали трговска стока, со што пријавената причинила имотна штета на оштетеното правно лице во износ од околу 600.000 денари.

Штип - Развоен и амбициозен е финансискиот План за 2026 година на штипското Јавно претпријатие (ЈП) „Стипион“. Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски денеска изјави дека поголем обем на работа се очекува оваа година. Тој посочи дека се планирани дополнителни приходи за уредување и одржување на улици и патишта, јавен превоз и паркирање. 

-Моја заложба и тенденција е секоја година да имаме зголемен обем на работа во поголемиот број на дејности. Сега за сега успешно го реализираме планираното и ги постигнуваме зацртаните цели, па затоа и оваа година се планирани дополнителни приходи во дејноста уредување и одржување на улици и патишта, јавен превоз и во дејноста јавно паркирање-изјави Стефановски.

 Стефановски вели дека потребно е и ново вработување на работно место раководител на Одделение за платени паркинзи, бидејќи со новата одлука за користење на просторот за јавно паркирање потребна е поголема координација и поефикасна контрола на работењето. Тој најави и дека дополнително ќе се работи на набавка на нови возила за паркинзи, јавен превоз како и зимска служба. 

Крива Паланка -  Над осумдесет претставници на превозните компании и возачи на камиони од земјата трет ден мирно протестираат на граничниот премин Деве Баир, како и нивните колеги од Србија, БиХ и Црна Гора, против новиот систем за влез и излез во шенген-зоната на Европската Унија.

Претставниците на македонските транспортни компании велат дека економскиот удар е и врз целокупниот систем во државата, а последиците ги трпат и возачите и превозниците.

- Ние сме трет ден тука, штрајкуваме и нема да отстапиме додека не се најде решение за проблемот, ние само сакаме достоинствено да заработиме, не да бидеме третирани како криминалци. Со тие 90 дена ограничувања се отежнува работата, ќе биде намален и приходот и нашата работа ќе трпи, но и бројот на возачи ќе се намали, така што ќе биде доведена егзистенцијата на семејствата, и наши и нивни. Едноставно, ќе застане економијата и во Македонија и на македонските фирми што се во Европа - рече Александар Цветановски од „Стела интернационал“ - Куманово.

Тетово - СВР Тетово информира дека рано утринава околу 6 часот и 40 минути, пет луѓе од тетовска Брвеница се лишени од слобода, откако по претреси со судска наредба се најдени дрога и оружје.

Според СВР Тетово, извршени се претреси во Брвеница, во куќи, помошни простории и патнички возила, а врз основа на претходно издадена судска наредба.

Велес – Општинската организација на Црвен крст Велес организира успешна крводарителска акција во Чашка во во која 19 дарители  ја покажаа својата хуманост. Еден од нив за прв пат даруваше крв и така стана дел од најхуманото семејство, информира Орце Николов секретар на ООЦК Велес.

Оваа крводарителска акција прва во оваа календарска година Црвениот крст ја реализира  во соработка со медицинска екипа на  Институтот за трансфузиона медицина од Скопје и  Општинското основно училиште  „Тодор Јанев“, а каде се одржа акцијата, како и со поддршка од   Општина Чашка.

Инаку во трите лански крводарителски акции во Чашка беа собрани вкупно 65 крвни единици.

Општинскиот Црвен крст Велес на 1 февруари ја организира и првата годинашна акција во Велес попозната како традиционална Зимска акција за крводарување,  а која ќе се одржи во недела од 9 до 15 часот во просторија на Театарот.Тие ги повикувааат сите граѓани  да дојдат и даруваат од драгоцената течност која живот значи.

Скопје - Џуџести мармозети се новите жители на Зоолошката градина - Скопје. Тоа се најмали мајмуни на светот, кои тежат најмногу до 100 грама. 

- Принова кај најмалите мајмунчиња на светот: еден од нашите парови џуџести мармозети доби близначиња. Џуџестите мармозети се сметаат за најмали мајмуни на светот и тежат најмногу до 100 грама. Токму затоа и двете бебиња сè уште се тешко видливи со голо око. Тие постојано се не на грбот на својата мајка, а за нив се грижи целата група - се наведува во објавата од ЗОО Скопје на „Фејсбук“. 

Остани поврзан