МИА Општински пул
- 15 јули 2025
Струга - Струшката полиција поднесе кривична пријава против доктор во Општата болница, кој со несовесно работење го оштетил буџетот на установата за околу два милиони денари, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, ОВР Струга поднела кривична пријава против К.С.(42) од Струга, вработен доктор во ЈЗУ „Општа болница“, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата.
- Тој, постапил спротивно на член 144-а од Закон за здравствена заштита и од 01.07.2019 година, па се до добивање на отказното решение на 29.11.2024 година и за прекинот на специјалистичкиот стаж, не ги известил надлежните ниту се јавувал на своето работно место. Во периодот од 15.07.2020 година од кога му истекла важноста на лиценцата, па се до добивање на отказното решение не поседувал ниту лиценца за работа како доктор по медицина издадена од Лекарската комора, појасни портпаролот Стефан Димоски.
За целиот период, додаде, пријавениот примал плата и други додатоци со што, го оштетил буџетот на Јавната здравствена установа и се стекнал со противправна имотна корист од 1.956.569,00 денари.
Струга - Пиштол и 16 куршуми одзела полицијата од 69 годишен стружанец, кој нелегално ги поседувал. Од лицето било одземено и оружје за кое имал соодветна дозвола, поради поведување управна постапка, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, вчера во 11 часот, полициски службеници од криминалистичката полиција при ОВР Струга од слобода го лишиле Е.Б.(69) од Струга.
- При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, пронајдени и одземени се пиштол „Browing“ со калибар 7,65 милиметри и 16 куршуми, кои нелегално ги поседувал. Воедно, поради предвидено поведување управна постапка, одземени се и 164 куршуми, две ловечки пушки, еден пиштол и едно пневматско оружје, за кои поседувал соодветна дозвола, информира портпаролот Стефан Димоски.
По целосно документирање на настанот, против лицето ќе биде поднесена пријава по член 396 од кривичниот законик „недозволено изработување, држење и тргување со оружје, муниција или распрскувачки материи“.
Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола објави оглас за запишување студенти во втор циклус студии или магистерски студии, на кои со кофинансирање во студирањето може да се запишат 751 кандидат.
Според конкурсот, за академски студии обезбедени се 646 места, додека за стручни студии обезбедени се 105 слободни места.
Најмногу слободни места огласија Правен факултет, вкупно 100 и Технички и Педагошки факултет по 90 места, каде кофинансирањето по семестар се движи од 500 до 600 евра, и исто толкава цена за студирање е предвидена на Факултутетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) каде може да се запишат 77 магистранти. На Технолошко-техничкиот факултет во Велес студирањето на насоката „Нутриционизам“ чини 700 евра по семестар.
Повисоки цени за студирање на втор цикулс на студии посочени се на насоките каде наставата ќе се изведува на англиски јазик како што е програмата „Финансии“ на Економски факултет во Прилеп каде кофинансирањето изнесува 900 евра, на Факултетот за безбедност во Скопје странските државјани може да студираат за 800 евра по семестар, додека на насоката „Царина и шпедиција“ на англиски јазик во Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, еден семестар чини 600 евра.
Тетово - Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами одржи прес-конференција на која ја претстави програмата на годинешното издание на Тетовско културно лето. Оваа културно-уметничка и спортска манифестација годинава е насловена „Тетово прославува-Тетовско културно лето 2025“, а ќе се одржи од 16 јули до 3 август 2025 година.
Касами најави дека годинава програмата е дизајнирана да понуди квалитетна и функционална содржина во неколку главни сегменти спортски, културни и уметнички.
- Спортската сфера вклучува различни активности: натпревари во пливање и тенис, фудбалски турнири за дијаспората, пријателски меѓуопштински натпревари, кошарка на плоштадот, велосипедски трки, како и изложби на олдтајмери и луксузни автомобили. Целта е да се промовира активен, здрав и достапен начин на живот за сите возрасни групи. Културниот сегмент ќе вклучува литературни часови, промоции на локални и регионални автори, изложби на визуелни уметности, тркалезни маси за културно-историското наследство, како и активности за читање за деца. Целта е да се развијат културни капацитети и да се зајакне колективната меморија, истакна Касами.
Програмата на вечерите на заедницата, кои ќе се одржат на градскиот плоштад, е поделена според застапеноста на заедниците што коегзистираат во Тетово: албанска, македонска, турска и ромска.
Скопје -Градоначалникот Александар Стојкоски и Општина Ѓорче Петров и во 2025 година продолжуваат со традицијата на обезбедување бесплатни училишни ранци и училишен прибор за сите 430 првачиња на територијата на општината. Оваа иницијатива има за цел да им овозможи на децата еднаков почеток и сигурна училишна иднина.
Денеска, во кабинетот на градоначалникот, дечињата кои ја завршија градинката „Росица“ заедно со градоначалникот ги избраа своите нови училишни ранци, кои ќе ги користат од септември.
Покрај тоа, Општината и оваа година ќе обезбеди бесплатна ужинка за секое дете од прво одделение, со цел да се промовираат здрави навики и правилна исхрана.
„Грижата за децата е наша најголема обврска и посветеност. Со овие проекти создаваме услови за еднаков почеток, охрабрување и сигурност во нивниот образовен пат“, истакна градоначалникот Стојкоски.
Општина Ѓорче Петров останува посветена на развојот на локалната заедница, особено преку поддршка на образованието и создавање поволна средина за раст и развој на децата.
Куманово - Единаесет згради од централното градско подрачје од Куманово влегоа во прелиминарните резултати за проектот за реконструкција на станбени згради за подобрување на енергетска ефикасност во колективно домување, информираа денеска надлежните од општината. Избраните згради се лоцирани на улиците „Народна Револуција“, на градскиот плоштад, „Ленинова“, „Моша Пијаде“, „Титова Митровачка“, „Димитрије Туцовиќ“.
Општина Куманово го објави повикот кон крајот на мај, годинава за субвенционирање на поставување на енергетски ефикасни фасади или поставување на енергетски ефикасни фасади и реконструкција на кровови на станбен згради за колективно домување. На повикот требаше да се пријават заедници на сопственици, или сопственици на посебни делови во станбени згради управувани од управител на станбени згради.
-Субвенционирањето ќе биде поддржано со финансиски средства од буџетот на Општина Куманово во висина од 30 проценти, но не повеќе од 500.000,00 денари од вкупниот износ на вредноста на инвестицијата за секоја одобрена апликација. Сопствениците на посебни делови во станбените згради ќе ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 70 проценти од вкупниот износ од вредноста на инвестицијата, информираа тогаш од општината.
Струмица - НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј - Струмица го потпиша договорот за партнерство за реализација на основен конзерваторски проект за покривната конструкција на Термалното римско лекувалиште во Бањата Банско, соопштија од установата.
Проектот се реализира во рамки на Интеррег ИПА-програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција 2021–2027 година и е финансиран од Европската Унија.
-Во партнерство со музејот од град Кукуш, Грција, аплициравме во Интерег-програмата на Европската Унија за 2021-2027 година за изработка на покривна конструкција на античкото термално лекувалиште во село Банско. Проектот е одобрен и за негова реализација се издвоени 25.830.000 денари, информираше директорот Бранко Ѓоргиев.
Според него, овој важен проект има за цел да обезбеди заштита и одржливо управување со вредното археолошко наследство во Бањата Банско со што ќе се придонесе за зачувување на културното богатство, но и за унапредување на туристичката понуда на регионот.
Штип – Градежните машини од денеска почнаа со трасирање на обиколницата, која ќе ги поврзува населбата Плуждино и бањата Кежовица со населбата Пребег и останатите населби во градот, со излезот и влезот на градот кон Радовиш и Струмица. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека овој дел од обиколницата е во должина од 700 метри.
-Ако во изминатиот период се работеше на обиколницата од населбата Железничка до населбата Плуждино, еве од денеска почна со изградба и на делот од обиколницата од населбата Пребег кон населбата Плуждино. Оваа нова обиколница ќе овозможи и урбанизирање на целиот овој потег. Станува збор за инвестиција нешто повеќе од седум милиони денари, средства од буџетот на Општина Штип за зиградба на сообраќајница во должина некаде околу 700 метри, изјави Јорданов.
Тој посочи дека на овој потег се градат и два резевоари за вода, едниот во Пребег, а вториот во населбата Мерите, со што ќе се овозможи оваа зона да се развива. Деталниот убранистички план за овој потег предвидува изградба на илјадници куќи, станбени згради, градинка, како и Дом за стари лица. Јорданов посочи дека во наредните пет до дест години овој дел ќе стане вистинска урбана зона.
Скопје - Во раните утрински часови утре на подрачјето на Скопје ќе се реализира авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Градот Скопје ги известува пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
-Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин, соопшти Град Скопје.
Скопје - Со денешното ставање во функција на фотоволтаичниот систем во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, Кисела Вода стана општина во која сите основни училишта располагаат со сопствени фотоволтаични системи.
Како што соопштија од Општината, проектот „Инвестиција во фотоволтаици, енергетска ефикасност, заштита на човекова околина“ се реализира преку Програмата за развој на планските региони. Инвеститор е Владата преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, а имплементатор е Центарот за развој на Скопскиот плански регион. Кофинансирањето за вкупно осум училишта, од кои седум се од општина Кисела Вода и едно од Општина Зелениково, го обезбедува Општина Кисела Вода.
-Со овој проект постигнуваме значителни заштеди, но покрај финасиската ефикасност, ова е и дополнителна инвестиција во подигнување на еколошка свест. На нашите ученици им овозможуваме да растат со конкретни примери на грижа за животната средина. Наместо само да им зборуваме за екологија, им покажуваме што значи одговорност. Со проектот беше извршено проектирање и инсталација на мрежни он-грид фотоволтаични системи до 20 kW во сите основни училишта. Вкупната инсталирана моќност изнесува 140 kWh, а се очекува годишна заштеда од 160 MWh, што е намалување на потрошувачката за 70% до 80% по училиште и претставува 18% од вкупната потрошувачка на општината, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.