МИА Општински пул
- МИА Општински пул

13 март 2025
Куманово - Земјоделците од Куманово денеска во просториите на Занаетчискиот дом имаа можност да се информираат за можноста за користење на средства од мерката 1 од ИПАРД програмата. Мерката е наменета за примарните земјоделски производи, инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства. Од примарното земјоделство опфатени во повикот се полјоделство, индустриски производи и фуражни култури. Дополнително можат да се јават и баратели кои сакаат да го преработат сопственото примарно производство и да постигнат дополнителна вредност на производството.
- На овој јавен повик исклучени се овоштарството и градинарство. Тоа е заради намалениот буџет на повикот. Порано за оваа мерка имаше 18, 8 милиони евра буџет сега буџетот е 7,4 милиони евра. И сточарите можат да поднесат барања за користење на средства, кај нив нема ограничување и исклучување на сектори, говедарство, свињарство, ситен добиток, живина, рибници. Можат да поднесат барање за користење средства за инвестиции во обновливи извори на енергија, само за сопствено производство, не можат да произведуваат повеќе од она што го трошат. Веруваме дека и во овој сектор ќе побуди интерес кај земјоделците, изјави раководителот на одделение за следење на ИПАРД oд МЗШВ, Виктор Младеновски.
Како што информираше Младеновски, од последниот повик којшто заврши лани искористеноста на средствата од ИПАРД програмата 2 е преку 90 проценти. Тој појаснува дека со ИПАРД 3 почнале лани, веќе се реализирани околу 300 договори, десетина апликации веќе се исплатени.
- Самиот факт што на овој јавен повик има толку пари, зборува за степенот на искористеност на програмата. Многу сме задоволни од искористеноста на средствата, рече Младеновски.
Надлежните ги слушнале земјоделците во однос на комплицираноста при апликациите.
- Наидуваме на терен на такви гласини дека тешко се аплицира, бара исполнување на многу критериуми, услови, ама сепак, искористеноста на средствата од ИПАРД 2 програмата, зголемување на средствата 60 проценти повеќе пари, имаме во ИПАРД 3, значи дека сме задоволни. Заедно во соработка МЗШВ, платежната агенција, советодавната служба на терен се појаснуваат, тешкотиите се надминати. Земјоделците ја прифаќаат програмата, критериумите, резултатот е видлив, имаме упатства објавени се на веб-страницата, изјави Младеновски.
Скопје - Општина Центар денеска спроведе вонреден инспекциски надзор на угостителските објекти на Кеј „13 Ноември“, при што беа изречени казни за сите правни субјекти кои ги узурпираа јавните површини со поставување урбана опрема без соодветно одобрение.
Како што информираат од Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски најавил дека ваквите инспекциски надзори ќе се интензивираат во наредниот период и дека нема да се толерира незаконско и бесправно поставување урбана опрема.
На денешната средба со угостителите од општината се дискутирало токму за овој проблем, но и за хигиената и гласната музика.
-Проблемите со одлагањето на сметот, гласната музика во доцните часови и непочитувањето на правилата за урбаната опрема беа главните теми на средбата. Со доаѓањето на потоплите денови, се зголемува движењето на граѓаните и посетителите во угостителските објекти, па затоа е важно навремено да укажеме дека законите мора да се почитуваат, истакнал Герасимовски.
Особен акцент беше ставен на управувањето со отпадот, при што градоначалникот посочи дека голем дел од отпадот потекнува од угостителските објекти. Во таа насока, согласно Законот за животна средина, угостителите добиле рок до 1 април за склучување договори со овластени постапувачи за третирање на таков вид отпад.
Велес - Во Војничкиот клуб на касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес денеска на свеченост се изврши примопредавање на должноста од досегашниот командант на Командата за обука и доктрини (КОД), полковник Васко Коколански на новиот командант на КОД бригаден генерал Лулзим Нуредини, кој претходно беше унапреден во чин бригаден генерал со одлука на претседателката и врховен командант на вооружените сили Гордана Силјановска Давкова.
Новиот командант Нуредини досега ја извршуваше функцијата заменик на командантот на КОД, а досегашниот командат на КОД полковник Коколански замина на нова функција во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
На свеченста присуствуваше и началникот на ГШ на Армијата генерал мајор Сашко Лафчиски, кој военото знаме на КОД го презема од досегашниот командант, полковник Васко Коколански и на свеченоста му го предаде на новиот командат на КОД, бригадниот генерал Лулзим Нуредини.
На свеченоста присуствуваше и заменик министерката за одбрана Елфет Исмаили, како и други генерали, пензионирани генерали, претставици на дипломатскиот кор и други гости.
Честитајќи му ја на бригадниот генерал Нуредини новата одговорна функција - командант на КОД, началникот на ГШ на Армијата генерал мајор Сашко Лафчиски во своето обраќање од свеченоста истакна дека КОД ја има една од најзначајните улоги во изградбата на капацитетите и можностите на Единиците.
Крива Паланка - Во рамки на проектот „Земја на легендите“ Општина Крива Паланка изврши партерно уредување на дворот во старото училиште во селото Градец, со што на овој значаен културно-историски локалитет се развива уште еден сегмент за туристичка промоција. За уредување на дворот и псотавување урбани содржини инвестирани се околу 60.000 евра.
-Проектот „Земја на легендите“ Крива Паланка го имплементираше во партнерство со збратимениот Град Лесковац во рамки на ИПА 2 програмата за прекугранична соработка помеѓу Србија и Северна Македонија, кофинансирана од Европската Унија. Инвестицијата за партерно уредување на дворот на училиштето изнесува 3.660.000 денари, а вкупната вредност на проектот за двете општини изнесува околу 12.000.000 денари. Инвестицијата опфати партерно уредување на површина од 11.000 метри квадратни на локалитетот кај старото школо, во близина на црквата „Св. Никола“, поставена е урбана опрема, клупи и чешми, поставени се: сцена за одржување културни настани, тремови и настрешници, уредени се пристапи за лица со попречености и локацијата е хорикултурно уредена, информриа службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка.
Уредувањето на дворот на училиштето е само уште еден сегмент што дава придонес кон промоција и афирмација на културно-историскиот локалитет Градец, со исклучителен потенцијал за понатамошен развој со интегрирана туристичка понуда, што содржи и археолошки локалитет, културолошки и релиогиозни содржини, како испосницата на светецот-закрилник на градот, Свети Јоаким Осоговски, црквата „Свети Никола“ и богати природни ресурси и потенцијали.
Струмица - СВР Струмица апелира до сите граѓани да не се пали оган на отворено и на необезбедени места, стрништа, земјоделски и други површини, отпад или друг горлив материјал и да не се фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња. Апелот доаѓа откако во еден ден во Струмичко и Радовишко избувнаа 12 пожари на отворено.
Потенцираат дека ова е период од годината кога земјоделците ги подготвуваат своите земјоделски површини за сеидба, при што палат стрништа, меѓи, плевел и други отпадоци.
-Во минатото бевме сведоци на многу појави кога ваквото неконтролирано палење беше причина за настанување на пожари, со кои се предизвикуваа штети на имотот на граѓаните, стои во апелот на овој сектор на МВР.
Полицијата потсетува дека предизвикувањето пожар, намерно или од невнимание претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци.
Кавадарци - Кавадарци ќе добие отсек медицинска сестра во средното образование, најави денеска претседателот на општинскиот Совет доктор Стојанче Рамов, на седница во општинската зграда.
- Баравме отсек медицинска сестра, нашето барање помина на комисија за стручно образование при Министерството и останува само уште указ да потпише министерката за образование и наука Весна Јаневска. Очекуваме тоа да се случи до крајот на овој месец, појасни Рамов за МИА.
Тој истакна дека јавноста го поздравува ова и дека е за општа добробит.
Куманово - Сузана Максимовска од ВМРО ДПМНЕ е нов член на советот на општина Куманово. Денеска ѝ беше верифициран мандатот на новата советничка која доаѓа на местото на Дејан Јовановски кој поднесе оставка поради професионални обврски.
Максимовска е професорка по македонски јазик и литература во државното стручно училиште регионален центар за стручно образование „Киро Бурназ“ Куманово. Таа беше претседателка на Унијата на жени на локалното ВМРО ДПМНЕ Куманово.
Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ коалицира со Коалицијата „За наше Куманово“ и со советниците од Алтернатива и Алијанса на Албанците и Движење БЕСА и е мнозинство во советот кој брои 33 советника во Куманово.
Штип – Екипи на Клиничката болница-Штип денеска реализираат акции за мерење на глауком во холот на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“-Штип и на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Раководителот на Катедрата за офталмологија при Факултетот за медицински науки при УГД-Штип Страхил Газепов истакна дека по седум години Клиничка болница-Штип ја возобновува акцијата за мерење очен притисок. Посочува дека болеста глауком е подмолна болест, која не предизвикува болки на очите, пореметување на видот, ниту пак чешање и црвенило на окото.
-Акцијата е успешна, одзивот е огромен и резултати се видливи. Во овој момент имаме 38 мажи на кои им е измерен очниот притисок и на 30 жени, од нив на 13 мажи и на 14 жени им е констатирано дека имаат зголемен очен притисок. Самото ова може да се забележи колку е зголемен бројот на пациенти со очен притисок, кој е најголем ризик фактор за добивање на глауком. Сите овие граѓани се упатени да се јават во очните амбуланти и да се извршат други дополнителни прегледи, изјави Газепов.
Тој истакна дека ваквите акции треба да се прават почесто со цел порано да се открие очниот притисок кај пациентите. Глаукомот е поврзан со возраст, односно пациентите по 40 година задолжително треба да направат преглед кај очен лекар.
-Нема никакви симптоми, а перманетно го оштетува очниот нерв и знае оваа болест да биде толку подмолна, кога пациентите ќе дојдат кај очен лекар веќе имаат сериозни нарушувања на очниот нерв и со тоа да има траен губиток на видот. Апел наш е еднаш годишно пациентите да си го прегледат очниот притисок се со цел рано откривање, изјави Газепов.
Глаукомот е втора причина за слепило, а на прво место е катарктата на светско ниво. Глаукомот има генетска компонента, но и седењето пред компјутер или на мобилен телефон, како и модерниот начин на живот, кој носи стрес, потоа немање на доволна физичка активност придонесуваат за појава на очниот притисок.
Во текот на утрешниот ден бесплатна акција за мерење очен притисок ќе се реализира и во ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.
Скопје - Општина Центар информира дека во тек е јавниот повик за доделување субвенции на младите центарци за полагање на возачки испит Б-категорија. На овој повик може да се пријават сите млади лица кои во текот на 2025 година ќе наполнат 18 години, односно родени се во 2007 година и живеат на подрачјето на општината најмалку една година.
Субвенцијата изнесува 10.000 денари и е наменета исклучиво за покривање на трошоците за возачкиот испит во автошколи кои се регистрирани во Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски нагласува дека овој проект има за цел да ги поттикне младите кон одговорно и безбедно учество во сообраќајот, стекнувајќи ги неопходните знаења и вештини под водство на професионални инструктори.
„Безбедноста во сообраќајот е најважна! Затоа е клучно младите да се обучуваат од искусни инструктори и од самиот почеток да развијат свест за одговорно возење. Со оваа мерка, им помагаме да станат безбедни и внимателни учесници во сообраќајот. Управувањето на возило без возачка возвола е недозволиво", потенцира Герасимовски.
Доставата на барањата се врши во архивата на Општина Центар – Скопје (барака бр. 6), од 09:00 до 15:00 часот, со приложување на следните документи: барање за субвенција, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, доказ за извршена уплата во автошкола и доказ дека автошколата е регистрирана на подрачје на Општина Центар.
Јавниот повик ќе трае сè до исцрпување на средствата предвидени во Буџетот на Општина Центар, односно до 31.12.2025 година.