• петок, 14 март 2025

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  13 март 2025

 

Баку - Европскиот пат на мојата држава е поплочен со двојни стандарди, со нови барања и услови коишто не им биле поставени на други држави, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќањето на панелот „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“, во рамки на 12. Глобален форум во Баку. 

Порача дека не отстапуваме ниту од стратешката цел за членство во ЕУ, ниту од стратешкото партнерство со САД, бидејќи, како што рече, и покрај тековните превирања, веруваме во важноста од ефективен трансатлантизам, базиран на меѓународни правила и принципи, јави известувачот на МИА од Баку.

Скопје - Во Центарот за обука на МВР во Идризово денеска беше одржана свеченост по повод предавање на акредитацијата од Меѓународната асоцијација на директори на полициски академии за стандарди и обуки (ИАДЛЕСТ), на која свои обраќања имаа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и амбасадорката на САД Анџела Агелер.

Како што посочи Мицкоски, владеењето на правото и безбедноста на граѓаните е темелна уставна вредност, затоа, рече, Владата има задача да ја почитува оваа темелна вредност. Премиерот нагласи дека во изминатиот период голем дел од граѓаните се чувствувале како граѓани од втор ред, додека, како што рече, мала група која била тесно поврзана со тогашната коалиција на власт биле граѓани од прв ред.

Скопје - Со жалење констатираме дека нашиот сосед повторно се обидува одговорноста за неисполнувањето на нивните меѓународните обврски да ја префрли врз нашата држава, нагласува македонското Министерствот за надворешни работи во одговорот на вчерашната реакција на бугарското МНР за изјави на премиерот Христијан Мицкоски.

Скопје - Јас би се повикал на меѓународното право, Конвенцијата за заштита на правата на зедниците и тука не можам да одбегнам да не го коментирам  правото на македонската заедница во Бугарија, кое се темели на 14 пресуди од Судот за човекови права да го реализира и тука треба ние сите како граѓани да дадеме поддршка на таа македонска заедница во Бугарија, која за жал во 21 век,  во земја членка на ЕУ, не може тоа право да го  оствари. И тоа нема никаква врска со внатрешните работи, тоа се темели исклучиво на Резолуцијата за заштита на човековите права чиј ратификатор е и нашиот источен сосед и наш партнер  во НАТО, истакна премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за коментар по реакцијата на бугарското МНР на неговата вчерашна изјава за блокадата од Бугарија во пристапувањето во ЕУ.

Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека 95 проценти од судиите чесно работат, но и дека има и такви кои останале партиски измеќари и се слуги на тие кои ги предложиле. Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за реформите во правосудството, рече дека последниот браник и цврст штит во моментот на поранешната влада на СДСМ и ДУИ се дел од судиите и дел од обвинителите, меѓу кои е јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

Скопје – Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет, посочи денеска амбасадорката на САД Анџела Агелер во Центарот за обука на МВР во Идризово на свеченоста по повод предавање на акредитацијата од Меѓународната асоцијација на директори на полициски академии за стандарди и обуки (ИАДЛЕСТ).

Во одговор на новинарско прашање во врска со тоа како ги коментира изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет, Агелер нагласи дека не може да ги коментира, но, како што рече, најважно од сѐ е процесот да се следи на јасен и транспарентен начин.

– Јас не можам да ги коментирам. Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска со изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет. Она што е најважно за секој од овие случаи е да се следи на начин што е јасен и транспарентен за сите оние кои го набљудуваат, рече Агелер.

Скопје - Владата ќе поддржи договор за минималната плата меѓу работодавачите и работниците, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, додавајќи дека во втората половина на март би можела да се одржи нов состанок на Економско социјалниот совет.  

Скопје - Членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност, најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет и важен предуслов за благосостојба на граѓаните. Ние не сме повеќе објект во гео-политичките дискусии, сега сме субјект кој активно придонесува во дискусиите и во носењето на одлуки по сите прашања. Моментално го имаме најголемиот буџет во Министерството за одбрана во овие децении. Важно е Армијата да се модернизира, да ги модернизираме нашите капацитети и да вложуваме во човечкиот потенцијал.

Ова беа главните пораки од денешната трибина „Пет години членство на Република Северна Македонија во НАТО: Постигнувања, перспективи и предизвици“, што се одржа во Домот на АРМ во Скопје, во организација на Дипломатскиот клуб - Скопје и Здружението на ветераните и резервистите од областа на одбраната и безбедноста. 

Скопје - Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, ја истакна важноста на потпишувањето на договорите за финансирање на техничка документација за приоритетни инфраструктурни проекти, во рамките на Вториот повик на Фондот за техничка документација. Според министерот, ова е значаен чекор за унапредување на капацитетите на општините и нивната способност да обезбедат квалитетни развојни проекти.

На денешниот настан по повод потпишување на договорите, тој истакна дека овие активности имаат директно влијание врз развојните политики на општините и нивната способност да аплицираат за домашни и странски фондови.

Скопје - Основниот Кривичен суд Скопје го осуди на доживотен затвор Елвин Куртовиќ, по признание на вина за убиството позади трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје на 20 август минатата година.  

Судијката Моника Бахчовановска, пред објавата на пресудата прочита вештачење од психијатар на обвинетиот, во кое се оценува дека е психички здрава личност со нормална интелигенција. 

Скопје - Непосредно по утврдувањето на дневниот ред на 22 седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, која се одржува денеска и куса дискусија на барање на пратеничката Арбана Пашоли беше објавена пауза. Пашоли барањето за еден час пауза го образложи, како што рече, за да добијат можност и време за разгледување на материјалите за седницата. Таа му упати забелешка на претседателот на комисијата Ѓорѓија Сајкоски, дека материјалите не им биле доставени навреме и како што рече се чувале во тајност.

Скопје - Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) по осми пат го распиша конкурсот за доделување „Награди за новинари кои ги гледаат невидливите“.

Станува збор за доделување на наградите за новинарство, односно за новинари кои работат на општествени теми поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, а на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи. Она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито, односно улогата на членови во жирито ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија.

Скопје - Во рамки на засилените активности за откривање на сторители на кривични дела од областа на недозволената трговија со дрога и оружје, вчера на територијата на цела држава МВР спроведе координирани активности.

Како што соопштија денеска од МВР, по претходно обезбедени наредби од судија на претходна постапка, извршени се 52 претреси во домови и помошни простории на локации во цела држава, при што биле пронајдени ловечки пушки, карабин, воздушни пушки и еден гасен пиштол, муниција од различен калибар, семки од растението канабис, повеќе пакувања со растителна, прашкаста и грутчеста материја, таблети екстази, дробилки, ваги, шприцеви исполнети со течност и други предмети.

Скопје - Од 3 до 9 март во државава се пријавени 2.347 случаи на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грипот, за 8,6 проценти помалку во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со истиот период од минатата сезона е зголемен за 5,5 пати, а во споредба со бројот за истиот период од типичната епидемиска крива - моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 78,3 отсто, информираат попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Пријавен бил уште еден смртен случај асоциран со грип.

Скопје - Документарецот „Патување пеш“ на Тамара Котевска од денеска ќе се прикажува во киното „Синеплекс“ во Скопје.

Филмот претходно освои Гран При за најдобар документарен филм на фестивалот Олимпија во Грција, и учестваше на Фестивалот за документарни филмови Fipadoc во Франција.

Скопје – Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи денеска промовираше тритомно издание на книгата „Плодови на духот“ - збирка на беседи и слова од дејноста на ставрофорниот протопрезвитер проф. д-р Ацо Александар Гиревски во Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Книгата е објавена од македонската православна црковна општина „Св. Јован Крстител“ во Капиштец по повод 70-тиот роденден на авторот. Во трите тома се содржани 290 слова на илјада страници и секој том е посветен на посебен вид слова – првиот има 81 празнично, вториот 80 неделни и третиот - 129 пригодни слова.

Атина – Со свечена заклетва во грчкиот Парламент, во присуство на премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, поглаварот на ГПЦ Јеронимос, пратениците, но и претставници на дипломатскиот кор, новиот грчки претседател Константинос Тасулас претпладнево положи свечена заклетва, по што и официјално, во Претседателската палата ја преземе функцијата и стана деветтиот претседател на Грција по обновувањето на демократијата во земјата во 1974 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Тирана - Еврокомесарката за проширување и соседска политика, Марта Кос, денеска престојува во Албанија, што е нејзина прва посета на оваа земја по изборот на функцијата, а покрај средбите ќе присуствува и на конференцијата за проширување на Европската унија што ќе се одржи на Европскиот Колеџ.

По средбта со премиерот Еди Рама одржаа заедничка прес-конференција на која порача дека патувањето на земјата кон ЕУ, е сигурно и вистинито и оти Албанија заслужува да биде дел од ЕУ, зашто е „шампион за регионалната соработка“.

Рим - Папата Франциск одбележува 12 години како водач на 1,4 милијарди католици во светот, во услови на сè попозитивна медицинска прогноза по четири недели негово болничко лекување поради пневмонија на двете белодробни крила.

Папата, кој беше примен во римската болница „Агостино Џемели“ на 14 февруари, помина уште една мирна ноќ, објави Ватикан во денешното кусо соопштение.

Париз - По неколкучасовна дебата, Долниот дом на францускиот Парламент усвои резолуција за зајакнување на поддршката за Украина, вклучително и повик за запленување на рускиот имот.

Текстот на резолуцијата, усвоен со 288 гласа „за“ и 54 „против“, има суштинска симболична вредност. Против гласаа само пратениците на екстремно левичарската партија Неосвоена Франција (ЛФИ), додека Националниот собир (РН) и умерената десничарска партија „Републиканци“ беа воздржани, пренесува Поинт.

Брисел - Безбедноста на 5Г мрежите е од клучно значење за европската економија, па затоа Европската комисија уште во 2023 година препорача ограничување на пристапот до нив на компанијата „Хуавеј“, за која оцени дека претставува поголем ризик од другите добавувачи, изјави денеска портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.   

- Комисијата смета дека земјите членки би требало да донесат одлуки со кои ќе се ограничи или исклучи пристапот на 5Г системот на „Хуавеј“ во нашата мрежа, изјави Рение во врска со денешното обелоденување на истрагата за поткупување европратеници од страна на лобисти на компанијата.  

Стокхолм - Шведска ќе обезбеди повеќе од 1,4 милијарди шведски круни (126,7 милиони евра) на Украина како помош за обнова и развој, како и за итни хуманитарни потреби, изјави денеска шведскиот министер за меѓународен развој Бенџамин Доуса.

Тој на прес-конференција рече дека пакетот помош, кој е најголемата шведска програма за цивилна помош досега издвоена, вклучува и поддршка за реконструкција на уништената инфраструктура, како и за деминирање и обука на здравствените работници.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ги отфрли како „лажни и апсурдни“ наводите на истражната комисија на ОН дека Израел извршил „геноцидни постапки“ во Појасот Газа.

-Наместо да се фокусира на злосторствата против човештвото и воените злосторства извршени од терористичката организација Хамас во најтешкото масовно убиство на Евреите по холокаустот, ОН повторно избраа да ја нападнат државата Израел со лажни обвинувања, вклучително и апсурдни наводи за сексуално насилство, рече Нетанјаху во изјавата.

Москва - Русија ги отвори вратите на својата воена база во Хмејмим за сириските граѓани кои бараат азил, а повеќе од 8.000 луѓе веќе го искористија тоа, изјави на брифинг портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

-Руската воздухопловна база Хмејмим ги отвори вратите за локалните жители кои бараа спас, едноставно сфаќајќи дека ова е прашање на живот и смрт. И нашата војска засолни повеќе од 8.000 луѓе, истакна портпаролката на руското дипломатско одделение.

Москва - Помошникот на рускиот претседател Владимир Путин за меѓународни прашања, Јуриј Ушаков, денеска изјави дека предложениот 30-дневен прекин на огнот „не е ништо повеќе од привремен одмор за украинската армија“.

-Русија бара долгорочно мирно решение на конфликтот во Украина што ќе ги земе предвид интересите и грижите на Москва, рече Ушаков.

Киев - Украина доби 2,5 милијарди канадски долари (околу 1,7 милијарди американски долари) во рамките на иницијативата на Г7 ЕРА, изјави денеска украинскиот премиер Денис Шмихал.

„Украина доби 2,5 милијарди канадски долари (околу 1,7 милијарди американски долари) во рамките на иницијативата Г7 ЕРА. Овие средства, обезбедени од приходите од замрзнатите руски средства, ќе бидат насочени кон приоритетните потреби на државниот буџет“, објави Шмихал на каналот Телеграм, пренесе Укринформ.

Москва - Русија денеска предупреди дека испраќањето европски мировни сили во Украина ќе го смета за вовлекување на земјите-учеснички во „директен вооружен конфликт“ со Москва.

-За нас е апсолутно неприфатливо да распоредуваме единици на вооружените сили на други земји во Украина... Секое такво дејство би значело нивно вовлекување во директен вооружен конфликт со нашата земја, на што ќе одговориме со сите расположливи средства, рече портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Брисел - Европската Унија подготвува 17-ти пакет санкции поврзани со руската агресија врз Украина и посветено работи на постигнување на целата за слабеење на Русија, најави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.     

- Санкциите против Русија функционираат. Тие ја поткопуваат руската економија и токму тоа сакаме да го постигнеме. Сакаме да постигнеме дека рускиот агресор е слаб, а Украина е силна. Затоа имавме 16 пакети санкции, кои беа усвоени едногласно, а сега работиме на 17-от, истакна Хипер.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска се закани дека ќе воведе царини од 200 отсто за вино, шампањ и други алкохолни пијалоци од Европската унија.

Трамп во објава на социјалните мрежи предупреди дека ќе воведе царини за европскиот алкохол доколку Европската унија не го укине данокот на американското виски, пишува Блумберг.

Властите во Брисел го оданочија американското виски како одмазда за царините на Трамп за челик и алуминиум кои стапија на сила вчера.

Остани поврзан