• петок, 08 ноември 2024
МИА Општински пул

8 октомври 2024 

Кавадарци - Се гради скијачкиот центар во Михајлово, зимската сезона кавадарчани ќе уживаат во зимските спортови, информираше денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. 

- Центарот опфаќа ски стаза, ски лифт и потребните елементи за сите возрасти. Целосната опрема е во фаза на изработка од страна на полска компанија, што веќе при крајот на ноември се очекува да се монтира, доколку дозволуваат временските услови. Скијачкиот центар се очекува да биде во функција оваа зимска сезона, за сите љубители на зимските спортови во кои ќе уживаат сите генерации, појасни Јанчев. 

Куманово - Во занаетчискиот дом Куманово вечер во 20 часот по осми пат ќе се одржи „Џез фестивал Куманово 2024“, информираа денеска организаторите на фестивалот, „Институтот за наука, уметност култура и спорт“.

Кумановци вечер ќе имаат можност да ги проследат настапите на македонските бендови н „Такси Консилиум“ и „Максимовски јунајтед“.

Куманово - Општина Куманово идната година ќе одвои повеќе средства за инвестиции во паркиралишта за да се ослободат тротоарите и да се обезбеди поголема пристапност за лицата со попреченост, соопшти денеска градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски. Засега се спуштени тротоарите на неколку клучни локации во централното градско подрачје.

-Претходно имавме инцијатива првично да ги спуштиме тротоарите, мора да бидам искрен тоа не изгледа убаво, бидејќи е импровизација, но на тој начин главните булевари во централно градско подрачје во одредени локации се спуштија. Секаде каде што се гради нова инфраструктура ги применуваме тие стандарди. Но, сите возила се непрописно паркирани, може да градиме колку сакаме еве овде тротоар пред училиштето („Толи Зордумис“) е зафатен со возило, што значи дека свеста на граѓаните мора да се подигне на повисоко ниво. Гаражните места кои се планирани не може да бидат трансформирани во дуќани или друг тип објекти, тоа е процес кој заеднички со МВР, со останатите служби ќе работиме. Општината веќе следната година ќе се потруди да обезбеди дополнителни финансии за инвестиција на нови паркиралишта, ама недостатокот на паркинг места не е изговор за сопствениците на возилата да го оставаат каде сакаат и кога сакаат и на начин на којшто тие сакаат, изјави Димитриевски.

Вевчани - Општина Вевчани имплементираше иновативен проект за заштеда на електрична енергија преку инсталација на фотоволтаичен систем на прочистителната станица за отпадни води. Проектот, кој денеска беше промовиран во Општина Вевчани, овозможува поекономичен третман на отпадните води, производство на енергија од обновливи извори, а со тоа и намалено негативно влијание врз животната средина.

Поставувањето фотоволтаичен систем на прочистителната станица, за градоначалникот Спасе Кочовски, е особено важно. - Секој проект кој придонесува за заштита на животната средина има огромно значење за нас како општина. Поставувањето фотоволтаичен систем на прочистителната станица е особено важно затоа што претставува континуитет на нашите напори да ја подобриме енергетската ефикасност на јавните објекти, но и да го зголемиме нивото на искористеност на обновливите извори на енергија, рече Кочовски.

Кочани - Доброволното противпожарно друштво – Кочани доби нова опрема како донација од владини претставници и противпожарни друштва од провинцијата Пиемонте во Италија. Со тоа педесетината кочански пожарникари волонтери почнуваат поширока акција за обезбедување опрема за лична заштита, во која покрај домашни, ќе бидат вклучени и донатори од странство. 

-По иницијатива на нашиот сограѓанин, иселеник во Италија, Даниел Костадиновски, а со помош на Марко Габуси, кој е владин службеник, и професионалните и пожарникарите доброволци Даниел Кора, Рафаел Кордаро и Мирко Цириоти беше обезбедена и веќе ни е испорачана опрема за интервенции при гасење пожари и за дејствување при поплави. Опремата се состои од заштитни шлемови, агрегати, пумпи за вода со придружни црева, униформи со опрема за лична заштита на пожарникарите, метални метли за гасење оган и друго, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.

Куманово - Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ Куманово денеска го промовираше Центарот за пружање на бесплатни услуги за работа за развивање и стекнување на животни, воспитни, социјални и културни вештини преку индивидуална и групна работа. Објектот е сместен во поранешната месна заедница спроти Основното училиште „Толи Зордумис“. Средствата за негова санација и адаптација се обезбедени од Општината и поддршка на локалната бизнис-заедница.

- Во објектот функционираат две услуги, лична асистенција и дневен центар за индивидуална работа со дечиња од пет до дванаесетгодишна возраст. Сега имаме веќе 41 дете кое го посетува овој центар и му се даваат индивидуални услуги. „Инклузива“ повеќе време го бараше овој простор за да најде соодветно место за да биде оформено, реновирано по сите стандарди за пристапност на оваа категорија. Сите институции, но и градежните компании ги повикуваме да ги запазат овие стандарди што се применети овде, бидејќи сè што се прави, рампите во училиштата и во институциите не се соодветни, ниту ги исполнуваат критериумите за пристапност. Постои закон, постои правилник, но повторно се градат објекти кои не се пристапни. На родителите би им испратила порака да бидат упорни, да зацврснат како луѓе, да ни се приклучат во оваа наша мисија ако сакаме уште поголеми права затоа што мала група на луѓе може да направи многу, а поголема уште повеќе. Не обвинуваме никого за оваа состојба во која се наоѓаат семејствата и децата со попреченост туку да дадеме придонес сите да не разберат и да прифатат она што нам ни е потребно, изјави претседателката на здружението Благица Димитровска.

Неготино - Педесет и осумгодишник од неготинско село бил лишен од слобода поради тоа што ѝ се заканувал на сопругата, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

- Вчера во 16:30 часот, полициски службеници од ОВР - Неготино го лишиле од слобода Д.М., затоа што во семејнит дом ѝ се заканувал на неговата 47-годишна сопруга. Д.М. бил задржан во полициска станица и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, се појаснува во соопштението на СВР - Велес. 

Кавадарци - Со тешки телесни повреди се здобило младо лице по сообраќајна несреќа, што вчера попладне се случила во Кавадарци, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

Во полициската станица било пријавено дека на улицата „Западен булевар“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „нисан“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Х.С., на возраст од 29 години и мотоцикл со кавадаречки регистарски ознаки, управуван од Ф.Л., 20-годишно лице, двајцата од Кавадарци.

Скопје - Без вода за пиење остана дел од Драчево поради дефект на улична цевка, соопштија попладнево од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.

Прекин во водоснабдувањето имаат корисниците од улиците „Сердарот“, „Речиште“, „Китка“, „Јустинијан Први“.

Скопје - Во просториите на Дом на култура „Илинден“, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски и оваа година додели Решенија за еднократна финансиска поддршка за спортисти кои се жители на Општина Илинден.

Градоначалникот, Александар Георгиевски истакна дека продолжува поддршката за спортистите од нашата општина  и во иднина, а целта е да се наградат тие кои оствариле големи успеси во делот на спортот, како и да се стимулираат останатите за постигнување големи победи на спортските натпревари. 

Тетово - СВР Тетово информира дека по пожарот во подрумските простории во зградата на Општина Тетово како осомничен за подметнување е приведен државјанин на Косово. Пожарот избувна во неделата околу 15 часот, а осомничениот е најден во Тетово вчеравечер.

- На 07.10.2024 во 20.15 часот на улица „Маршал Тито“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Б.Р.(38) од Република Косово, со привремен престој во Скопје. Тој се сомничи дека претходниот ден го подметнал пожарот во подрумските простории на општина Тетово. Лицето било задржано во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок по член 288 од Кривичниот законик, информираше Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.

Куманово - Општина Куманово го објави конкурсот за избор на сувенир на градот, соопштија денеска надлежните од Секторот за локален економски развој. Заинтересираните правни и физички лица можат да аплицираат за изработка на сувенир. Понудените изработки треба да исполнуваат повеќе одлики и со автентичните трудови да придонесат кон креирањето на производ кој ќе го отсликува карактерот на градот, во насока на зголемена промоција.

Како што наведуваат од Секторот за економски развој, Општината на овој начин поддржува идеи и автентични трудови со цел да придонесат кон креирањето на производ кој ќе ги отсликува карактеристиките на градот, во насока на зголемена промоција. Сувенирот мора да ги содржи елементите на препознатливост и да ја отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот Куманово, да биде адаптиран за масовно производство и наменет за туристичка промоција на градот. Сувенирот треба да биде изработен од материјал, големина и боја според замислата на авторот, да се користат стабилни и еколошки прифатливи материјали како што се: керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс, текстил. Рокот за доставување е до 21 октомври годинава.

Тетово - Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“-секција Тетово од вчера почна со реконструкција на дел од регионалниот пат Р1206 од Тетово преку Мала и Голема Речица до Калник. Поради изведувањето на градежните работите од претпријатието апелираат граѓаните да бидат трпеливи и внимателни поради воспоставување на времен режим со наизменично пропуштање на возила.

- Рехабилитацијата на патот Р1206 Тетово-Пирок-Гостивар е по годишна програма на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, а финансирано од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Од вчера е почнато со стругање на асфалтот. Реконструкцијата ќе се изврши во должина од 2200 метри или описно од Сточен пазар па се до фудбалското игралиште во Калник, информира Дејан Јовановски, раководител на Секција Тетово при Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“.

Остани поврзан