• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

7 август 2025

Охрид – Британската вечер на „Охридско лето“ ќе ја одбележи концертот насловен „Романсата се уште не е мртва“ со маестро Џек Либек на виолина, во пијано придружба на Катја Апикшева.

За британско-германскиот виолинист и уметнички директор Џек Либек специјализираното списание „Би-Би-Си мјузик“ пишува дека поседува „беспрекорно техничко мајсторство“ и „прекрасен филигрански тон“.

Либек е професор по виолина на Кралската академија за музика во Лондон и уметнички директор на Австралискиот фестивал за камерна музика. Неговата фасцинација со сè што е поврзано со наука резултира со два нови концерти за виолина компонирани специјално за него од  „Војаџер“ од  Дарио Марианели и концертот „Кратка историја на времето“ компониран од Брет Дин, а во спомен на научниот феномен проф. Стивен Хокинг.

Џек Либек соработува со некои од најпознатите диригенти на светската сцена како: Ендру Литон, Леонард Слаткин, Карл-Хајнц Стефенс, Сер Марк Елдер, Сакари Орамо, Васили Петренко, Сер Невил Маринер, Брет Дин, Даниел Хардинг, Јука Пека Сарасте, Дејвид Робертсон, Јакуб Хруша и многу други, настапувајќи во концертните сезони на оркестрите како Кралската филхармонија и оркестарот на Шведското радио во Стокхолм, Филхармонијата во Осло, Белгискиот национален оркестар, Радискиот оркестар во Лајпциг, Московската државна филхармонија, Оркестарот во Галиција, симфониските оркестри во Сент Луис и Индијанаполис, како и со сите британски оркестри.

Неодамнешните настапи вклучуваат настап со оркестарот во Квинсленд, американска премира на „Војаџер“ со оркестарот во Спокен, како и настапи со Симфонискиот оркестар во Мелбурн, оркестарот „Франц Лист“ и настап на Камерниот фестивал во Савана.  Во 2024 тој премиерно го изведува делото „Без напор“ од Тејлор Скот Дејвис заедно со вокалниот ансамбл „8 Гласови“ на големата сцена на Сиднејската опера.  Во сезоната 2025/26 ќе настапува низ целиот свет со оркестри и изведувајќи камерна музика во Будимпешта и во Македонија, како и во Австралија, САД и Јужна Африка.

Со Кралската филхармонија ќе издаде нов албум со виолинскиот концерт од Барбер, а ќе биде издаден и албумот со двојниот концерт од Малком Арнолд кој го изведува заедно со Александар Ситковетски.  Неговиот албум со концертите од Шенберг и Брамс, снимен со оркестарот на Би-би-си, е оценет како „Албум на месецот“, а списанието „Би-би-си мјузик“ ја вбројува неговата изведба на Брамсовиот концерт за виолина во најдобрите изведби на ова дело на сите времиња.

Скопје - Регионалниот центар за управување со кризи по добиено известување од ЕВН Македонија АД информира дека денеска без електрична енергија ќе останат корисниците од неколку улици во Скопје. 

Во периодот од 08.00 до 12.00 часот, без струја ќе бидат корисниците од ул. Михаил и Ефтихиј, а од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Фредерик Шопен во Општина Кисела Вода. 

Од 09.00 до 14.30 часот без електрична енергија ќе бидат дел од корисниците од ул. Бриселска во Карпош. Од 11.00 до 14.00 часот, пак, без струја ќе бидат корисниците од улицата кај керамика Имола под обиколницата во Бутел.

Виница - Бранко Азески, долгогодишен претседател на Стопанската комора е назначен за претседател на Одборот на директори на Прогресив Академијата за претприемништво и менаџмент, информира Камелија Апостолова Бојаџиска, менаџер за комуникации во  Академијата.

-Негово назначување претставува значаен момент во развојот на Академијата, која продолжува да биде водечка платформа за образование и развој на претприемачки и менаџерски капацитети, нагласува Апостолова Бојаџиска.

Воедно, известуваме дека уписите за петтата генерација се во тек, а програмата е отворена за сите заинтересирани кои сакаат да ги унапредат своите знаења и вештини, наведено е во информацијата лиферувана од  Апостолова Бојаџиска.

Прилеп - Во прилепската касарна „Мирче Ацев“ вечер од 18 часот ќе почне одбележувањето на 24-годишнината од загинувањето на 10 прилепски бранители. На 8 август 2001 година, конвојот на АРМ беше нападнат кај месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово кога беа убиени 10 воени резервисти од прилепската касарна.

Бројни делегации, претставници на семејствата на загинатите ќе положат свежи цвеќиња и ќе им оддадат почит на загинатите пред спомен обележјето во касарната.

Со ова почнуваат годинашните оддбележувања на  24-годишнината од загинувањето на бранителите кај Карпалак. Централното чествување ќе биде утре од 13 часот пред споменикот Карпалак во центарот на Прилеп. Прилеп ќе се сеќава на Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушитоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Горан Миноски и на Пеце Секулоски.

Вечер од 19 часот ќе биде посетено и спомен обележјето на загинатите бранители во селото Лениште, а во манастирот „Света Петка“ ќе се одржи вечерна богослужба.

Утре изутрина ќе бидат посетени вечните почивалишта на загинатите во Прилеп и во населените места, а делегација ќе ја посетти и месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово каде во заседа на армискиот конвој беа убиени 10 воени резервисти од прилепската касарна.

Битола - Во Битола успешно заврши обуката на 20 млади пожарникари кои низ теоретски и практичен дел учеа вештини за брзо гаснење пожари на отворен простор.

Кандидатите за сезонски пожарникари ги посети градоначалникот Тони Коњановски и им посака успешна работа, професионалност и посветеност во извршувањето на задачите поврзани со заштитата на населението, материјалните добра и природните богатства од пожари.

-Локалната самоуправа продолжува со силна поддршка за ТППЕ Битола, изразена преку изградбата на новата противпожарна зграда, нејзиното доопремување кое е во тек, но и преку подготовка на дополнителен кадар кој успешно и навремено ќе одговори на сите предизвици, истакна градоначалникот Коњановски.

По завршувањето на обуката следи склучување на договори и распределба на обучените сезонски пожарникари во Територијалните противпожарни единици.

Кочани -  Полициски службеници од ОВР Кочани вчера во 19:30 часот во Кочани го лишиле од слобода А.М.(58) од Кочани, информира СВР Штип.

Според индормацијата, околу 18:00 часот на 6-ти овој месец на ул.„Гоце Делчев“ во Кочани, А.М. со возило „мерцедес“ со кочански регистарски ознаки, кое го управувал, удрил во паркирано патничко возило „форд“ со кочански регистарски ознаки. При вршење увид било констатирано дека го управувал возилото под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,93 промили алкохол во крвта. 

 

Остани поврзан