• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул 

Скопје - Без вода денеска од 08:30 часот ќе бидат дел од корисниците од село Трубарево и од улиците „Гемиџиска“ и „Филип Филиповиќ“ во општина Гази Баба.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, поради промена на воздушен вентил и затварач од ф 80мм на ул: 30, бр: 20 во село Трубарево, без вода ќе останат корисниците од село Трубарево. 

Без вода поради реконструкција на водоводна мрежа од 5/4 на ул:„Гемиџиска“ бр: 33 ќе останат и корисниците од улиците „Гемиџиска“ и „Филип Филиповиќ“. 

Корисниците ќе бидат без вода се до завршување со работните активности.

Битолa - Десеттина пелагониски села утрово се без вода поради технички  зафат на регионалниот водовод, односно спојување на стара челична цевка со ново изведена цевка Ф400.

Од јавното комунално претпријатие „Водовод“-Битола соопштија дека интервенцијата почна во 7 часот утрово и ќе се одвива до завршување на интервенцијата.

-Фирмата изведувач  БВ инжинеринг-Битола го  затвори регионалниот водовод, за да се изведе спој на старата  челичната цевка Ф 400 со новоизведената цевка Ф 400 , со што со прекинато водоснабдување остануваат жителите  во населените места Горно Оризари, Раштани, Крклино, Кукуречани, Црнобуки, Драгожани, Могила, Будаково, Трап, Алинци, Добрушево,Мусинци и Далбеговци. Прекинот со водоснабдување ќе трае од  07:00 часот до завршување на работите, нагласија од битолски „Водовод“. 

Струмица - Јубилејното 20. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ ќе се одржи во Струмица од 4 до 8 август, под мотото „Филмски крстопати“, со разновидна и интересна програмска селекција. Oваа година лауреат на престижната награда „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм е режисерот и сценарист Милчо Манчевски, соопштија организаторите.

Физиономијата на „Астерфест“ останува посветена на авторскиот филм, со прикажување врвни и квалитетни филмови од различни жанрови и должини.

-Ме радува наградата на „Астерфест“. Фала ви, луѓе. Уметноста се прави за да се допре срцето на другиот. Се надевам дека она што го правам со години ве допира и создава нови чувства. Многу поздрав од снимањето на „Збогум, Копакабано“, изјавил Манчевски.

Милчо Манчевски е еден од најеминентните македонски и светски филмаџии. Според критичарите, неговиот славен филм „Пред дождот“ е еден од најуспешните дебитантски играни филмови во историјата на кинематографијата. „Њујорк тајмс“ го вброи во својата листа „Најдобрите 1.000 филмови направени некогаш“. Манчевски го освои „Златниот лав“ во Венеција, наградата „Индепендент спирит“, номинација за Оскар, а се смета за најтрофеен македонски филмски режисер. Делата на Манчевски се дел од наставните програми на бројни универзитети, предмет се на многу есеи и книги и повод се за дискусии на голем број конференции. Покрај тоа што е автор на седум играни филма, имал три самостојни изложби на фотографии, објавувал проза, есеи, книги со фотографии и има поставувано уметнички перформанси.

Скопје - За помалку од една недела, 1360 пензионери од Центар се пријавиле за еднократна парична помош од 2.500 денари.

„Пријавувањето е во тек. Интересот е навистина голем. Пензионерите најчесто ги користат утринските часови за да се пријават, а бројот на поднесени барања секојдневно расте. Ова е јасен показател дека ваквата мерка навистина им значи на нашите повозрасни граѓани”, посочи градоначалникот Горан Герасимовски.

Право на оваа помош имаат сите пензионери, жители на Општина Центар, кои примаат старосна, семејна, инвалидска или социјална пензија во месечен износ до 26.157 денари.

Потребни документи за аплицирање: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, потврда за последната примена пензија (чек или потврда од банка за мај или јуни), а за социјална пензија потребна е потврда или решение од надлежниот Центар за социјална работа.

Барањата се поднесуваат во Општина Центар , барака број 6, секој работен ден од 09:00 до 14:00 часот. Формуларот за пријава може да се преземе и од веб-страницата на општината.

Велес - Синоќа во 18:10 часот, на автопатот А1 Демир Капија – Миравци, во близина на првиот тунел, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиле од слобода 29 годишниот С.Р. од Битола.

При радарска контрола во патниот сообраќај, полициските службеници констатирале дека тој управувал патничко возило „бмв“, со скопски регистарски ознаки, со брзина од 197 километри на час на место каде брзината на движење е ограничена на 80 километри на час, информира денеска портпаролот на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.

Известен бил  јавен обвинител  и по документирање на настанот против С.Р. ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик „безобѕирно управување моторно возило“,најавија од СВР Велес. 

Остани поврзан