• вторник, 24 декември 2024
МИА Радиофлеш
30 август 2021  – Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во јули се повисоки за 1,6 проценти на месечно и за 9,9 проценти на годишно ниво, објави денеска Државниот завод за статистика. Во споредба со јуни, продажните цени се повисоки во групите Енергија за 9,9 проценти, Интермедијарни производи, освен енергија за 0,7 проценти, Трајни производи за широка потрошувачка за 0,4 проценти и Капитални производи за 0,3 процентио. – Додека милиони школски деца се враќаат на училиште низ европскиот регион каде што е доминантна високо преносливата делта-варијанта на САРС-КоВ-2, регионалната канцеларија на СЗО за Европа и регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија повикуваат училиштата да останат отворени и да се направат побезбедни преку донесување мерки за намалување на пренесувањето на вирусот. Како што се наведува во соопштението од двете меѓународни организации, ваквите мерки опфаќаат понуда на вакцина против КОВИД-19 за наставниците и другиот училишен персонал како дел од националните планови за вакцинација, истовремено обезбедувајќи вакцинација на ранливите популации. -Потребните потписи за кандидати за градоначалници на општините, заклучно со вчерашниот ден ги собрале 21 независен кандидат, како и 42 групи избирачи за советнички листи, информираат денеска од Државната изборна комисија. Во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија потребните потписи, продолжуваат да ги собираат 15 кандидати за градоначалници и 26 групи избирачи за кадидатските листи за членови на оштинските совети. - Членството во НАТО е круна на нашата 30-годишна независност, рече денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на конференцијата во Охрид посветена на агендата НАТО 2030 и 30-годишнината од независноста. Шекеринска се наврати на скептичноста во некои кругови кога пред 30 години тогашна Македонија ја декларираше својата независност. - Започнува есенската акција за обновување на зеленилото во градот Скопје, по потегот од улицата „Московска“ до улица „Париска“, на површина од околу 4000 метри квадратни. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната прес-конференција посочи дека на оваа површина се поставува целосен систем „капка по капка“. Со ваквиот систем ќе се овозможи развој на вегетацијата и подигнување на стандардите за квалитет на зелените површини и одвојување на пешачкиот од велосипедскиот сообраќај. -Интензивна е комуникацијата со локалните самоуправи и со раководствата на училиштата пред стартот на новата учебна година, со цел сите да бидеме добро подготвени и повторно да ја вратиме наставата во училница, каде што впрочем има и најголем ефект не само по однос на знаењето на учениците, туку и по однос на нивната социјализација и правилен психофизички раст и развој. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната посета на ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип каде изврши увид во условите што ги обезбеди училиштето за прием на ученици и настава со физичко присуство во пресрет на новата учебна година. - Заклучно со вчерашниот ден вкупно 8.791 лице се провериле во Избирачкиот список, информираат денеска од Државната изборна комисија. – Заклучно  29.08.2021 до 21:00 часот  вкупно 8791 лица се провериле во избирачкиот список, поднесени се вкупно 18 барања за запишување во избирачкиот список, 15  барања за бришење на податоците од избирачкиот список и девет барања за измена на податоците во избирачкиот список, се вели во соопштението од ДИК. -Се наоѓаме во период пред локални избори, пред изборна кампања, кога насилството врз жените во политичките партии, според последните истражувања, е највисоко, дури 47 проценти. Без разлика која жена ќе ја предложиме, без разлика за која жена ќе гласаме, сите да заокружиме НЕ за насилството врз жените во политиката, напиша денеска на својот фејсбук-профил министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Да се спротивставиме, додава таа, на секој обид за насилство како да ни се случува нам. -Министерот за надоворешни работи Бујар Османи денеска во Градскиот парк во Скопје оствари зелен состанок со британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј. – Свесноста за климатските промени започнува со индивидуални постапки и секојдневни избори. Затоа одлучивме да направиме промена и да започнеме ваков нов и корисен концепт, објави Османи на неговата Фејсбук страница. - Лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев денеска на прес-конференција соопшти дека како партија на претстојните избори ќе му дадат поддршка на независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Петар Георгиевски Камиказа. Ова, рече Апасиев, е вин-вин ситуација, затоа што по сите анкети тој го победува актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов во сите урбани средини, а она што му фали се гласовите на младите кои партијата ги поседува. - Во крајна фаза е изработката на тендерската документација за распишување на тендер за изведба на прва фаза за „Бас рапид транзит“, истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во одговор на новинарско прашање. Тој посочи дека се работи за комплексен проект што не трпи импровизација. Градоначалникот очекува до 15 септември да може да се распише јавен повик за првата фаза, односно квалификациска фаза. -Нема дискусии во однос на моделот на наставата. Комисијата за заразни болести е таа која одлучува за моделот за одвивање на наставата, изјави денеска во Пробиштип министерката за образование и наука Мила Царовска. Таа потврди дека денеска ќе има средба со директорите на средните училишта во државата, а тема на разговор ќе биде стартот на учебната година, а не моделот на наставата.  Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети во интервју за АБЦ Њуз, на новинарката Линда Карадаку,  меѓу другото се задржува и на едно од најжешките прашања во регионот – дијалогот Косово-Србија. Вели дека добро ги разбира косовските власти, но не може да се оди напред со вековна одмазда и посочува дека постојат два правца или помирување или продолжување со одмазда. -Премиерот Зоран Заев денеска учествуваше на Европскиот форум Алпбах кој оваа година е посветен на три теми: „Обезбедувањето на иднината на Европа“, „Финансирањето на иднината на Европа“ и „Климатските промени“, информираат од Влдата. Преку видеоконференциска врска, тој учествуваше на панелот „Перспективите на Северна Македонија“ заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан. - Од полноќ се зголемуваат цените на нафтените деривати од половина до еден денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика. За половина денар поскапува Еуросупер БС-95, а за еден денар Еуросупер БС-98 и дизелот. -Правото на граѓаните да бидат бирани и да бираат е неприкосновено право. Не е мое да проценувам дали, кој, што и како ќе гласа. Тоа граѓаните сами можат да си го проценат. Очекувам сериозна поддршка од скопјани токму заради посветеноста во којашто изминативе четири години се работеше во Градот. Ова денеска го изјави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање. Шилегов нагласи дека се работело и во услови на пандемија со Ковид-19 и досега се реализирани повеќе проекти – четири нови булевари, еден мост е завршен, а втор започнат, се работи главната сообраќајна клучка на Момин Поток и најави дека утре ја започнуваат на булевар „Словенија“. -Албанскиот комитет на експерти за справување со пандемијата, по анализа на состојбата со Ковид-19, донесе одлука за воведување нови ограничувачки мерки за влез во земјата а го зголеми и времетрањето на полицискиот час, кои стапуваат во сила од први, односно шести септември. -Почнувајќи од 1 септември, полициски час ќе трае од 23 до 6 часот, додека од од 6 септември, граѓаните кои влегуваат во Република Албанија од сите гранични премини мора да исполнуваат еден од следниве три услови: да поседуваат пасош за вакцинација, при што од денот на ревакцинацијата треба да изминале најмалку две недели, негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, брз антиген тест од 48 часа или потврда дека прележале Ковид, валиден до 6 месеци по заздравувањето, иформираше Мира Ракацоли, претседателка на комитетот и заменик министерка за здравство. - Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека Турција е подготвена да биде присутна како посредник во БиХ, доколку тоа го сакаат Бошњаците, Србите и Хрватите, односно ако се согласи тричленото претседателство на БиХ. На прашањето каква улога ќе има Турција во БиХ, по враќањето од посетите во Црна Гора и БиХ, Ердоган на новинарите во Истанбул им рече дека „Турција ќе биде присутна доколку Бошњаците, Србите и Хрватите во БиХ се обединат и сметаат дека треба да и дадат таква задача на Турција“. -Европската унија планира да им препорача на земјите -членки да ги обноват ограничувањата за туристите од САД поради зголемувањето на нивото на инфекции со коронавирус во таа држава, објавија денеска европски дипломати.

Најновите упатства може да пристигнат веќе оваа недела, според дипломати на ЕУ, кои зборуваа под анонимност, бидејќи процесот на ревизија се уште е во тек.

-Кинескиот технолошки гигант  Тенсент тивко купува акции во некои од познатите европски развивачи на видео игри, пишува Политико. Некои аналитичари го опишуваат потегот како дел од „тивкиот пристап кон глобалната доминација на игри“ на компанијата. Само во 2021 година, Тенсент инвестираше во најмалку седум европски студија за игри – некои од нив големи јавни компании и други приватни компании – во Шведска, Финска, Германија и Франција. – Производителите на едни од најпопуларните детски играчки предупредуваат дека поради глобалната криза со испораката и недостигот на работна рака, оваа божикна сезона подароците за децата ќе бидат поскапи. Две од водечките компании во САД во тој сектор, ги советуваат родителите да размислат да купат порано играчки за децата бидејќи испораките ќе им одземат многу повеќе време од вообичаеното.

Тагови

Остани поврзан