• сабота, 23 ноември 2024
МИА Општински пул
30 август 2021  Скопје - Правото на граѓаните да бидат бирани и да бираат е неприкосновено право. Не е мое да проценувам дали, кој, што и како ќе гласа. Тоа граѓаните сами можат да си го проценат. Очекувам сериозна поддршка од скопјани токму заради посветеноста во којашто изминативе четири години се работеше во Градот. Ова денеска го изјави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање. Шилегов нагласи дека се работело и во услови на пандемија со Ковид-19 и досега се реализирани повеќе проекти – четири нови булевари, еден мост е завршен, а втор започнат, се работи главната сообраќајна клучка на Момин Поток и најави дека утре ја започнуваат на булевар „Словенија“. Кавадарци – Пандемијата од коронавирус го намали интересот за берење на шумски плодови во Кавадаречко, годинава 25 лица извадиле дозвола за берба на производи од природата. Оваа информација ја потврди за МИА, магистер Петко Ристовски, шеф по заштита на шуми во подружницата „Бор”, при јавното претпријатие „Национални шуми”. -Бројот на заинтересирани за берба на шумски плодови е малку поголем од лани кога имаше извадено 19 дозволи, но многу помал од пред пет години, кога издадовме дури 75 потврди за дозволена берба на плодови во шума, појасни Ристовски. Прилеп – Од денеска за 2 000 земјоделци во Прилепско почна распределбата на картичките за „зелена нафта“. Раководителот на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, Зоран Пачешкоски, информира дека производителите може секој работен ден да дојдат и да си ги подигнат картичките. Тетово - Изминатите 24 часа во тетовската болница две лица на 56 и 86 години починале од КОВИД, а сите болни кои се хоспитализирани се на кислородна поддршка. -Имаме вкупно 116 хоспитализирани луѓе и сите на се кислородна поддршка. Речиси сите се невакцинирани, односно само шестмина примиле само по една доза. Јас би ги замолила сите да се вакцинираат, ова е единствен начин да се заштитиме од оваа пандемија. Сите овие изминаите денови имаме смртни случаи, информира Миранда Пајазити од КОВИД-центарот. Пробиштип – Нема дискусии во однос на моделот на наставата. Комисијата за заразни болести е таа која одлучува за моделот за одвивање на наставата, изјави денеска во Пробиштип министерката за образование и наука Мила Царовска. Таа потврди дека денеска ќе има средба со директорите на средните училишта во државата, а тема на разговор ќе биде стартот на учебната година, а не моделот на наставата. Скопје - Во крајна фаза е изработката на тендерската документација за распишување на тендер за изведба на прва фаза за „Бас рапид транзит“, истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во одговор на новинарско прашање. Тој посочи дека се работи за комплексен проект што не трпи импровизација. Градоначалникот очекува до 15 септември да може да се распише јавен повик за првата фаза, односно квалификациска фаза. Скопје – Започнува есенската акција за обновување на зеленилото во градот Скопје, по потегот од улицата „Московска“ до улица „Париска“, на површина од околу 4000 метри квадратни. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната прес-конференција посочи дека на оваа површина се поставува целосен систем „капка по капка“. Со ваквиот систем ќе се овозможи развој на вегетацијата и подигнување на стандардите за квалитет на зелените површини и одвојување на пешачкиот од велосипедскиот сообраќај. Скопје - Градоначалникот на Охрид, Констанин Георгиески на  прес-конференција соопшти дека денеска е објавен јавен повик за прибирање идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро. Можат да учествуваат сите физички и правни лица, регистрирани за вршење на дејност поврзана со предметот на повикот. -Целта на повикот е вклучување на стручната јавност и граѓаните во процесот на утврдување на активностите и дејствијата за уредување на плажите на крајбрежјето согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство, препораките на УНЕСКО како и постојните законски прописи, рече Георгиески. Штип – Пет лица од источниот регион ја загубија битката со коронавирусот во изминатите 24 часа во штипската Клиничка болница. Станува збор за пациенти од Радовиш, кочанското село Спанчево, Делчево и две лица се од Штип. Во штипскиот ковид центар денеска се хоспитализирани вкупно 53 лица, од кои 45 се во модуларната болница, а осум лица се на Кожното одделение, кои се стабилизирани по третманот во модуларната болница. Според податоците од болницата 37 лица се на кислородна поддршка, а во дневната амбуланта имаат 27 прегледи. Струмица – Јавно и се обраќаме на министерката за култура, преку вас медиумите, со барање доколку назначи в.д. директор, тоа да биде член на драмскиот ансамбл со компетентно високо образование, член на иницијативата „Култура или фискултура“. Ова го побараа денеска на прес конференцијата членовите на ова здружение, откако на 18 август беше објавено дека Управниот суд на 8 јули го поништил огласот за избор на директор на НУЦК „Антон Панов“ од декември лани. Своето барање тие го темелат на тоа што во декември лани се обратиле со писмен допис до министерката Стефоска барајќи да избере компетентен, професионален и стручен кадар за прв човек на институцијата. Во подоцнежните средби со неа, како што велат, разбрале дека дописот не стигнал до неа. Минатата седмица, поттикнати од новонастанатата ситуација, повторно испратиле апел до неа. Кавадарци – Кавадарчанка била нападната од сопругот, а малолетник од двајца сожители, информираше денеска портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски. – Во текот на вчерашниот ден, во ОВР Кавадарци, 54-годишна жена пријавила дека околу 11 часот во семејниот дом во Кавадарци била физички нападната од нејзиниот 59-годишен сопруг Н.О. Седумнаесетгодишник од село Дреново пријавил дека претходната ноќ, околу 23.30 часот, бил физички нападнат од Ф.Б.(23) и Х.Ј.(21), појасни Додевски.  

Остани поврзан