• понеделник, 23 декември 2024

МЗ: Сали одобрил прием на амбулантите и исплата за нив, да престане да манипулира

МЗ: Сали одобрил прием на амбулантите и исплата за нив, да престане да манипулира

Скопје, 15 август 2023 (МИА) - Беким Сали е последен што смее да каже било што за мандатот и неговата работа како министер за здравство, а уште помалку да манипулира за случајот со модуларните амбуланти. Во својот краток мандат, Сали не реши ниту едно од отворените прашања поврзани со амбулантите, не изврши ниту една набавка за лекови навремено заради што страдаат пациентите и не остави ниту едно дело зад себе со кое го унапреди здравството. Oсвен тоа со непреземање, се блокирале процеси, реагира Министерството за здравство на ставовите што поранешниот министер за здравство Беким Сали ги изнесе денеска на прес-конференција.

- Во интерес на вистината, граѓаните треба да знаат точно што има преземено Министерството за здравство по однос на модуларните амбуланти и наследениот хаос кој Сали го остави. Беким Сали крие од јавноста дека со негово одобрение, е направен прием на три амбуланти од страна на Министерството, а тоа се модуларните амбуланти во ЗД Бутел, Лисиче и Ѓорче Петров. Лично тој како министер одобрил и ги примил модуларните амбуланти на 23.09.2022, 19.10.2022 и 22.2.2023, со што изведувачот правно требал да ги наплати, се наведува во реакцијата.

Од Министерството за здравство посочуваат дека осум месеци Сали решил спротивно на она што го потпишал, да не плаќа и да остави свесно државата да сноси правни и тешки финансиски последици.

- Како тоа Сали решил да не плаќа за нешто го одобрил и примил и веќе е во употреба? Дали свесно сакал да изнуди нешто за себе или што точно сакал да постигне должи како одговор. Долгот кој во меѓувреме е акумулиран по основ на камати за доцнење е повеќе од 200.000 евра кои ќе треба да ги платат граѓаните, се посочува во соопштението.

Од Министерството посочуваат дека по преземањето на функцијата од страна на министерот Меџити, писмено е консултирано Државното правобранителство од каде е добиено мислење дека амбулантите мора да се исплатат по приемот.

- По оваа информација, Министерството за здравство достави информација до Влада за наодите и одговорите од Правобранителство, како и предлог како да се надмине спорот, а притоа, да не се исплати побаруваната камата и да се раскине договорот за преостанатите 7 амбуланти за кои не беше започната градбата, посочуваат од Министерството.

До овој момент, според Министерството за здравство, не е исплатено ништо за амбулантите додека Владата не донесе одлука за тоа.

- Беким Сали сега е должен да каже зошто направил прием на амбулантите? Зошто не плаќал цели осум месеци и буквално не контактирал со никој на оваа тема? Дали сакал да изнуди нешто за себе од целата зделка?, прашува Министерството за здравство. бд/бак/

Фото: МИА, Министерство за здравство

 

Остани поврзан