• недела, 15 декември 2024

Меџити: Ја поздравуваме одлуката на Стејт департментот, Али Ахмети време е да признаеш дека згреши

Меџити: Ја поздравуваме одлуката на Стејт департментот, Али Ахмети време е да признаеш дека згреши

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање кој е дел од Коалицијата Вреди, Изет Меџити, денеска на прес - конференција оцени дека одлуката на американскиот Стејт Департмент за ставање на Артан Груби на т.н. црна листа е потврда за исправноста на заложбите на коалицијата, и го повика членството на ДУИ да го напушти како што вели, бродот кој тоне.

-Во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на уште една потврда за исправноста на нашите заложби, одлуки и политички постапки. Се докажа дека нашите укажувања и барања за борба против корупцијата биле исправни и точни. Одлуката на американскиот Стејт Департмент за ставање на Артан Груби на т.н. црна листа забранувајќи му влез во САД е доказ дека се’ што сме зборувале било на место и сме биле во право. Бевме во право кога се боревме против корупцијата. Бевме во право кога баравме ДУИ да се справи со катастрофите во своите редови. Бевме во право кога ги откривме сценаријата на ДУИ за спас на Сашо Мијалков и враќање на Никола Груевски од Будимпешта во Скопје. Ја поздравуваме одлуката на Стејт Департментот да помогне во борбата против корупцијата. Како и секогаш досега САД докажаа дека се наш прв и најзначаен стратешки партнер кој секогаш знае директно и јасно да ни ги посочи проблемите од кои страдаат нашите граѓани и нашата држава, изјави Меџити.

Тој посочи дека, да имала сила ДУИ да се справи со корупцијата во своите редови, Артан Груби никогаш немало да стане вицепремиер во Владата.

-Да имаше сила ДУИ да се справи со корупцијата во своите редови Али Ахмети ќе послушаше кога баравме од него да го тргне и избрка Артан Груби. Да имаше сила Али Ахмети да му застане на падот на Артан Груби, да му го пресечеше патот на корупцијата, да го запираше Артан на патот на соработката со Сашо Мијалков и Никола Груевски ДУИ можеби и немаше да отиде во опозиција. Врските на Артан Груби, но изгледа и врските на Али Ахмети со Сашо Мијалков вчера беа потврдени од нашиот стратешки партнер од американскиот Стејт Департмент. Се уверивме јавно дека Артан Груби бил платен од Сашо Мијалков. Отворено се боревме против Никола Груевски и Сашо Мијалков, но не сите очигледно. Некои соработувале, некои директно како Артан Груби, а некои токму преку истиот Артан Груби соработувале, а и одработувале за нив, вели Меџити.

Тој кажа дека кога барале да се смени Артан Груби од партијата и од вицепремиерската функција биле одбиени, а Али Ахмети немал слух за тоа што навреме му го укажувале и побара од членството на ДУИ да го напуштат раководството.

-Зошто е тоа така Али Ахмети знае, но знаеме и ние. Некој денес не верува дека Артин Груби сам и за себе постапувал. Земал мито и одработувал за ослободување на Сашо Мијалков. Некој денес не верува дека Артан Груби сам и за себе постапувал. Лобирал и одработувал за враќање на Никола Груевски. Али Ахмети време е да признаеш дека згреши. Али Ахмети време е да кажеш зошто Артан Груби беше позначаен од сите искрени членови на ДУИ кои не сакаа да ја гледаат партијата како се распаѓа заради криминалните интереси на поединци околу тебе. Јасно и гласно ги повикувам сите членови на ДУИ да го напуштат тоа раководство. Напуштете го овој корумпиран брод кој тоне. Албанската борба за правда и достоинство ниту започна со ДУИ, ниту ќе заврши со ДУИ, порача Меџити.

Тој, воедно побара од надлежните институции да спроведат истрага за наводите со цел да понесе одговорност секој кој што го прекршил законот.

-Одговорноста е основен принцип во секоја демократска држава. Ги повикувам сите надлежни институции да постапат соодветно, да ги истражат сите наводи и да се обезбеди дека секој што ги прекршил законите ќе одговара. Како одговорна Влада ќе продолжиме да се залагаме за реформи кои ќе го зајакнат владеењето на правото, ќе ја искоренат корупцијата и ќе ја обноват довербата на граѓаните во институциите. Нашиот ангажман ќе биде насочен кон изградба на праведно, транспарентно и ефикасно управување со јасна одговорност пред граѓаните. Нашата земја нема простор за компромиси кога станува збор за правдата. Затоа ги повикувам сите политички фактори и институции да ја стават транспарентноста и одговорноста на врвот на нивните приоритети. Само така ќе ја задржиме довербата на граѓаните и ќе ја осигураме европската иднина на Северна Македонија, посочи вицепремиерот Меџити и лидер на Демократското движење, кое е дел од Коалицијата Вреди. вг/ац/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан