Меѓународниот балкански универзитет одржа комеморативна програма за жртвите во пожарот во Кочани
- ИБУ информира дека почна и иницијатива за донации во рамките на универзитетот. На кампусот беа поставени кутии за донации, овозможувајќи им на студентите, професорите и вработените да придонесат за значајна кауза. Собраните средства ќе бидат донирани на семејствата на жртвите.

Скопје, 20 март 2025 (МИА) - Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) одржа комеморација во чест на жртвите кои ги загубија своите животи во разорниот пожар во Кочани, со цел сеќавање на загинатите и изразување длабоко сочувство до нивните семејства и блиски. Церемонијата почна со едноминутно молчење, при што студентите, академскиот кадар и административниот персонал им оддадоа почит на жртвите. Потоа, присутните положија цвеќе на одредена спомен-локација и потпишаа книга на сеќавања, споделувајќи ги своите мисли, молитви и пораки на поддршка за семејствата во жалост.
Како дел од својата заложба за солидарност и сочувство, ИБУ информира дека почна и иницијатива за донации во рамките на универзитетот. На кампусот беа поставени кутии за донации, овозможувајќи им на студентите, професорите и вработените да придонесат за значајна кауза. Собраните средства ќе бидат донирани на семејствата на жртвите.
ИБУ изразува најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на оние кои ги загубија животите во оваа трагедија.
-Нашите мисли и молитви се со нив во овој тежок момент. Нека жртвите почиваат во мир, а нивната меморија да живее вечно, наведува Универзитетот. мч/са/
Фото: МИА архива