• сабота, 21 декември 2024

Мецола: Да не ги разочараме милионите луѓе кои на Европа гледаат како на свој дом 

Мецола: Да не ги разочараме милионите луѓе кои на Европа гледаат како на свој дом 

Брисел, 27 септември 2023 (МИА) - Добро е што ја имаме 2030 година како датум на масата за проширување на ЕУ, но наместо на датумот, да се фокусираме на чекорите од преговорите, затоа што од моето искуство кога мојата земја Малта беше кандидат за членство, можам да кажам дека се потребни чекори и колку побрзо ги исполнувате препораките што ви се даваат, толку побрзо ќе бидете подготвени да го направите следниот чекор, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во интервју за Европската редакција (ЕНР), мрежа на новински агенции од цела Европа, чија членка е и МИА.  

- Секоја земја има свој пат, но да не ги разочараме тие милиони луѓе кои на Европа гледаат како на свој дом, нагласи Мецола. 

Според неа, дури и ако Украина и Молдавија се подготвени за старт на преговорите за членство, тогаш треба да им се овозможи да го започнат преговарачкиот процес, чекор по чекор.  

- Јасно е дека треба да бидеме прилагодливи кон она што сакаме да го добиеме со она како ги обновивме и реконструиравме земјите членки при проширувањето. Се надевам дека ова ќе биде главен фокус на средбата на Европската политичка заедница следната недела, додаде Мецола. 

Таа потсети дека следната година ќе се навршат 20 години од „големото проширување“ во 2004 година кога во Унијата беа примени 10 нови членки. 

- Трансформацискиот ефект на членството во ЕУ врз сите овие десет земји беше неверојатен. И тоа е таа работа што треба да продолжиме да ја гледаме, потенцира претседателката на ЕП. 

Мецола нагласи дека како и што кажа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при обраќањето за „Состојбата на Унијата“ пред Европскиот парламент кон средината на месецов, проширувањето и прилагодувањето на ЕУ не се исклучуваат меѓусебно. 

- Но, тоа е она што исто така бара работа. Како гледаме на следните пет години? Како ќе преговараме за она на што во суштина е ставен акцентот кој треба да се разгледува? Како гледаме на проширувањето? Кога зборуваме за реформи, како ќе бидеме подготвени? Ние направивме огромен реформски процес во Парламентот со цел да бидеме прилагодливи на следната Комисија. Како да ги сослушуваме комесарите? Како да бараме поголема одговорност од Комисијата?, изјави Мецола, додавајќи дека за сите реформи ќе мора да се води „многу тешка дискусија“ со Советот на ЕУ, односно со земјите членки.

Според неа, кога станува збор за проширувањето не треба да се заборави и заглавениот процес на зачленување на Романија и Бугарија во Шенген зоната, чии прием го блокираат Холандија и Австрија во Советот на ЕУ. 

- Тоа (прашање) доаѓа, знаете, на декемвриски Совет. Значи на ова мислев. Тешкотиите се таму, истакна Мецола. 

Таа потенцира дека една од најзначајните придобивки на ЕУ и она што луѓето надвор од неа или во Романија и Бугарија го гледаат кога размислуваат за Унијата, е дека има слобода на движење.  

- Слободата на движење значи дека можете да патувате, да работите. Колку всушност чини од економска гледна точка, не од аспект на миграција, од хумана гледна точка, тоа што стоки се заглавени на границите... Причината или инстинктот за затворање на границите е затоа што нашата надворешна гранична политика не функционира доволно добро. Со други зборови, ако успееме да имаме соодветни проверки, соодветни процеси на надворешната граница, нема да има потреба да се грижиме и да воведуваме внатрешни граници. И мислам дека тоа е нешто што ние што носиме одлуки треба да се запрашаме: дали функционира нашата миграциска политика на надворешната граница... Јас сум убедена дека ако нашата надворешна гранична политика е кохерентна и конзистентна, нема да ни треба да имаме толку многу граници, порача Мецола.

Претседателката на ЕП нагласи дека во однос на реформите, пред една година со неверојатни церемонии на отворање и затворање со одржа Конвенцијата за иднината на Европа, на која се собраа граѓани од целата Унија за да се разговараа иднината не ЕУ. 

- И оттогаш апсолутно ништо не се случи. Мислам дека тоа е нешто за што треба да покренеме прашање. Да бев граѓанин, а тоа го знам затоа што порано бев младински активист, ќе бев прилично лута на моите лидери ако не направеа ништо. Сега можете да кажете, што значи да се направи нешто? Знаете, можете да започнете со промена на Договорот, можете да завршите со промена на Договор, порача Мецола. 

Таа во интервјуто се осврнува и на изборите за Европскиот парламент во јуни 2022 година, нагласувајќи дека ЕУ следната година ќе ја очекува многу работа, но изразува и оптимизам дека таа ќе биде успешно завршена.  

- Значи, пред нас тука е голема работа, но прилично сме уверени дека ќе успееме да продолжиме со започнатото. Би сакала да кажам Европа не е само работење од криза до криза, туку таа се обидува да го насочи погледот кон тоа каква Европа сакаме, вели Мецола. 

Таа не стравува дека одржувањето на европските избори во јуни, наместо како досега во мај и евентуалната помала излезност на гласачите, би донела повеќе пратеници на екстремистички партии и нагласува дека треба да се работи со граѓаните, да им се објаснат европските политики и да се стимулираат да излезат на гласање.  

- Имаме граѓани кои се фрустрирани, кои се чувствуваат маргинализирани, кои се чувствуваат игнорирани од главните партиите..., кои губат гласови и запрашајте се зошто? Затоа што тие не зборуваат доволно со оние луѓе кои се маргинализирани, кои немаат работа, кои се во рурални средини, кои се чувствуваат напуштени или кои се во урбани средини, а кои се чувствуваат незаштитено. Треба да се справиме со тоа, порачува Мецола. 

Таа смета дека сепак и во следниот состав на Европскиот парламент мнозинството ќе го задржат партиите од „проевропскиот конструктивен центар“.  

- А тоа ќе значи дека следниот Парламент ќе може да го избере својот претседател од тој центар, ќе можеме да го избереме следниот претседател на Комисијата од тој центар и да продолжиме понатаму, затоа што ова е позитивно. Што се однесува до претседателката на Комисијата, мислам дека таа заврши многу добра работа. Таа немаше лесен мандат, ако само се потсетите низ што се поминавме. Мислам дека можеме да се гордееме и со фактот дека ја имаме првата жена претседател на Европската комисија, која се соочи со предизвиците и заврши многу добра работа, потенцира Мецола. 

Претседателката на претставничкото тело на ЕУ е оптимистка дека и во следниот состав Европскиот парламент ќе продолжи да ја покажува својата моќ, ќе ги претставува граѓаните и ќе биде многу проевропски, конструктивен и ориентиран кон луѓето при носењето на своите одлуки.  

- Би рекла дека се зависи од волјата. Можете да се криете зад правните пречки и да кажете: Виновен е Советот или Комисијата. Јас сум претседателка на Парламентот, сакам да бидам играч на масата и сакам да бидам таа што всушност носи решенија, а не што блокира. Се обидов да го сторам тоа во текот на изминатите речиси две години од моето претседавање. Не беше лесно, вели Мецола. 

Според неа, за пет години, колку што трае мандатот на органите на ЕУ, може да се направат многу позитивни работи за европските граѓани и да им се покаже на луѓето дека политиките што ги спроведуваат институциите на Унијата во преден план го имаат човекот. 

Роберта Мецола е членка на Европскиот парламент 2013 година, избрана како кандидатка на малтешката демохристијанска Националистичка партија (ПН), која е дел од Европската народна партија (ЕПП). Од ноември 2020 година е потпретседателка на ЕП, а по смртта на дотогашниот прв човек на Европарламентот, Давид Сасоли, Мецола во јануари 2022 година е избрана за негова претседателка. Таа е најмладиот претседател на ЕП досега, прва Малтежанка на оваа функцијата и првата жена што раководи со претставничкото тело на ЕУ по 2002 година.  

  * * * * *

Европската редакција (ЕНР) е проект за соработка помеѓу новинските агенции од цела Европа – дпа, АФП, АГЕРПРЕС, АНСА, АПА, АТА, Белга, БТА, ЕФЕ, Еуропа Прес, ФЕНА, ХИНА, МИА, ПАП, СТА, Танјуг, ТАСР и УКРИНФОРМ. Агенциите-учеснички имаат можности за обука, доедукација и заеднички развој на новинарски стандарди. Алатките како што се проверките на фактите и верификацијата помагаат да се поддржи квалитетното новинарство преку спротивставување на растечкото ширење на дезинформации и пропаганда. Преку ЕНР, на европските агенции им се дава еднаков пристап до информации, што го отвора патот за сеопфатно и разновидно известување преку државните граници. Професионалното известување за ЕУ и Европа, дистрибуирано преку ЕНР, ги информира луѓето во нивните земји на непристрасен и независен начин. Накратко, станува збор за европски агенции што работат заедно – на еднакво ниво и преку граници. Тоа не е само идејата зад редакцијата, туку и идејата зад обединета Европа. сп/ац/

Фото: ЕНР

Остани поврзан