Метелко-Згомбиќ: Да ги поддржиме земјите од Западниот Балкан во исполнување на условите за членство во ЕУ
- Проширувањето на ЕУ е една од политиките што е исклучително важна за сите шест земји од Западниот Балкан и претставува шанса секоја од нив да спроведат реформи и да ги исполнат бараните услови за членство во Унијата, изјави денеска хрватската државна секретарка за Европа, Андреја Метелко-Згомбиќ.
Брисел, 28 јануари 2025 (МИА) - Проширувањето на ЕУ е една од политиките што е исклучително важна за сите шест земји од Западниот Балкан и претставува шанса секоја од нив да спроведат реформи и да ги исполнат бараните услови за членство во Унијата, изјави денеска хрватската државна секретарка за Европа, Андреја Метелко-Згомбиќ.
- Така ќе можат да се трансформираат, да се соочат со минатото, подобро да ги развиваат добрососедските односи, да придонесат за регионалната соработка и би рекла вистински да придонесат за благосостојбата на сопственото население и за зајакнување на економијата, истакна Метелко-Згомбиќ пред почетокот заседанието на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел.
Таа изрази задоволство што проширување ќе биде во фокусот во следниот период, посочувајќи дека ЕУ треба да ги поддржи земјите кандидати за членство за да ги реализираат сите потребни напори за пристапување кон Унијата.
Според неа, сеопфатниот принцип на приоритетите на Полското претседателство со ЕУ за поголема безбедност на Унијата, значи и фокусирање на проширувањето, бидејќи тој процес придонесува за стабилноста и безбедноста на блокот и неговото соседство.
- Хрватска отсекогаш била поддржувач на процесот за проширувањето и ние навистина веруваме дека ако овој процес е заснован на заслуги и ако има трансформативна моќ за земјите кандидати, тогаш навистина може да биде успешен и тогаш навистина може да биде од корист и за нив и за европските земји, истакна Метелко-Згомбиќ.
Според неа, само доколку реформите поврзани со приближувањето кон ЕУ се спроведат и тоа на правилен начин, тогаш тие ќе можат да придонесат за трансформирање на една земја кандидат за членство.
- Всушност ова е најголемата придобивка од целиот процес на проширување, додаде Метелко-Згомбиќ. сп/
Фото: Скриншот