Мелони бара поголема мобилизација на приватниот капитал за одбраната
- Одбраната на Европа во сите нејзини димензии, вклучително и финансирањето, беше главна тема на денешната билатерална средба меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и италијанската премиерка Џорџа Мелони во Брисел.

Брисел, 20 март 2025 (МИА) - Одбраната на Европа во сите нејзини димензии, вклучително и финансирањето, беше главна тема на денешната билатерална средба меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и италијанската премиерка Џорџа Мелони во Брисел.
Како што соопшти Кабинетот на Мелони, на средбата одржана пред денешниот Самит на ЕУ, италијанската премиерка ја истакнала потребата од мобилизирање на приватниот капитал и обезбедување на „вистинско заедничко финансирање“ на одбраната, со цел дополнителните одбранбени трошоци да не влијаат на висината на националниот долг на земјите членки.
Во пресрет на Самитот, Мелони изрази резерви кон планот на Европската комисија за зголемено финансирање на одбраната, посочувајќи дека тој не е доволен, затоа што главно се заснова на користење средства од државните буџети, нагласувајќи дека Италија „нема фискален простор“ за нешто такво. сп/
Фото: Италијанска Влада