• петок, 08 ноември 2024

МЕД: Изработка на акциски план за решавање на проблемот со дивите кучиња

МЕД: Изработка на акциски план за решавање на проблемот со дивите кучиња
Скопје, 29 август 2022 (МИА) - Да се изработи акциски план со конкретни мерки, временска рамка, буџетски ставки и се што е потребно во долгорочен период да се реши проблемот со дивите кучиња кои се потенцијален проблем за биодиверзитетот во нашите еко системи е заклучокот од денешната трибина на тема „Напуштени кучиња во дивина и нивното влијание кон дивиот свет“ во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД). На трибината, како што информира Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни при МЕД, се разговарало за заштитата на балканскиот рис и на волците. - Пола од општините немаат свои прифатилишта, а законска обврска им е да имаат, што значи дека овие прифатилишта во голема мера ќе помогнат голем дел од дивите кучиња во руралните средини да бидат стационирани и понатаму со нив да се постапи хумано, а со тоа да се помогне и на волците и на рисовите кои живеат во природа, рече Меловски во изјава по трибината. Тој посочи дека голем дел од дискусијата била насочена кон преземањето конкретни одговорности од институциите. - Неспроведувањето закони доведува до многу проблеми кои остануваат нерешени, но и многу одговорности кои ги имаат и самите општини во руралните средини, од немање капацитет, немање средства, немање логистички можности да се решаваат овие проблеми, но и неспроведување на законите и немање никаква одговорност понатака, вели Меловски. Според него, решението не може да дојде преку ноќ, бидејќи и самиот проблем не е направен преку ноќ. Овој проблем со дивите кучиња и во урбаните и во руралните средини се случувал претходните триесетина години. - Решението дури и буквално од утре да почнат да постапуваат како што треба одговорните институции нема да може да се реши во наредните година, две. Меѓутоа, овој проблем треба да се постави или решението треба да се постави на стабилни нозе. Треба секој да биде свесен за тоа која му е одговорност, нагласи Меловски. Тој смета дека државата треба на некој начин да постапи со одредени субвенции, бидејќи, како што рече, доколку треба да се стерилизираат дивите кучиња, за тоа ќе бидат потребни пред се финансиски средства и капацитети во однос на ветеринари кои ќе бидат постојано на терен и кои ќе бидат во можност што повеќе од тие кучиња да ги стерилизираат. - Прв податок што го слушнав беше дека доколу се стерилизираат околу 75 посто од дивите кучиња на одредена област може да очекуваме во наредниот период да има стабилизиација и намалување на приносот на диви кучиња што е на некој начин праг кој досега не го знаев и кој можеби е одредена цел на секоја општина за да се реши овој проблем, посочи Меловски. Додаде дека освен тоа што претстои опасност за самите жители во руралните средини, пред се децата, и самите кучиња страдаат бидејќи се наоѓаат во непознати услови, треба релативно брзо да се адаптираат на новонастанатите услови и многу од нив угинуваат. - За доброто на човекот, дивите кучиња, но и на сите други диви животни кои се наоѓаат во шумите е да има што помалку или воопшто да ги нема дивите кучиња. Така впрочем функционираат и сите поразвиени земји. Кај нив буквално нема шанси да се сретне диво куче и за секое напуштено куче во наредниот час се интервенира, има служби кои постапуваат на терен доколку некој пријави такво диво куче .Едноставно треба да целиме кон тоа, рече Меловски, додавајќи дека вдомувањето кучиња решава дел од проблемот, но не целосно. За да се отпочне посистемско решавање на овој проблем на трибината учествуваа претставниците од секторот за ловство од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Инспекторатот за животна средина, ЈП „Лајка“, Агенцијата за храна и ветеринарство и од невладината организација „Анима мунди“. мс/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан