• среда, 27 ноември 2024

МД „Илинден“- Тирана: Честит и вековит 23 Октомври до сите Македонци

МД „Илинден“- Тирана: Честит и вековит 23 Октомври до сите Македонци

Тирана, 23 октомври 2024 (МИА) - Македонското друштво „Илинден"-Тирана по повод празникот 23 октомври – Ден на македонската револуционерна борба,  упати честитка до „сите Македонци каде и да се, со искрени желби за мир, благосостојба и подобра иднина“.

-Од името на сите Македонци кои живеат во Албанија, упатуваме честитки, по повод големиот празник, 23 октомври, Денот кога е формирана македонската револуционерна организација, која е олицетворение на македонскиот непокор. Овој голем национален празник е потсетник за првата семакедонска организација и нејзината најголема цел да го обедини македонскиот народ и да ја исполни вековната желба за слободна татковина. Да го почитуваме и славиме овој голем ден, се наведува во честитката.

Честитајќи им го денот, друштвото потсетува дека Денот на македонската револуционерна борба е „еден од трите светли датуми кои го одбележаа векот за обнова на македонската државност“.

Нагласува дека на овој ден, пред 131 години во Солун била основана Внатрешната Македонско - Одринска Револуционерна Организација, која се бореше за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор.

-Формирањето на ВМРО значеше почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, преку НОВ резултира со создавање модерна самостојна македонска држава. Да е вечен македонскиот револуционерен идеал, да го почитуваме и славиме овој голем ден, стои во честитката потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај. вт/дма/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан