• среда, 27 ноември 2024

МД„Илинден“-Тирана: Ги осудуваме обидите на Софија со злоупотреба на здравјето на жителите во областа Мала Преспа да ги направи Бугари

МД„Илинден“-Тирана: Ги осудуваме обидите на Софија со злоупотреба на здравјето на жителите во областа Мала Преспа да ги направи Бугари

Дебар, 22 август 2023 (МИА) – Македонското друштво „Илинден“-Тирана „најостро ги осудува произволните и крајно навредливи изјави во однос на населението во областа Мала Преспа како бугарско“, во однос на реализирањето бесплатни здравствени прегледи во општина Пустец од страна на фондацијата „Бугарска меморија“.

Како што стои во реакцијата, Фондацијата „Бугарска меморија“ објавила дека од 18 до 20 овој месец, лекари од Бугарија вршеле бесплатни превентивни прегледи во „области со бугарско население во Република Албанија“.

- Секому е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз македонското национално малцинство во Република Албанија. Фактот што ефектот од сите тие фрлени средства за денационализација на Македонците во Република Албанија досега не го донесе посакуваниот ефект, секако ги алармира сите сили во правец на насилно побугарување на Македонците во Република Албанија, а особено во областа Мала Преспа, наведува друштвото.

Додава дека и на Македонците низ цела Албанија им е јасно дека акцијата за бесплатни прегледи на пациенти треба да биде дополнителна мамка за населението во областа Преспа за негово изјаснување како Бугари на претстојниот попис во Албанија.

- За Бугарија, како држава, еден од приоритетите при докажувањето дека Македонците во Македонија се Бугари, претставува и одржувањето на монструозната измислица дека, ние, Македонците од Албанија ќе се побугариме и дека тие кои ги имаат нашите лични податоци би ги искористиле и од нас би направиле Бугари на хартија со измама на пописните резултати. Изразуваме жалење што највисоките личности на албанската држава дозволуваат да бидат уценувани од бугарските политичари за сметка на македонското население во Албанија и што потклекнуваат пред тие уцени. При тоа, цената на уцените во однос на Софија на Република Албанија, политичкиот врв на нашата држава ја плаќа со нашата национална припадност и нашето национално достоинство како Македонци, се наведува понатаму во реакцијата.

Македонското друштво „Илинден“-Тирана се обраќа и до европските институции.

- Ги повикуваме европските институции, кои тврдат дека се темелат на демократското однесување во однос на основните човекови права, да се позанимаваат со суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари врз македонското национално малцинство во Република Албанија. Напоменуваме, дека досегашното нереагирање од страна на државните институции за заштита на сопствените жители Македонци, доведе до крајно дрски и насилнички атаци врз Македонците во Република Албанија, посочува друштвото во реакцијата.

Инаку, бесплатни кардиолошки прегледи, во село Пустец, организирала Фондацијата „Бугарска меморија“, заедно со бугарската „Аџибадем сити клиник“. вт/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан